Денес, Синдикатот на УПОЗ писмено се обрати до Министерката за правда Рената Дескоска, во врска со одржаниот протест на 15.11.2019 година во сите судови во Р.Северна Македонија, кое го пренесуваме во целост:
"Синдикатот на УПОЗ, заедно со Здружението на судската администрација, поттикнати од незадоволството на вработените во Судската служба, заради нецелосната и селективна исплата на вработени кои штрајкуваа во судовите во 2016 година а за кои се обезбедени средства, како и од одлуките за додатоци на плата и нееднаков третман на вработените за месеците септември и октомври, на ден 15.11.2019 година, одржаа протест пред судовите во РСМ, во траење од 09.30 – 11.00 часот.
Имајќи го предвид и ценејќи го Вашиот досегашен ангажман околу подобрувањето на статусот на вработените во Судската служба, како што е измената на Законот за судска служба, донесен во 2018 година, со која и судските службеници добија право на додаток на плата, очекувавме позитивен сигнал, во знак на поддршка од Ваша страна, затоа што овој протест оди само во прилог на Вашите заложби за реформи во судството. Но наместо поддршка незаслужено и неоправдано добивме осуда.
Се согласуваме со Вас дека има пропусти во работењето на судовите. Застаруваат предмети, има корупција, дел од странките во постапките се привилегирани за сметка на други и.т.н. но, каде е овде вината на вработените во Судската служба?
Дали постои законска, но и реална можност вработен во Судската служба, да му влијае на судијата да закаже предмет во законски рок? Може ли судски службеник да спречи да се корумпира одреден судија? Сепак контролата е во рацете на Судскиот совет.
Наместо да имаме соодветен третман како и судиите, кои се до толку незаинтересирани, што тешко сфаќаат дека и вработените во Судската служба се дел од тимот, кој им е неопходен за успешно да ја завршат работата. Затоа имајте повеќе доверба во Судската служба, и тие можат како и досега да ги детектираат проблемите во судството и да помогнат во пронаоѓањето на најдобрите механизми за нивно отстранување за да се постигне крајната цел, подобро судство.
Истовремено не радува и за почит е поддршката на Претседателот на најголемиот суд во РСМ - Основниот суд Скопје 1, донеодамна наш истакнат член на Синдикатот на УПОЗ, кој покажа доблест и свест за значењето и улогата на Судската служба во процесот на работењето на судовите. Се надеваме дека во иднина повеќе негови колеги ќе се одважат и отворено ќе проговорат и ќе ни ја дадат потребната поддршка.
Очекуваме, во наредниот период да го употребите Вашиот авторитет и да помогнете да се отстранат неправдите кои беа причини за многу штрајкови, незадоволство и протести како што беше и овој, се надеваме, последен протест.
Затоа уште еднаш Ве потсетуваме дека бараме, да се вратат парите од штрајкот на сите на кои им беа задржани, бидејќи парцијалната исплата направи уште поголем раздор и незадоволство. Потоа, итно да пристапите кон нашите реални барања за измена на Законот за судска служба со кој поинаку ќе се определи позицијата на Судската служба. Со сегашното законско решение таа е “ни на небо, ни на земја”, оставена сама на себе и на оние кои воопшто не сакаат да сфатат дека постои Судска служба, високо професионална служба која дефинитивно заслужува поинаков третман од државата.
Во оваа насока ќе го споменеме и досега многу пати поставеното наше барање за учество односно претставник на Синдикатот во Судскиот буџетски совет и во Советот на судска служба.
Сметаме дека само на тој начин и со Ваша поддршка која досега ја имавме, можеме да сметаме дека незадоволствата, протестите и штрајковите во судовите треба да бидат минато."