ПИСМЕНО ОБРАЌАЊЕ ДО ПРЕТСЕАДТЕЛОТ НА СУДСКИОТ БУЏЕТСКИ СОВЕТ ПО ОДРЖАНИОТ ПРОТЕСТ

Синдикатот на УПОЗ денес се обрати до претседателот на Судскиот буџетски совет Киро Здравев кое го пренесуваме во целост: 

"Синдикатот на УПОЗ, заедно со Здружението на судската администрација (ЗСА), поттикнати од незадоволството на вработените во Судската служба, заради нецелосната и селективна исплата на вработените кои штрајкуваа во судовите во 2016 година а за кои се обезбедени средства, како и од одлуките за додатоци на плата и нееднаков третман на вработените за месеците септември и октомври, на ден 15.11.2019 година, одржаа протест пред судовите во РСМ, во траење од 09.30 – 11.00 часот.

Имајќи го во предвид и ценејќи го Вашето досегашно залагање и ангажираност околу исплатата на вработените кои штрајкуваа во 2016 година, сметаве со целосна исплата тој процес ќе го заокружиме до крајот на оваа година, како и исплата на додатоците на плата и ќе имаме малку порелаксирана атмосфера во судовите која ќе ни овозможи со дијалог и разбирање да дојдеме до ново решение за статусот на Судската служба во која треба да влезат сите вработени.

Меѓутоа немањето волја за решавање на овој проблем, со што ќе се создадеше доверба кај вработените дека проблемите почнаа да се решаваат во судовите, и натаму има огромен револт и незадоволство.

Затоа веруваме дека после ова обраќање до Вас и Судскиот буџетски совет, најитно ќе смогнете сили и ќе изнајдете можности да ги исплатите сите вработени кои учествуваа во штрајкот за кои се обезбедени и префрлени средства во Судскиот буџет.

И покрај договорот што го постигнавме заедно со Вас, Синдикатот на УПОЗ и ЗСА, дека процентот на додатоци на плата ќе биде еднаков и за судиите и за Судската служба, со цел да не се прави незадоволство, а особено ова да се почитува до конечната исплата на парите наменети за учесниците во штрајкот во 2016 година, во последните месеци овој договор беше прекршен.

Затоа од Вас како претседател на Судскиот буџетски совет и од неговите членови бараме најсериозно да ја сфатите пораката од одржаниот протест на 15.11.2019 година, како и на забелешките кои ги посочи Министерот за правда.

И во оваа прилика сакаме да Ве потсетиме Вас и целата судска фела, дека покрај Вас во судовите има и други вработени, Судска служба, одговорна и високо професионална која секогаш ја заборавате а особено кога треба да се оствари некое поголемо право.

Апелираме преку Вас да го испратите нашиот апел до судиите да покажат поголема солидарност со Судската служба во која спаѓа и помошно - техничкиот персонал, кои се дел од тимската работа која ако затаи мошне негативно ќе се одрази на ефикасноста на судовите.

Затоа очекуваме во најбрз можен рок да разговараме за овие отворени прашања и да бидеме поканети на првата наредна седница на Судскиот буџетски совет со цел да ги искажеме нашите барања а Вие да покажете поголема транспарентност во работата на Судскиот буџетски совет.

Сметаме дека само на тој начин и решавање на проблемите, штрајковите, протестите и незадоволството ќе станат минато.

На крајот само да Ве потсетиме дека на протестот од 15.11.2019 година, членовите го поставуваа прашањето, кога ќе биде следниот протест или штрајк?

Се надеваме дека не е во Ваш ни во интерес на судиите проблемите и понатаму се да ескалираат."