ПОТПИШАН КОЛЕКИВЕН ДОГОВОР ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА КАТАСТАР НА НЕДВИЖНОСТИ

По неколкумесечно преговарање и  помеѓу работните групи, денес на 24.10.2019 година беше потпишан Колективен договор за вработените во Агенцијата. Двете страни се задоволни и се надеваат дека со овој договор се унапредени правата од работен однос.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) Пецо Грујовски, претседателот на синдикалната организација при Агенцијата за катастар и недвижности, Љубиша Јовановски и директорот на Агенцијата, Борис Тунџев го потпишаа Колективниот договор за вработените во Агенцијата за катастар на недвижности.

Правата усогласени во Колективниот договор на Агенцијата за катастар на недвижности ќе важат за 857-те вработени.

Колективниот договор предвидува јубилејни награди, како и исплата на К-15, но во делот на регресот на годишен одмор стои формулацијата „со одлука за извршување на буџет“, што значи дека доколку биде потпишан Гранскиот колективен договор за администрација тогаш исплатата автоматски ќе важи и за вработените во Катастарот.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ при потпишувањето посочи дека наишле на одличен соговорник во директорот на Агенцијата и дека на Колективниот договор е работено систематски, без условувања.

Дојдовме до еден совршен Колективен договор кој е одлична стимулација за вработените и мислам дека во целост ќе ги оправдаме нивните барања. Сакам да апелирам до вработените во Агенцијата на максимална ангажираност за да ја оправдаме довербата што ја имавме од страна на работодавачот и стимулот кој е даден за работа во иднина, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Директорот на Агенцијата Борис Тунџев се надева дека со потпишувањето на договорот вработените ќе ги добијат очекуваните права бидејќи во него се опфатени погодности кои во изминатиот период не биле предвидени. Според него Колективниот договор и неодамнешното покачување на платите, треба да биде дополнителна мотивација за вработените во Катастарот.

„Сите граѓани мора и требаат да излегуваат задоволни од оваа институција бидејќи ги решаваат горливите проблеми поврзани со имотните прашања, меѓутоа од друга страна на шалтерите треба да постојат одговорни вработени кои ќе ја работат својата работа максимално совесно и во таа насока беше и зголемувањето на платите за вработените, рече Тунџев по потпишувањето на договорот.

Од синдикалната организација при Агенциајта за катастар на недвижности се задоволни од потпишаниот колективен договор и од неодамнешното покачување на платите кои сега просечно изнесуваат 26 илјади денари, а минималната 16 илјади денари што е далеку над просекот којшто го имале порано. Како што рече претседателот на синдикалната организација при Катастар на недвижности Љубиша Јовановски, Колективниот договор беше во процес на преговори две години и ги зголемува правата на работниците.

„Со овој договор вработените во Агенцијата за катастар на недвижности го добија правото на зголемени работни часови, правото на слободни денови и отсуство од работа, правото на регрес за годишен одмор односно популарниот К-15 и исплата на јубилејни награди независно каде ги направиле годините на стаж како и зголемени правата од безбедност при работа. Наша задача е да го зголемиме и додатокот на платите кој сега е 15 отсто на 30 отсто”, посочи Јовановски.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски ја искористи можноста на чинот на потпишувањето на овој Договор да истакне дека еден од приоритетите на Синдикатот на УПОЗ е потпишувањето на што повеќе колективните договори на ниво на работодававач. Информираше дека досега се потпишани 15 колективни договори со институции, а десет се во подготовка. Најави дека следниве денови треба да бидат потпишани уште три-четири колективни договори, а прв се очекува да биде потпишан Колективниот договор со ЈП Службен весник на РСМ.

Оваа прилика се искористи и да се најави и потпишувањето на Гранскиот Колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата, со кој се очекува вработените во јавниот сектор и правосудството од следната година да добиваат К-15 и јубилејни награди а овој договорено ќе биде потпишан помеѓу Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација.