На уште една во низата средби со министерката за правда Рената Дескоска чекор по чекор ги затвораме отворените прашања. Во нашиот фокус проблемите во правосудството: судовите, јавните обвинителства и Казнено поправните установи.
Претставниците на Синдикатот на УПОЗ, остварија уште една средба во низата со министерката за правда Рената Дескоска на која се разговараше за проблемите во правосудството: судовите, јавните обвинителства и казнено поправните установи, со цел да се потенцираат уште еднаш барањата на синдикатот.
Во таа насока, Синдикатот на УПОЗ ја искористи можноста да побара побрзо решавање на отворените проблеми и договор за нивна реализација, но и учество на синдикатот во донесувањето на сите акти кои се значајни за вработените во правосудниот систем.
Беше активирано прашањето со измена на Законот за судски службеници со што на вработените во судовите ќе им се реши нивниот работно правен статус бидејќи сегашното решение не нуди сигурна позиција во работниот однос. За проблемите на вработените во судовите е оставено да решава Судскиот Совет, кој најчесто се прогласува за ненадлежен, што, пак од друга страна резултира со многу протести во судовите.
Токму затоа, Синдикатот на УПОЗ на средбата потворно го потенцираше барањето кое го протежира, а тоа е дека во измените на Законот потребно е да се предвиди посебно тело што ќе се грижи за вработените и нивниот работно правен статус, платите, додатоците, со непосредно учество во работата на Судскиот буџет, како и учество на претставници на синдикатот во Советот на судската служба. Истото ова барање се однесува и на Судскиот буџеткси совет. Синдикаот смета дека само на тој начин може да влијае во подобрување на позицијата во судската служба и во остварување на нивните барања и права кои им следуваат.
Во надлежност на Министерството за правда е донесувањето на Правилникот за додатоци на судската полиција за кој со години наназад се разговара и оваа средба беше уште една можност да се укаже на важноста од донесувањето на овој документ. Правилникот е во завршна фаза, и е доставен на разгледување до Министерството за правда и до Министерството за финансии. Се очекува негово разгледување и одобрување од страна на Министерството за финансии. И министерката Дескоска очекува позитивен одговор од Министерството за финансии, по што конечно и судската полиција ќе може да го остварува ова право.
Се поразговара и на тема Буџет на правосудството и се постави прашањето дали со Буџетот ќе бидат предвидени само материјалните средства или се предвидени и покачувања на платите, при што начелно е договорено да се разговара во врска со ова прашање со Министерството за финансии.
Во однос на вработените во јавно обвинителската служба, Синдикатот на УПОЗ од страна на министерката Рената Дескоска побарано најитно донесување на Правилниците со кои се регулираат одредени позиции во јавно обвинителската служба. Министерката се заложи тој процес да се интензивира и тие во најбрз можен рок да се донесат. Беше разговарано за можноста од нови вработувања, за додатоците на плата и посебно за додатоци кои следуваат со закон до 30 %, а довбиваат само 5% и тоа е ураниловка што за синдикатот е неприфатлива. Дескоска вети дека ќе се посвети и на овие барања и во наредниот период ќе се донеат измените на законот.
Синдикатот го постави и прашањето за натамошното функционирање на Бирото за судски вештачења со оглед на тоа што во јавноста се појавија одредени информации дека Бирото ќе биде укинато. Министерката смета дека ова Биро треба да продолжи да функционира на начинот на кој функционирало и досега.
На крајот на средбата Синдикатот на УПОЗ побара интезивирање на преговорите за Колективни договори за вработените во Казнено поправните установи и Воспитно поправните домови.
„Побаравме во делот на судовите за судската служба еден поинаков статус во Законот за судска служба со кој ќе се решат многу проблеми и веќе судските службеници да си го добиваат она што го заслужуваат, не само како плата, како парична награда, туку и како позиција и како статус бидејќи со сегашниве законски решенија судските службеници се ни на небо ни на земја. Верувам дека наскоро и судската полиција ќе го добие она што им следува законски како додаток до 20 посто” изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски за медиумите.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) останува посветен на затворање на отворените прашања во интерес на вработените и за подобрување на нивниот статус.