ПРИБЛИЖУВАЊЕ НА СТАВОВИТЕ ЗА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ПОМЕЃУ СИНДИКАТОТ НА УПОЗ И МИОА

Вчера во Министерството за информатичко општество и администрација продолжија преговорите за Колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата. Синдикатот на УПОЗ и МИОА се на добар пат да постигнат договор за последните спорни прашања: за регресот за годишен одмор, исплатата на дневници за службени патувања во земјата, како и за јубилејните награди.

Продолжението на преговорите меѓу претставниците на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) со преставниците на Министерството за информатичко општество и администрација, а во врска спорните прашања од Колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата, даваат надеж дека наскоро треба да се постигне согласност и да се потпише Колективниот договор.

 На средбата се разговараше за регресот за годишен одмор, односно популарниот К-15, како и за исплата на дневници за службени патувања во земјата, но и за јубилејните награди како право за членовите на Синдикатот.

Впечатокот е дека работите во врска со овие неколку спорни прашања се придвижуваат во позитивна насока. Неодминлив дел од преговорите е и прашањето за кого сѐ ќе важи новиот Колективен договор. Претставниците на Синдикатот на УПОЗ останаа на претходно искажаниот став и уште еднаш потенциираа дека инсистираат Колективниот договор да важи само за членовите на Синдикатот или одредено право да го имаат само тие.

Во врска со преговорите околу спорните прашања за регрес, дневници и јубилејни награди УПОЗ потенцира дека не бара ништо повеќе од она што е веќе загарантирано право на вработените во приватниот сектор, односно дека бара само изедначување на правата за сите вработени во државава и заради тоа очекува дека ќе наиде на разбирање од Владата.

Во таа насока, поставена е рамка на продолжување на преговорите при што договорена е средба за идната недела на ниво на работни групи меѓу претставници на Синдикатот и на МИОА. Целта ќе биде доусогласување на ставовите, по што е договорено на крајот на месецот заедничка средба со премиерот и надлежните министри во Владата каде што на заедничка маса и на највисоко ниво ќе се прецизираат износите на регресот, дневниците и јубилејните награди.

Синдикатот на УПОЗ конечно очекува дека во најскоро време ќе се потпише Колективниот договор и доколку се потпише тој ќе биде прв грански Колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата после 1995 година. Во него е предвидено да се добијат и голем број други права кои на државните службеници со години наназад им беа ускратувани.