Синдикалната организација при Агенцијата за катастар на недвижности заедно со Синдикатот на УПОЗ, веќе подолг временски период преговараа со раководството на Агенцијата каде што заеднички се бараше решение и начин за зголемување на платите на вработените во Агенцијата за катастар
Имено, треба да потенцираме дека станува збор за специфична група на вработени кои со години немаа добиено никакво покачување на платите. Да појасниме дека бидејќи станува збор за агенција, оваа државна институција се финансира самостојно од наплата на услугите и делумно од основниот буџет, но за зголемувањето на приходите на вработените одлучува сама.
Парите за покачувањето на платите на сите 837 вработени службеници се обезбедени од сопствениот буџет, односно зголемувањата на платите за вработените во сите сектори, одделенија и подружници е од самофинансирачкиот буџет на Агенцијата.
За таа цел стапува во сила Правилникот за зголемување на основната плата и зголемувањето на додатоците на основната плата во Агенцијата за катастар на недвижности и сите вработени во оваа институција заклучно со септември ќе добијат зголемување на примањата од 15, 20 па и 30 отсто, од кои последната ставка за работниците од ИТ-секторот. Ова е одлука на управата на Катастарот.
Синдикатот на УПОЗ е задоволен од заедничкиот успех постигнат со Синдикалната организација при Агенцијата за катастар на недвижности и воедно нивниот успех не охрабрува сите нас и ни дава надеж дека секаде каде што е можно и каде што за покачувањето може самостојно да одлучува, потребно е синдикалните претставници да преговараат, и да се договори покачување на платите.