СО ЗАЕДНИЧКА РАБОТА, ДО ПОДОБРА ПОЛОЖБА НА МЛАДИТЕ

Истражување во рамки на проектот „Права на работа, работата за правата” покажа дека информираноста на младите за работничките права е на многу ниско ниво.

Со поддршката од Европската унија, преку програмата Ерасмус + во младинскиот сектор, младите од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словачка имаат можност детално да се информираат за своите работнички права, како истите да ги користат во работното опкружување, но и да ги препознаат негативните појави и достапноста на механизмите на заштита.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), пак, е еден од 10-те партнери од синдикатите, младинските организации и образовниот сектор, кој со заеднички сили учествуваат во реализација на проектот “Права на работа, работата за правата”.

Во рамки на проектот беше реализирано истражување што го реализираше Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа – Универзитет од Ријека во Хрватска, според кое нивото на информираност на младите за нивните работнички права е на многу ниско ниво. Истражувањето е спроведено на илјада млади вработени во јавниот сектор, а проектот се имплементира од декември 2018 година и започна со истражување на млади вработени за тоа колку ги користат своите права од работен однос и положбата во нивното работно опкружување.

Следејќи ги потребите на младите, анкетирани обучени едукатори – млади активисти на синдикатите од вклучените земји, во текот на летото разговараа за најразлични теми кои ги засегаат младите, како што се мобингот, правото на породилно отсуство, боледувањето, употреба на слободни денови за дополнително образование и многу други прашања од областа на Законот за работните односи што ги интересираат младите вработени. Повеќе од 200 млади луѓе од државава досега учествуваа на овие работилници и добија информации од прва рака.

„Резултатите од овој проект, заеднички со препораките за продолжување на оваа тема не се важни само за младите луѓе, туку и за сите вработени. Проектот ќе биде претставени на завршната конференција која што ќе се одржи во Белград на 28 и 29 ноември, со претставници на меѓународни институции и државните органи од секоја држава”, изјави Бојан Трипуноски, претседател на Секцијата на млади при Синдикатот на УПОЗ и национален координатор од Северна Македонија.

Идејата е да се подигне свеста и во работното опкружување на младите вработени. Во таа насока, изработен е информативен и едукативен видео материјал, но и брошура направена на јазик разбирлив за младите „Водич низ правата од работен однос на младите, појави кои ги загрозуваат и механизмите на заштита” која содржи бројни примери од пракса.