СЕ ИНТЕНЗИВИРААТ АКТИВНОСТИТЕ ЗА ПОТПИШУВАЊЕ НА ГРАНСКИОТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР И ЗА ПРЕСТОЈНИТЕ ИЗМЕНИ НА ЗАС И ЗВЈС

На барање на Министерството за информатичко општество и администрација одржана е средба на која продолжија разговорите за повеќе актуелни теми кои се во фокусот извесен период.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjовски и генералниот секретар Трпе Деаноски на барање на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) одржаа работна средба. На средбата од страна на МИОА присуствуваа, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, заменик министерот Александар Бајдевски, како и државниот советник за администрација Билјана Николовска Жагар.

 Оваа средба беше продолжение на преговорите започнати и водени пред  годишните одмори, а на кои една од најважните теми се разговорите за гранскиот Колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата. Синдикатот на УПОЗ и МИОA на оваа средба ги приближија ставовите за дел од барањата на Синдикатот, а особено на ониe кои се однесуваат на надоместоците и додатоците на плата и кои може да се издејствуваат со најавениот Ребаланс на Буџетот.

Тема на интерес и на взамено информирање меѓу претставниците на Синдикатот на УПОЗ и на МИОА беа и измените на Законот за административни службеници (ЗАС), Законот за вработените во јавниот сектор (ЗВЈС), како и  активностите на министерството во врска со функционалната анализа и планираното превземање на работници од јавниот во приватниот сектор. Оваа активност се очекува да биде поинтензивна во периодот што следува и важно дека сите синдикати од јавниот сектор ќе бидат вклучени во истата со цел подобрување на предложените решенија и максимална заштита на работниците.

Во однос на измените на ЗАС и ЗВЈС, Министерот Дамјан Манчевски наведе дека измените кои МИОА ги подготвила се доста обемни и суштински. Очекувањата се истите да се донесат до крајот на месец октомври, а до тогаш Сидникатот на УПОЗ активно ќе биде вклучен во давање предлози и забелешки на предлог текстовите на овие два закони. Ова за Синдикатот е од суштинско значење бидејќи конечно според мислењето и ставот на министерот Манчевски, МИОА е подготвена да прифати дел од барањата кои датираат уште од 2014 година.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ побараа во периодот што доаѓа да се интензивираат средбите од ваков карактер со цел преку измените на ЗАС и ЗВЈС и потпишувањето на гранскиот Колективен договор конечно да се решат проблемите на вработените во администрацијата и да се подобрат нивните права од работен однос.