Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjовски оствари прва работна средба со новиот министер за локална самоуправа Горан Милевски.
На првата средба престедателот Грујовски и министерот Милевски разговараа за неколку прашања кои се важни за членовите на Синдикатот на УПОЗ во локалните самоуправи во државата.
Сепак главна тема која што го задржа нивното внимание беше активноста поврзана со потпишувањето на Колективните договори во општините при што министерот беше информиран дека во поголем дел од општините е почнат процесот на преговори. Како и секој друг процес така и овој носи со себе свои проблеми, со кои на средбата беше запознаен Милевски како министер на секторот локална самоуправа под чија надлежност се единиците на локалната самоуправа во државава.
Притоа од него беше побарано да се заложи за унапредување на социјалниот дијалог во општините бидејќи колективното договарање е добра волја на двете страни, синдикат-работодавачи, па токму затоа тој како одговорен за ресорот локална самоуправа е најповикан да ја поттикне активноста околу процесите на преговарање и потпишување на овие договори.
Во таа насока претседателот Грујовски го информираше министерот Милевски и за конкретните проблеми во одредени општини каде што градоначалниците не пројавуваат интерес за регулирање на правата од работните односи на вработените во општинската администрација и побара да ги поттикне да работат на унапредување со колективни договори на ниво на работодавач, односно општина.
Работната средба беше искористена и да се упати апел до министерот за локална самоуправа да ги препознава законите коишто се од значење за работно правната позиција на вработените и во нивното изготвување, изменување и дополнување да биде вклучен и Синдикатот на УПОЗ како релевантен социјален партнер.
„Конструктивен разговор кој ветува дека во иднина ќе имаме коректна соработка како со министерствтото така и со општините”, е оценката на претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjовски по завршената прва работна средба со министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Грујовски посетата на Министерството за локална самоуправа ја искористи и за разговор со дел од вработените во администрацијата кои пројавија интерес, за нивно синдикално здружување и организирање. Во оваа прилика тие беа запознаени со чекорите и начините за нивно синдикално организирање во рамките на министерството.