Синдикатот на УПОЗ и ЗСА остварија работна средба со претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и министерката за правда Рената Дескоска
Претставници на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) и Здружението на судска администрација (ЗСА) остварија работна средба со претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски и министерката за правда Рената Дескоска.
На средбата се донесоа заклучоци со кои ќе се решат моментално двата најакутни проблеми во судската служба, кои беа повод за одлуката за штрајк:
- Итно донесување на измени на Законот за судска служба со кои и судските службеници ќе добијат додатоци на плата во висина до 35%, и
- Враќање на задржаните средства за време на штрајкот во судовите од 2016 година.
По првото прашање претставниците на Владата на Р. Македонија земаа обврска до крајот на јануари 2019 година, во Собранието на Р. Македонија по скратена постапка да се изгласаат измените на Законот за судска служба, со кои и судските службеници ќе добијат додатоци на плата во висина до 35%.
По однос на второто прашање се донесе заклучок дека во текот на јануари 2019 година, Владата на Република Македонија, Синдикатот на УПОЗ и ЗСА заеднички со соопштение ќе ги известат судските службеници за начинот на кој ќе бидат вратени задржаните средства за време на штрајкот во 2016 година.
На средбата се разговараше и за предлозите на Синдикатот на УПОЗ и ЗСА за формирање на посебно тело слично на Судскиот совет, чија функција би била да ги решава сите прашања поврзани со работата на судската служба бидејќи досегашната пракса покажува дека Судскиот совет и Судскиот буџетски совет работат исклучиво за подобрување на правата на судиите и воопшто не се ни трудат да ги унапредат правата на вработените во судовите.
Исто така, претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски побара во измените на Законот за судска служба и Законот за судски буџет, да се предвиди синдикатот да има свој претставник во Судскиот буџет и Советот на судска служба. Само на овој начин синдикатот ќе може и ќе има влијание понепосредно да ги застапува интересите на судската служба.