Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) и Здружението на судска администрација на Република Македонија (ЗСА) поднесоа кривична пријава против претседателот на Судскиот совет на Република Македонија Зоран Караџовски, како и против членовите на Судскиот буџетски совет на Република Македонија поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Имено, осомничените членови и претседателот на Судскиот буџетски совет спротивно на својата положба и овластување и спротивно на Законот во два наврати и тоа на 30.11.2018 година и на 19.12.2018 година, изгласале и донеле одлуки за обезбедување на средства за исплата на додатоци на плата во висина од 35% за судиите и членовите на Судскиот совет. Со донесувањето на ваквите одлуки иако знаеле и биле свесни дека прават инкриминирани дејства на штета на буџетот на судската власт за 2018 година, истите ги изгласале и ги донеле одлуките со што свесно сториле штета на буџетот на судската власт за 2018 година.
Да потсетиме, во Законот за платите на судиите, во член 7-б е предвидено дека судиите имаат право на посебен додаток на плата за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост во износ кој не може да изнесува повеќе од 35% од платата на судијата, но не и членовите на судскиот совет. Иако Законот е дециден, на 30 ноември е донесена Одлуката и не застанале тука. Оваа одлука на 19 декември ја прошириле и надградиле со носење на нова Одлука за обезбедување средства за исплата на додатоци на плата за месеците септември и октомври 2018 година која, не само што е спротивна на Законот, туку и е ретроактивна. И со оваа одлука повторно е предвидено на членовите на Судскиот совет да им бидат исплатени додатоци на плата во висина од 35% на износот на нивните плати, а истото е предвидено и да се направи за судиите во судовите на Република Македонија.
Претседателот и членовите на Судскиот буџетски совет, како поранешни и сегашни судии многу добро се запознаени со фактот дека донесувајќи вакви одлуки спротивни на закон го повредуваат едно од основните начела на правото, а тоа е владеење на правото и не повратното дејство на важење на законите и одлуките, но сепак истите свесно и намерно ја донеле оваа одлука со која се прави огромна штета на буџетот на судската власт.
Од горенаведеното јасно произлегува дека во дејствата на лицата против кои е поднесена кривичната пријава се содржани елементите на кривичното дело, злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 од казнениот Законик, особено неспорно произлегува умислата и директната намера за повреда на правата на судските службеници и причинување на материјална штета на истите.
Поради ова, пак, оштетените вработени во судската администрација преку подносителите на оваа кривична пријава Синдикатот на УПОЗ, кој е гранков синдикат и Здружението на судска администрација, како здружение на граѓани во кое членуваат вработените во судската администрација - се обратија до Основното Јавно Обвинителство Скопје како надлежен орган за прогон да ги преземете сите соодветни дејства за кривично гонење на пријавените лица за сторените кривични дела.