По најмалку 12.000,00 денари за судиите и членовите за на Судскиот совет, а по 500,00 денари за вработените во Судовите.
Ваква е Одлуката која на вчерашната седница ја донесе Судскиот буџетски совет, и со која реши да се исплатат додатоци на плата за месец ноември 2022 година.
Ваков селективен пристап при исплата на надоместоци на плата и зголемувања на платите во судовите, беше повод за многу протести и штрајкови во минатото, и судскиот буџетски совет продолжува со незаконска и неправична поделба на надоместоци на плата.
Праксата на носење одлуки, зад затворени врати, без присуство на јавноста ниту пак можност Синдикатот на УПОЗ да се стави во одбрана на вработените во судовите, и во минатото и во иднина ќе допринесуваат само да се зголемува револтот и незадоволството на вработените и повторно да се организираат протести и штрајкови.
Во време на најголемата финансиска криза која ја имала нашата држава, Судскиот буџетски совет реши на тие со највисоки примања да им додели по најмалку 12.000,00 денари, а на тие со најниски примања по 500,00 денари. Каде се тука праведноста и правичноста? Дали платите на членовите на судскиот совет се толку ниски за да мораат да добиваат дополнителни надоместоци од најмалку 12.000,00 денари?
Залудна е и оставката на Претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска, која иако не е поднесена за оваа Одлука, истата е многу задоцнета. Во време на нејзиното раководење, Судскиот буџетски совет никогаш не бил по затворен и по нетранспарентен и сето тоа се заврши со носење на ваква, за нас скандалозна одлука.
Јавно ги повикуваме членовите на Судскиот буџетски совет, веднаш да ја повлечат и поништат донесената Одлука и да донесат нова со која ќе има правична и праведна распределба на средства за сите вработени во судовите.
Доколку оваа Одлука не биде повлечена, за последиците од огромното незадоволство кај членовите на Синдикатот на УПОЗ и вработените во судовите ќе го сносат членовите на Судскиот буџетски совет.