Во периодот од 26. до 30. август во Романија, се одржа вториот тренинг од проектот BUPPS (Building Union Power in Public Services) организиран од страна на European Public Service Unions (EPSU) , на кој учествуваа Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Бојан Трипуноски и стручниот соработник за организација и регрутирање на членство Љупка Апостоловска, како претставници на Синдикатот на УПОЗ.
По успешно спроведеното мапирање на синдикатите, работните места и секторите, овој тренинг се фокусираше на креирање и унапредување на стратегии за организирање и регрутирање на нови членови со цел зголемување на видливоста на Синдикатот и подобрување на неговата ефективност во застапувањето на интересите на работниците.
На тренингот се дискутираше и за успешните методи за развивање на интерни и екстерни комуникациски стратегии како клучен дел од пошироката стратегија за проширување на Синдикатот. Учесниците разменуваа искуства и примери на најдобрите практики и методи кои ќе придонесат во подобрување на комуникацијата и интеракцијата со членовите и со јавноста.
Тренингот опфати и интерактивни работилници и дискусии, кои помогнаа во размената на идеи и знаења помеѓу учесниците. Со ова, се постигна значителен напредок во развојот на стратегиите за синдикално организирање и комуникација, што ќе придонесе за зголемување на синдикалната моќ и влијанието во јавниот сектор.
Во наредниот период, Синдикатот на УПОЗ ќе се фокусира на практично спроведување на стратегијата за организација и регрутирање на нови членови. Овој практичен аспект на стратегијата ќе опфати мерки за привлекување на нови членови и промоција на Синдикатот со цел зајакнување на неговата позиција како важен претставник на интересите на вработените во државната управа, правосудните органи, локалните самоуправи и центрите за социјална работа.