Одржана завршната конференција на проектот - Синдикатот нов поттик за младинското учество

На 28.11.2024 година, во Скопје се одржа завршната конференција на проектот Trade unions – New impetus for youth participation. На завршната конференцијата учествуваа повеќе од 60 млади членови на Синдикатите но и голем број на релевантни институции кои во својот фокус на работа ги имаат младите. Овој интерактивен настан опфати динамични индивидуални презентации, панел дискусија на која учесниците ги споделија своите искуства од работата со младите, а на крајот од конференцијата се одржа и работна сесија (работа во групи) за тоа како треба да продолжи реализацијата на овој проект.

На почетокот свое обраќање имаше Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, кој е Проект координатор на проектот ТУНИ2023, и кој пред присутните ги презентираше активности кои беа спроведени за време траењето на овој проект. Европскиот проект Ерасмус + ТУНИ 2023, го реализираа партнери од три области, синдикати, образование и млади, обединувајќи учесници од Македонија, Србија, Словенија, Турција и Грција. Претседателот Деаноски се осврна на неколку сегменти, а главен акцент беше ставен на спроведените истражувања со кои се испита колку младите ги препознаваат Синдикатите како заштитници на нивните права, а особен акцент се стави на одржувањето на Првата Синдикална академија која беше организирана од Развојниот центар за млади од Белград, на која учествуваа повеќе од 50 млади синдикалци. За одржување на Синдикалната академија, беа изработени четири модули, низ кои младите синдикалци на неформален начин се стекнуваа знаења и вештини. Ваквите настани треба да продолжат да се одржуваат и во иднина, затоа што младите се движечката сила на Синдикатите. На крајот од своето излагање, Претседателот Деаноски ги запозна присутните за реализираната студиската посета на Синдикатот Млади Плус од Словенија, за посетата на Европската комисија и Европската федерација на синдикатите од Јавниот сектор (ЕПСУ) во Брисел, но за целокупниот тек на кампањата која беше спроведена од страна на партнерите од Грција.

Свој дел за презентација на работата на Европската Комисија имаше и проект офицерот за проектот ТУНИ 2023 Елиса Марзано, која на присутните ученици им ја презентираше работата на Европската комисијата, но ги запозна и со новите повици кои ќе следат од 2025 година, се со цел да ги охрабри младите учесници да аплицираат на дел од понудените повици.

Програмскиот директор Александра Кнежевиќ во име на конзорциумот на проектот ТУНИ2023 се обрати пред присутните и ги пренесе впечатоците на Конзорциумот, а воедно и посочи дека младите се голем извор на енергија, која Синдикатите мора да ја искористат.

Во натамошниот тек од завршната конференција, се одржа панел дискусија на која учество зедоа Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, Сабина Лебен од Синдикатот Млади Плус од Словенија, Христос Левадис од УСБ Грција и Бурхан Јилдиз од Синдикатот Хизмет - Иш од Турција. Панелистите ги пренесоа своите искуства и го потенцираа начинот на кој тие работат со младите. На оваа панел дискусија, можеа да се слушнат интересни согледувања и искуства, а се изведе и заклучок дека Синдикатите мора да стават акцент на дигитализација и модернизација се со цел да бидат пристапни до што поголем број на млади.

Иако ова е прв ваков проект на Синдикатот на УПОЗ, и истот беше огромен предизвик да се реализира, можеме гордо да истакнеме дека проектните активности и задачи во целост беа реализирани, а со оглед на постигнатите резултати можеме да ветиме дека во март 2025 година, ќе биде поднесена нова апликација.

На крајот Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски се заблагодари на учесниците во проектот, а особено се заблагодари на партнерите од овој проект:Развојниот центар за млади и Институтот за филозофија и социјална теорија од Србија, Синдикатот Хизмет Иш од Турција, УСБ од Грција и Синдикатот Млади Плус од Словенија.