Денес, во просториите на Министерството за правда, на барање на Синдикатот на УПОЗ, се одржа работна средба со Министерот за правда Игор Филков. Од страна на Синдикатот на УПОЗ на оваа работна средба учество зедоа Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, Генералниот секретар Бојан Трипуноски, Претседателот на Синдикалната организација при Министерство за правда Марина Миновска и Претседателот на Синдикалната организација при Апелационен суд Скопје Лилјана Зафирова.
На почетокот, Претседателот Деаноски укажа дека Синдикатот на УПОЗ е единствен репрезентативен Синдикат кој ги застапува вработените во управата и правосудството и истакна дека единствено со преговори и соработка со Синдикатот на УПОЗ може да се унапредат правата од работен однос на вработените.
Претставниците на Синдикатот на УПОЗ го информираа Министерот Филков, дека од страна на Синдикатот е изготвен Колективен договор за вработените во Министерството за правда, и побараа истиот да биде склучен во најбрз можен рок. Се поздрави формирањето на работната група за подготовка на нов Закон за судска служба, во која Синдикатот на УПОЗ има свој претставник и беше побарано да се отпочне со работа на измени на Законот за јавнообвинителска служба. Министерот Филков беше информиран за проблемите со кои се соочуваат судските службеници и јавнообвинителските службеници и се побара поголема валоризација на нивниот труд и зголемување на нивните плати, затоа што само со задоволни работници може да се зголеми продуктивноста во правосудството.
Исто така повторно беше истакнато барањето на Синдикатот на УПОЗ да се направат итни измени на законите и да се овозможи стручните соработници од судовите и обвинителствата кои имаат поголемо искуство да можат да бидат избирани за судии и обвинители без притоа да ја посетуваат Академијата за судии и јавни обвинители.
Министерот Игор Филков укажа дека во Синдикатот на УПОЗ гледа социјален партнер, со кој ќе може да се подобрат правата од работен однос за вработените во правосудството, а со тоа да се зголеми и продуктивноста на вработените.
На крајот од страна на Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, беше побарана поддршка од страна на Министерот за правда Филков за имплементацијата на Општиот Колективен договор за вработените во јавниот сектор, со која од месец март ќе се применува новата методологија за пресметка на платите, а со тоа ќе биде и загарантиран растот на платите во јавниот сектор.