Не случајно на вториот ден од протестите сме пред Министерството за култура. Во 2023 година, токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Р. Македонија со истите барања како и денес, потпишување на Колективен договор и зголемување на платите на вработените.
Нашите барање се исти години наназад и секој обид од страна на Владата или политичките партии да докажат дека има политика во протестите или работата на синдикатот ќе им биде залуден.
Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на протестите на вработените бидејќи имаа 7 години да го решат овој проблем, но наместо решение направија се што можат да го забранат колективното договарање па дури беа и првата влада кои поништија Колективен договор.
И да ја поправам вчерашната изјава на Владата бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со некој друг Синдикат. За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година, има организирано три штрајка, најмалку 20 протести, од кој на протестот во месец декември 2023 година, над 5000 вработени од управата и правосудството излегоа на улица и побараа Достоинствени плати за живот.
Барањата остануваат исти и апелираме до Владата и ресорните министерства што побрзо да започнеме преговори и да најдеме заедничко прифатливо решение за овој проблем.
На денешниот протест, се обрати и Претседателот на Синдикалната организација при Министерството за култура и туризам кој кажа: "Денес сме овде, вработените од овој државен орган пред објектот на Министерството за култура и туризам за да го изразиме нашето незадоволство од недостоинствено ниските месечни примања на вработените во Министерството за култура и туризам"
"Имено, сакам да ве информирам дека платите на 70% од вработените во министерството се под просечната плата во Република Северна Македонија, а разликата со платите на вработените на истите позиции во државните органи кои го добија додатокот на основна плата е 30%. Синдикалната организација при Министерството за култура и туризам пред повеќе од две години има изготвено предлог - текст на Колективен Договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените, во висина од 30% исто како и за вработените во Министерството за финансии, Министерството за одбрана, Генералниот секретаријат на Владата на РСМ, СОЗР, Управата за јавни приходи, Царинската Управа, Универзитетот Св.Кирил и Методиј. Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од останатите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Одговорноста на колегите секаде е огромна, но да потсетиме, Министерството за култура и туризам ја сервисира работата на 72 национални и 49 локални институции од областа на културата, а во рамките на Годишните Конкурси на Министерството се обработуваат просечно околу 5000 апликации, од кои, од барем од половината, следат обврски-потпишување на Договори и следење на истите. Носиме сериозна одговорност и бараме сериозен пристап кон нашите барања. Државната администрација не треба и не смее да се потценува со никакви квалификации, туку нејзината работа треба да биде признаена и вреднувана! Се залагаме за одговорна, квалитетна и ефикасна државна администрација која ќе биде сервис на граѓаните и носител на идните реформски процеси кои ни претстојат!" - пренесе Бранко Костовски, претседател на СО при Министерството за култура и туризам.