Одржана средба помеѓу Синдикатот на УПОЗ и Министерството за социјална политика, демографија и млади

На покана на Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, вчера во просториите на Министерството се одржа работна средба помеѓу Министерот Фатмир Лимани, Заменик Министерот Ѓоко Велковски, Државниот секретар Фатмир Сабриу и претставниците на Синдикатот на УПОЗ од Центрите за социјална работа, предводени од Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Бојан Трипуноски и претставниците на Центрите за социјална работа Габриела Јаневска Гиовска, Марина Костадиновска Китовска, Ѓуљсиме Реџепи и Ѓурѓица Новеска.

На оваа средба, Министерот Лимани посочи дека од неговиот избор за Министер, главна цел му била да изнајде решение и обезбеди средства за зголемување на платите во центрите за социјална работа (за давателите на услуги) кои во последните две години, не ги добија усогласувањата кои вработените во јавниот сектор ги добиваат. Исто така, беше посочено дека е запознаен со примањата на вработените кои се даватели на услуги, работните задачи на вработените во центрите и затоа е потребно заеднички да се изнајде заеднички модус за решавање на овие проблеми.

Од страна на Синдикатот Претседателот Трпе Деаноски истакна дека прашањето со платите е најголем предизвик за оваа група на вработени. Беше нагласено дека се свесни дека решението не зависи директно од Министерството за социјална политика, демографија и млади, туку од Министерството за финансии, но дека постои простор и за ова прашање да се изнајде решение и изнаоѓање на средства за оваа група на вработени.

Синдикатот предложи решението да се бара преку Колективен договор, во кој главен акцент ќе биде ставен на платите, на што Министерот Лимани го поддржа овој предлог а воедно се согласи и останатите отворени прашања кои ги има Синдикатот да бидат решени со Колективен договор, кој ќе биде подготвен и потпишан во најбрз можен рок

Министерот ги информираше присутните дека до крајот на месец јуни, ќе биде решено и едно од барањата на Синдикатот на УПОЗ за физичко обезбедување на Центрите за социјална работа, со што вработените ќе можат безбедно да се чувствуваат на своите работни места.  

Двете страни, на крајот од оваа средба се договорија да се формираат работни групи од страна на Министерството и Синдикатот, кои ќе отпочнат со подготовка на Колективен договор, во кој главен акцент ќе биде ставен на зголемување на платите со што конечно ќе се изнајде решение за овој проблем.