Ода на гадоста: Работничка повторно жртва на мобинг, судот смета дека се работи за "инцидентно однесување"

Пристигна пресудата за случајот во Центарот за социјални работи во Тетово кој минатата недела беше објавен во за жал само еден медиум.

Колку повеќе ја читаме пресудата толку останува впечатокот дека во оваа постапка Судот е адвокат на тужениот, а не орган кој треба да обезбеди владеење на правото, да ја дели правдата и да ги заштити основните човекови права и слободи.

Во пресудата, судот заклучил дека за да се смета едно однесување како психичко вознемирување, тоа треба да биде континуирано и систематско, “насочено кон една личност за точно определена цел” – услов кој не е пропишан во ниту еден закон или правен акт, што води кон заклучокот дека судот пристапува кон своеволно креирање на правни норми и нивно применување во нечиј интерес.

Во образложението, судот додава дека не постои вознемирување бидејќи работничката „не била дисциплински казнета, ниту се повела постапка против неа, ниту ѝ биле загрозени права кои ѝ следуваат по закон“, и дека „немало закани за отказ или преместување против нејзина волја“.
Според судот, заканата за преместување на работното место, не се смета за вознемирување, бидејќи зборовите биле упатени и кон други колешки. (?)

Воедно, судот во пресудата потврди дека фактот што работничката била избркана од канцеларијата, претставува „инцидентно однесување”.

Наместо да биде разгледано со сериозна институционална чувствителност, тужбеното барање на социјална работничка за забрана за вознемирување на работното место е ОДБИЕНО КАКО НЕОСНОВАНО, оставајќи уште една жртва сама во лавиринтот на институционалната негрижа.

Со оваа пресуда, работничката не само што стана жртва на мобинг, туку е изложена и на двојна виктимизација од страна на судот, кој треба да ја заштити.

Овој случај не е изолиран, туку е јасен симптом на поширок проблем: култура на неказнивост, во која заканите, навредите и злоупотребата на моќ се третираат како „инцидент“ наместо како сериозно прекршување на работничките права и човековото достоинство.

Јавните институции, кои треба да бидат пример за хумано постапување, се средини каде што хиерархијата е поважна од човековото достоинство, а одредени индивидуи се штитени со бетонски ѕид од политички и институционални врски.

Кога институциите потврдуваат дека „нема мобинг“ во услови каде што работничка пријавува долгогодишно систематско вознемирување и понижување, тоа е јасна порака дека СИСТЕМОТ ШТИТИ НАСИЛСТВО.

Во држава каде што работниците се оставени без реални механизми за заштита, системот наместо да создава безбедна работна средина, го нормализира насилството под превезот на „авторитет“ и „дисциплина“.

Наместо да се прашуваме дали има мобинг, треба да се прашаме уште колку жртви ќе замолчат за да не го изгубат работното место?!

За судот, Законот за заштита од вознемирување на работно место е само мртво слово на хартија и уште еднаш се покажа дека истиот не обезбедува вистинска заштита за работничките кои се соочуваат со вознемирување на работното место.

Нашата членка, работничка која јавно проговори за понижување и недолично однесување на работното место, не доби институционална поддршка каква што заслужува секој работник. Оваа пресуда го потврди она што сите го знаеме:
Судот ги штити насилниците, а не жртвите.

Синдикатот на УПОЗ остро го осудува секој облик на вознемирување врз жените. Овој случај не е само прекршување на работничките права, ова е системско малтретирање и понижување на жена, кое не смее да се толерира.

Синдикатот на УПОЗ ќе ги преземе сите достапни механизми за заштита на работничките, ќе бара санкционирање на секој облик на мобинг и злоупотреба на моќта и воспоставување механизми што ќе гарантираат дека работничките ќе бидат слушнати, заштитени и поддржани.