СИНДИКАТОТ НА УПОЗ БАРА ЗАШТИТА НА ВРАБОТЕНИТЕ ОД КОВИД -19

Денес, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), упати барање до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и побара поголема заштита на вработените на работните места, преку обезбедување на заштитни средства, доследно почитување на препораките за заштита, дво сменско работење и работење од дома.

Имајќи ги во предвид бројките на заразени кој за жал секој ден се сe поголеми како и целокупната состојба со вирусот Covid 19 во нашата држава, Синдикат на УПОЗ бара од надлежно министерство за вработените во државната управа да ги преземеме сите можни мерки за заштита на здравјето на вработените.

Од информациите кои ги добиваме од нашите синдикални организации се вели во барањето на Синдикатот на УПОЗ, можеме да заклучиме дека во институциите на државната управа мерките препорачани од страна на Владата или не се почитуваат или воопшто не можат да се применат. Ова е од причина што условите за работа на голем број вработени тоа воопшто не го дозволуваат и поради фактот дека голем број од работодавачите воопшто не се ни потрудија да обезбедат основни средства за заштита на здравјето на вработените.

Во барањето Синдикатот на УПОЗ укажува дека од почетокот на пандемијата во многу институции се покажа дека работата од дома со ништо не го нарушува нормалниот процес на работа. Бидејќи се најавува дека Владата и Собранието своите седници ќе ги одржуваат online, Синдикатот бара да се предвиди и овозможи работа од дома за вработените во државната управа. На овој начин ќе се спречи ширењето Covid 19, а работните задачи ќе бидат завршени навремено и ефикасно.

Исто така, Синдикатот на УПОЗ бара да се обезбедат и основни средства за заштита на здравјето на вработените (маски, средства за дезинфекција), да се создадат услови во канцелариите да се одржува растојание од 1.5 до 2 m, на сите шалтери да се постават паравани за заштита, да се воведе дво - сменско работење во институциите и друг вид заштита за да се намали бројот на вработени во канцелариите во исто време.