ОДРЕДБИТЕ ОД КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВААТ

Денес во Министерството за информатичко општество и администрација, министерот Јетон Шаќири и претседателот на Синдикатот на работниците од управата правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) имаа работна средба во врска со неколку актуелни прашања.

На средбата претседателот Пецо Грујовски го информираше министерот Јетон Шаќири за одредени проблеми и дилеми како и погрешното толкување на некои одредби од Гранскиот колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено поправните установи и воспитно поправните установи, државното правобранителство, општините, Град Скопје и општините во градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија. Во таа смисла на состанокот уште еднаш беше потенцирано дека одредбите од Колективниот договор мора доследно да се почитуваат. Некои работодавачи се уште на вработените не им исплаќаат патни и дневни трошоци, не ја почитуваат одредбата за флексибилно работно време а Владата, според наши сознанија нема предвидено средства со ребалансот на Буџетот за 2020 година.

Исто така, Министерството за финансии не го консултира Синдикатот на УПОЗ (согласно член 15 став 3 од Гранскиот колективен договор) во врска со ребалансот како и за Буџетот за 2021 година.

Заради доследна примена, особено во делот на паричните побарувања, беше договорено во наредните денови да се оствари средба со Министерството за финансии пред кого ќе бидат изнесени овие прашања со барање за доследна примена на Гранскиот колективен договор со цел да се надминат недоразбирањата и да не се доведат вработените во состојба своите права да ги реализираат преку суд.