Со цел давање придонес кон афирмацијата на женското лидерство и родовата рамноправност на 10.04.2019 година во Царинската управа на Република Северна Македонија, а во организација на Синдикалната организација на Царинската управа и УПОЗ, се одржа трибина на тема „Женско лидерство во областа на безбедноста“.
На трибината учествуваше и претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски кој покрај тоа што ги информираше членките за работата на Секцијата на жени на УПОЗ, ја искористи можноста и да потсети дека од пред една година повторно се формираше синдикалната организација на Царинската управа и повика членовите масовно да се враат и зачленат во овој синдикат.
„Ве повикувам масовно да се вратите и зачлените во Синдикалната организација на Царинската управа бидејќи пред нас се активности од големо значење за вас вработените. Имено, ни претстои отпочнување на процес на преговори за потпишување на Колективен договор за вработените во Царинската управа и затоа сите сте потребни во овој процес”, подвлече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.
На трибината „Женско лидерство во областа на безбедноста“ говореше и претседателот на Синдикалната организација на Царинската управа Тони Апостоловски кој рече дека преку организација на оваа трибина сакаат јасно и недвосмислено да изразат безрезервна поддршка на процесот на подобрување на родовата еднаквост преку поинтензивно учество на жените во процесот на планирање, организирање, раководење и контрола на работните процеси не само кај нив, туку и генерално на ниво на целокупното македонско општество.
„Статистичките податоци за учеството на жените во процесите на раководење и нивно учество во донесување на одлуки недвосмислено говори дека ни претстои сериозен процес во правец на нивно значително подобрување. За поздравување е идејата во државата за систематизирање на работни места со основна задача грижа за родовата еднаквост и нејзино перманентно унапредување”, потенцираше претседателот на Синдикалната организација на Царинската управа Тони Апостоловски.
Тој ја искористи можноста и за промоција на новоформираниот синдикат при Царинската управа, како дел од УПОЗ при што информираше дека пред повеќе од 8 месеци започна иницијативата за формирање на раководна и организациона структура на Синдикалната организација, а овие денови процесот е речиси готов, и формирани се подружници при царинарница Скопје, Куманово, Битола, Штип, Гевгелија и Управа. Додаде дека прават сериозни и искрени напори за подобрување на работничките права, а ќе се насочат кон детектирање на постоечките слабости на Колективниот договор, како подготвителна фаза пред договарање со менаџментот на Царинската управа којшто очекуваат да резултира со потпишување на нов, значително подобар Колективен договор.
Изабела Илиева, претседателката на Секција на жени при Синдикатот на УПОЗ во своето обраќање на трибината информираше за начинот на кој што работат при што рече дека денес оваа синдикална организација има свои подружници речиси во сите градови и дека само со посветена работа и труд во областа на синдикализмот, може да се стане жена – лидер и да се напредува во синдикалната кариера.
„Би сакала во оваа прилика да Ве охрабрам, особено Вас припадничките на понежниот пол од Царинската управа, што помасовно да се вклучите во Синдикатот на УПОЗ и заеднички да работите за подобри услови на работа, да се наметнете на работодавецот и да бидете респектабилни во секој поглед, да бидете рамноправен партнер кога преговарате за Вашите права. Тимската работа во Синдикалното работење е најважна и таа е патот до успехот”, истакна претседателката на Секција на жени при Синдикатот на УПОЗ Изабела Илиева.
Според неа, во последно време се позабележан и се погласен е женскиот активизам во нашата држава, а Секцијата на жени која што постои две години постепено го добива вистинското значење на групација на жени кои што се собрани да се борат за своите права, да искажат незадоволство, да бараат промени во општеството и една од главните цели е активно да ги промовираат основните постулати на родовата рамноправност.
На трибината зедоа учество и други учесници меѓу кои и Националниот совет за родова рамноправност.