ДАЛИ ЌЕ СЕ АКТУЕЛИЗИРА БАРАЊЕТО НА СИНДИКАТОТ НА УПОЗ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ?

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски во гостувањето во емисијата „Отворено студио”, на 1 ТВ говореше за Иницијативата поднесена до Владата и до Министерството за труд и социјална политика за промена на работното време и измена на Законот за празниците, иницијатива која што доаѓа по прифаќањето на барањето за флексибилно работно време што и го охрабри Синдикатот на овој следен чекор.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Грујовски потсети на бенефитите кои би се добиле со измена на Законот за работните односи и со воведувањето на работно време од 7 часа на ден, односно со воведувањето на 35 часовна работна недела.

 „Има повеќе предности, пред сѐ, сметаме дека со ова ќе се намали невработеноста. Со намалување на работното време за 10% од вкупното, ќе се јави потреба од ангажирање на нова работна сила. Можеби ова нема да им се допадне на работодавачите, особено во приватниот сектор, но мислам дека ако се направат анализи, продуктивноста на трудот ќе ги покрие дополнителните вработувања и тие ќе имаат соодветен бенефит. Од економски аспект, во услови на неорганизирана исхрана на работниците, за која порано имаа надоместок или мензи, овој трошок ќе можат да го избегнат, а во зимскиот период, кога денот е покус, ќе се заштеди на греење и на струја”, подвлече во емисијата „Отвореното студио”  претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Со намалување на работното време, од социјален аспект, ќе се зголемат можностите работниците повеќе да се посветат на семејството, на културни и спортски активности, исто така, од биолошки апсект, продуктивноста значително опаѓа по 14 часот, па работодавачот до тогаш го има максималниот ефект од вработените. Тој потсетува дека голем број земји од ЕУ одамна размислуваат, а некои веќе имаат воведено седумчасовно работно време како што се Франција, Данска, Италија, Холандија, Ирска, Белгија.

Во однос на иницијативата за измена на Законот за празници, Грујовски нагласи дека во 2007 година дотогашниот празник 2-ри јануари, како и 2 мај се укинаа како неработни, но по овогодинешната одлука на Владата 2 јануари повторно да се прогласи како неработен и позитивните реакции кај вработените во администрацијата, а и во стопанството бидејќи во овој период од годината, работните процеси се сведени на минимум како во јавниот, така и во приватниот сектор, потекнала и идејата за нивно повторно враќање во Законот за празниците.