ПРАВОТО НА РЕГРЕС ЗА ГОДИШЕН ОДМОР ЗА 2020 ГОДИНА, ЌЕ СЕ ОСТВАРУВА ПРЕКУ ТУЖБИ

Незаинтересираноста на Владата да ги почитува правата од Колективниот договор за државната управа, локалната самоуправа и правосудните органи, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (Синдикат на УПОЗ), покрена активности за остварување на правото на регрес за годишен одмор за 2020 година по судски пат.

Иако Синдикатот на УПОЗ се обидуваше во изминатиот период низ разговори со Владата да најде заедничко прифатливо решение, до тоа не дојде. Со цел да не настане застарување на ова право, Синдикатот е принуден тоа да го оствари по судски пат.

Владата на Република Северна Македонија и покрај сознанието дека веќе има правосилни судски пресуди, не се ни обиде да најде начин да ја исполни оваа обврска од колективниот договор. Со остварување на ова право по судски пат, Буџетот на државата ќе биде оштетен дополнително за судски, адвокатски такси и трошоци за извршителите, односно три пати повеќе.

Заради остварување на правото на неисплатен регрес за годишен одмор за 2020 година, Синдикатот на УПОЗ преку претседателите на синдикалните организации, презеде активности за доставување на полномошна од членовите за поведување на судска постапка. Синдикатот на УПОЗ преку неговата правна служба пред судовите бесплатно ќе ги застапува своите членови.

Сметаме дека ова е сериозно прашање за државата заради тоа што ќе биде оштетен нејзиниот Буџет и доколку дојде до тоа, Синдикатот на УПОЗ, дополнително ќе поднесе кривична пријава заради тоа што и покрај обврската, некој не предвидел средства за оваа намена и со тоа дозволил да се направи огромна финансиска штета.

При ова сакаме да напоменеме дека Владата на Република Северна Македонија, ниту со Буџетот, ниту со ребалансот за оваа година не предвиде средства за оваа намена. Согласно колективниот договор, доколку за оваа 2022 година, заклучно со 31.12. не биде исплатен регресот, ќе следат нови тужби.

Со оглед на тоа што регресот за 2021 година Владата го исплати а за 2020 не сака ни да чуе, а за 2022 година не предвиделе средства во Буџетот, тоа ги девалвира колективните договори и обврските кои ги презема и смета дека ако таа сака, ќе ги реализира, ако не, не мора, неводејќи сметка за последиците.