КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО, ШУМАРСТВО И ВОДОСТОПАНСТВО И ДРУГИ ЛИЦА ПОРАДИ ОТКАЖАНИОТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР

За прв пат во историјата на Македонија добивме отказ на Колективен договор.

Ова е преседан во социјалниот дијалог и колективното преговарање и е прв колективен договор во нашата држава кој го откажува работодавачот, во случајов Владата преку МЗШВ.

Начинот и постапката за отказот на Колективниот договор, наликува на класичен случај на злосторничко здружување од кривичниот законик во кој се вклучени Државниот инспекторат за труд, МЗШВ и Владата на Р. Македонија, и сето тоа се одвивало на следниот начин:

По барање на МЗШВ дадено на седница на Владата, Владата го задолжува ДИТ да направи надзор на Колективниот договор на МЗШВ. ДИТ не можејќи да најде ништо спротивно на закон во одредбите на колективниот договор, излегува од рамките на своите ингеренции и ЗАКЛУЧУВА ДЕКА колективниот е добар, но ПОСТАПКАТА за склучување на колективниот договор била спротивна на закон и поради тоа налага на Владата да го раскине колективниот договор. Потоа Владата на седница носи одлука за отказ на колективниот договор и на крај Министерот за земјоделство испраќа допис со кој овој колективен договор е откажан.

 Ова во најмала рака, е исмевање на колективните договори, омаловажување на вработените, и е показател дека утре на ист ваков начин ќе посегнат да откажуваат и други колективни договори и да ги намалуваат правата на вработените кога и како ќе сакаат.

Согласно законските одредби, по отказот на колективниот договор истиот ќе може да се применува уште шест месеци, а потоа неговите одредби повеќе нема да важат.

Ова значи дека припадниците на шумската полиција, кои земаат плата согласно одредбите на овој колективен договор, ќе земаат плата уште шест месеци и потоа господ нека им е на помош.

Намерата на Министерството беше платите на припадниците на шумската полиција да ги префрли во закон и на тој начин да го заобиколи колективниот договор. Мислеа дека така ќе ги изиграат вработените и синдикатите, но вчера Министерството доби информација од друг државен орган дека платите на шумските полицајци, МОРА да бидат регулирани ИСКЛУЧИВО со колективен договор И НА НИТУ ЕДЕН ДРУГ НАЧИН, со што министерството си го поставува прашањето: Е СЕГА ШТО ПРАЈМЕ ОТКАКО ГО ОТКАЖАВМЕ КОЛКЕТИВНИОТ ДОГОВОР?

Најголем грев на овој колективен договор, беше тоа што во него стои одредба за исплата на јубилејни награди на вработените, право кое е дадено во Законот за работните односи и само допрецизирано во колективниот договор и заштита на вработените во најавената реформа и реорганизација на јавната администрација.

Ова право министерството за земјоделство ниту еднаш не го исплати на вработените, не побара преку социјалниот дијалог и во преговори со Синдикатот да се изнајде решение за исплата, туку се закануваше со поднесување на кривични пријави до синдикатот и бараше виновници на секаде, само не кај себе.

Бидејќи колективниот договор ќе трае уште само шест месеци, јавно ги повикувам сите членови на Синдикатот на УПОЗ и сите вработени во Министерството за земјоделство да ги искористат сите поволности кои ги дава колективниот договор и по пат на поднесување на тужби да ги остварат своите права, за што Синдикатот на УПОЗ ќе им даде бесплатна правна помош.

Исто така го информирам и министерот за земјоделство дека против него и против други лица ќе бидат поднесени кривични пријави согласно член 166 став од 1 од Кривичниот законик, поради неисполнување на правата од колективниот договор.

Согласно нашите информации следен за откажување е уште еден колективен договор и веројатно владата нема да застане тука туку ќе продолжи со ваква пракса се до конечното укинување и забрана на Колективното договарање.

Владата треба да сфати дека ова ќе биде црна дамка во делот на социјалното партнерство за нашата држава на патот кон ЕУ, затоа што се прекршени одредбите од меѓународните конвенции кои ги има верификувано Република Македонија.

Синдикатот на УПОЗ како рамноправна членка на Европската (ЕПСУ) и Светската федерација на синдикатите од јавниот сектор, ќе ги извести за овој преседан и ќе побара преку нив да биде известен и Советот на Европа за да ја спречи Владата во намерата да го опструира процесот на колективното преговарање и социјалното партнерство.