• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

09.02.2022 година

Со зголемување на минималната плата и немањето слух на Владата скалесто да се покачат останатите плати, ќе се оствари она што Синдикатот на УПОЗ го прогнозираше, а тоа е крах на системот на плати во администрацијата и правосудството.

За Синдикатот на УПОЗ е несфатливо не знаењето на Владата за начинот на пресметка и исплата на плати на сопствените работници. Со новата вредност на минималната плата Владата за првпат во историјата на Македонија ќе направи цела категорија вработени во администрацијата кои досега беа барем малку над минималната плата сега да примат минимална плата.

 

Со самото тоа Владата прво ги омаловажува и понижува своите вработени и второ го зголемува процентот на вработени кои примаат минимална плата во државата од 13.8% на скоро 18%.

До ваквата ситуација дојдовме поради фактот дека од моментот на воведување на минималната плата во 2012 година, па до последното зголемување од понеделникот, минималната плата ќе биде зголемена за неверојатни 120%, а платите во администрацијата и правосудството од 2012 до сега се зголемени за 9 или 10%.

Исто така, во последните години со политиките на Владата платите на вработените во одредени делови во јавниот сектор се зголемија за дури 25%, а платите во администрацијата и правосудството не беа зголемени ниту еднаш.

Доколку Владата ги почитуваше сопствените закони и вршеше усогласување на платите со порастот на минималната плата како што тоа е пропишано во членот 8 од Законот за минималната плата до ваквата состојба воопшто немаше ни да дојде.

Во администрацијата и правосудството системот на плати е базиран на бодови кои се добиваат по два основи: за образование и за нивото на кое е распореден вработениот.

Доколку не се спроведе скалесто усогласување на платите ќе се случи вработените од пониските нивоа да ги престигнат вработените во повисоките нивоа, или вработените со средно образование да ги престигнат вработените со високо образование. Или како што кажав на почетокот тотално не функционирање на системот на плати во администрацијата и правосудството.

Сето ова беше укажувано од страна на Претседателот Деаноски на седниците на Економско – социјалниот совет и на сите состаноци кои Синдикатот а УПОЗ ги имал со ресорните министри во минатото.

Од тие причини Синдикатот на УПОЗ бара од Владата заедно со измената на Законот за минималната плата, во скратена постапка да направи измени и на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството, на начин што вредноста на минималната плата да биде земена како основна плата на вработените и сите вработени да имаат одредени бодови за ниво.

На овој начин ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и за првпат ќе имаме усогласување на платите во администрацијата и правосудството со порастот на минималната плата.

Доколку истото не се случи Синдикатот на УПОЗ ќе биде приморан да ја активира одлуката донесена на Претседателството на Синдикатот во месец ноември и не задовослтвото на вработените ќе го изрази преку организирање на протести и блокирање на работа на одредени институции.