До започнувањето на кампањата за Претседателските избори стрелките на часовникот започнуваат да вртат забрзано. Синдикатот на УПОЗ и Министерство за информатичко општество и администрација скоро шест месеци преговараат за потпишување на колективниот договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи. Ќе успееме ли пред стартот на претседтелката трка, да го потпишеме договорот?
Преговорите за потпишување на Колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи меѓу претставниците на Владата и Синдикатот на УПОЗ почнаа кон крајот на август кога беше одржана и првата работна средба на која беше утврдена динамиката со која работните групи од двете страни почнаа да ги усогласуваат евентуалните разлики во Предлог - текстот на Колективниот договор.
Искрено, Синдикатот на УПОЗ очекуваше преговорите да финишираат кон крајот на октомври, но очигледно преговарањето може да трае и подолго со цел да се дојде до квалитетни решенија. Ова е посебно важно затоа што потпишувањето на колективниот договор треба да значи добивање на поголеми права на работниците, но и гаранција за нивно почитување.
Синдикатот на УПОЗ во очекување стрелките да започнат да се движат во саканиот правец потсетува на барањата, но и на дилемите пред кои сме исправени.
Побаравме: регрес за годишен одмор, дневници за службени патувања, јубилејни награди, додатоци за плата за работа во смени, ноќна работа и прекувремена работа, зголемување на платените денови од годишен одмор, прецизирање на дисциплинските постапки, како и покренување на прашањето за пресметката и исплатата на платите да се регулира со Колективен договор, а не како сега со Закон.
Во врска со регресот за годишен одмор, популарниот К-15, иако со поединечни колективни договори ова право е предвидено и се исплаќа во некои институции во јавната администрација, со потпишување на Колективен договор исплаќањето на регресот за годишен одмор би било задолжително за сите институции во јавната администрација. Ова не е нереално барање, уште повеќе што истото е содржано, во стариот Колективен договор од 1995 година и врз основа на таа одредба за исплата на регрес на годишен одмор во државните органи некои работници го остваруваат правото поведувајќи спор пред надлежните судови. Што се однесува, пак, до јубилејните награди како Синдикат сметаме дека со оглед на тоа што оваа право е уредено со Закон треба да се уреди и со Колективниот договор. Исто така, работните групи формирани од министерствата и Синдикатот усогласија и некои одредби во Колективниот договор како што се деновите на платено отсуство заради лични и семејни потреби и тоа до седум работни дена во годината и правото на неплатено отсуство, како и во институциите каде што има синдикална организација, на претставникот на Синдикатот да му биде овозможено да биде дел од функционалната анализа на самата институција, а се утврди и надоместокот на трошок поврзан со работата, но и други прашања.
За дилемите. Дали Колективниот договор да важи за сите или само за членовите на Синдикатот?
Дилема или не? Имено, работниците се зачленуваат во синдикати заради остварување на своите економски и социјални права и плаќаат доброволно членарина од која што, пак, се финансира синдикатот. Се прашуваме дали Синдикатот кој се финансира од членовите треба да се бори и условно речено за ,,нечленовите” иако сметаме дека секој работник е важен! За воља на вистината и за ова има решение. Едното од нив е ако ,,нечленовите” сакаат да ги уживаат истите права како и членовите, тогаш по примерот на некои синдикати од регионот истите да плаќаат одреден надмоесток или пак правата во колективниот договор да ги уживаат само институциите во јавната администрација во кои има формирано синдикална организација на Синдикатот потписник на колективниот договор.
И барањата и дилемите се пред нас и во фотофиниш мора да се разрешат. Пред да почне изборната кампања која ќе значи запирање на активностите за потпишување на колективни договори, и во оваа прилика ќе потсетиме на изјавата на ресорниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кој во ноември минатата година рече дека лично тој очекува Колективниот договор наскоро да биде потпишан. Но каков и со каква права за јавната администрација?
Пенкалата се подготвени. Повикуваме пенкалата да ги земеме во раце и конечно да го потпишеме Колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи.
Владата треба да покажете и на дело дека потпишувањето на Колективниот договор е значајно и за неа! Дотолку повеќе што Колективен договор за јавната администрација не е потпишан од 1995 година, а од тогаш до сега Законот за работни односи и законите кои ја регулираа работата на јавната администрација претрпеа суштински измени од кои некои беа и на штета на работниците. Дајте со најмоќното оружје колективниот договор да го потпишеме и конечно и јавната администрација да ги добие правата кои со години наназад им беа ускратувани, односно истите права кои ги имаат вработените во приватниот сектор. Ништо повеќе и ништо помалку.