Почнувајќи од денес вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.

"Почнуваме денес во вторник, бидејќи денес се одржува седница на Владата и апелираме на денешната владина седница да се стави точка на дневниот ред со која ќе се изнајде начин да се обезбедат средства од Буџетот за решавање на овој долгогодишен проблем на вработените" - кажа на прес конференцијата Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

Во изминатиот период од изборот на новата Влада остваривме средби со речиси сите ресорни министри и по пат на преговори со нив заеднички подготвивме Предлог – Колективни договори, кој потоа со поддршка на ресорните министри беа испратени до Министерството за финансии. Овие Предлог – Колективни договори беа поднесени до Министерството за финансии пред носење на Буџетот за 2025 година, но од неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за нивно потпишување.

Висината на платите на вработените во институциите кои денес протестираат почнува од 25.010,00 денари. Просечната плата во овие институции е околу 29.000,00 денари, а просечната плата исплатена на ниво на држава изнесува 42.124,00 денари.
Додатокот што го бараме од 30% значи дека вработените би добиле 6000 денари зголемување на плата, но и покрај тоа сите вработени повторно ќе бидат под просечната плата на државата.

Ова барање е старо повеќе од 4 години. За овој додаток на плата сме протестирале и сме штрајкувале години наназад, но за жал ниту една влада до сега не излезе во пресрет на нашите барања.
Иако не постои никаква уставна ниту законска пречка да се потпише Колективен договор во било која институција, нашата намера не е да нанесеме штета на државниот буџет туку преку дијалог со Владата да се изнајдат средства за потпишување на Колективните договори во рамки на буџетот.

Протестите ќе продолжат во текот на оваа недела секој ден од 11:00 до 11:30 часот, а во петок вработените од министерствата ќе протестираат пред Министерството за финансии од 11:00 до 12:00 часот.

Се надеваме дека овие протести нема да бидат залудни и дека оваа Влада ќе го слушне гласот на вработените.

На барање на Синдикатот на УПОЗ, денеска во Министерството за социјална политика, демографија и млади се одржа работна средба со Заменик министерот Ѓоко Велковски и Државниот секретар Фатмир Сабриу. На оваа средба учествуваа претставници на Синдикатот на УПОЗ вработени во Центрите за социјална работа од Скопје, Тетово, Куманово и Велес.

Главниот фокус на оваа средба беа барањата на вработените во ЦСР, а особено изнаоѓање начин за зголемување на нивните плати.

Од страна на Заменик Министерот и Државниот секретар се изрази подготвеност да се изнајдат решенија за проблемите на вработените, а истите и информираа дека за дел од барањата на Синдикатот на УПОЗ веќе се преземени одредени чекори за нивно решавање.

Во врска со најболниот проблем на вработените, платите, се договори формирање на работни групи кој во најбрз можен рок ќе започнат со работа на Предлог – текстот на Колективниот договор на Синдикатот на УПОЗ, кој ќе ги опфати вработените во Центрите за социјална работа како и вработените во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Во периодот од 26-ти до 29-ти ноември, во Гдањск, Полска, се одржа третиот тренинг во рамките на проектот BUPPS (Building Union Power in Public Services), организиран од страна на Европската федерација на синдикатите во јавниот сектор (EPSU), на кој учестуваше стручниот соработник за регрутација и организација Љупка Апостоловска, како претставник на Синдикатот на УПОЗ.

Овој тренинг беше насочен кон зајакнување на капацитетите на синдикатите, фокусирајќи се на развој на организациски тимови кои ќе работат на регрутирањето на нови членови и зголемувањето на влијанието на синдикатите на национално ниво. Со создавање на организациски тимови, синдикатите имаат можност да привлечат нови членови и да ја зголемат својата влијателност во борбата за подобри работнички права и услови.

Тренингот вклучуваше различни работилници и дискусии кои беа насочени кон развој на стратегиите за подобрување на комуникацијата и координацијата меѓу членовите на синдикатите. Покрај теоретскиот дел, учесниците имаа можност да се вклучат во практични активности кои ги подготвија за реални предизвици со кои синдикатите се соочуваат.

Oвој настан беше одлична можност за поврзување на синдикалните лидери како и за споделување на идеи кои можат да придонесат кон подобрување на работничките права. Учесниците имаа можност да се запознаат со најновите трендови и стратегии, како и да ја разменат својата експертиза за унапредување на синдикалната борба на локално и глобално ниво.