СИНДИКАТОТ НА УПОЗ ГО ЗАПОЧНА НАГОЛЕМ ПРОЕКТ ОД ЕРАСМУС + ПРОГРАМАТА ЗА СИНДИКАТИТЕ

Денес, 10.02.2023 година со прес конференција за новинарите и одржување на почетниот состанок на конзорциумиот, Синдикатот на УПОЗ заедно со осум партнери од Европа и регионот, започнуваат со имплементација на проект ко - финансиран од Европската Унија, а дел од Ерасмус + програмата.

Главна цел на проектот кој е со наслов „Нов поттик за младинско учество во Синдикатите“ќе биде зајакнување на учеството на младите во Синдикатите, преку едукација и обука. Акцентот кој е ставен на младите и нивното учество не е случаен.

Последните европски статистики говорат дека просечната возраст на членовите на Синдикатите изнесува од 45 до 50 години старост, а процентот на лица кои се зачленуваат во синдикатите под 25 годишна возраст е значително намален.

“Има многу причини за ваквата состојба, но како главни фактори за ваквата може да се наведе дека младите не ги препознаваат синдикатите како организации од интерес ниту пак како органзации кои можат да им понудат заштита на нивните права од работен однос. Синдикатите од друга страна иако знаат дека младите им се потребни за да опстанат скоро и воопшто не ги вклучуваат младите да бидат дел од органите и телата на синдикатите, со што младите воопшто не се вклучени во процесот на носење одлуки во синдикатите. Токму тоа сакаме и да го смениме” – рече Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

Бидејќи со ваков проблем се соочуваат голем дел од синдикатите во Европа и регионот овој проект чив носител е Синдикатот на УПОЗ вклучува партнерски организации од осум земји и тоа:

Развојниот центар за млади од Р. Србија, Синдикатот Млади плус од Словенија; United Society of Balkans од Грција, Синдикатот Хизмет – Иш од Турција, Институтот за филозофија и социјална теорија, при универзитетот во Белград од Р. Србија, Синдикалниот Центар за Едукација и Обуки од Скопје, Синдикатот на управата и правосудството на Црна Гора и Синдикатот на управата на Република Српска.

Претседателот Деаноски, почетокот напомена дека најпрвин ќе се спроведе сеопфатно истражување со кое ќе бидат таргетирани млади од 5 држави за да се дознае кои се причините за неактивноста и неучеството на младите во синдикатите. По резултатите од истражувањерто ќе се подготви наставна програма и Синдикална академија преку која ќе се обучуваат идните млади синдикални лидери кои стекнатото знаење ќе го пренесат во сопствените земји.

Во натамошниот тек на проектот, младите синдикалци преку студиска посета во Љубљана, Словенија ќе имаат можност да се запознаат со работата на Синдикатот Млади Плус, како позитивен пример на младински синдикализам, со што уште повеќе ќе дознаат како младите можат да се вклучат во работата на синдикатите.

Резултатот од истражувањето и наставната програма ќе биде презентиран на релевантни структури во Брисел со потенцирање на значењето на Синдикатите и нивните секции на млади, а особено да се препознае потребата за обуки и едукација на младите.

На крај целиот резултат ќе биде презентиран на голема завршна конференција во Скопје на која ќе бидат поканети голем број на европски синдикати, претставници на европската унија и други релевантни фактори.

“Многу од младите, би барале нешто пониски плати, ако знаат дека во работното опкружување би се чуствувале безбедно, без мобинг и со почитување на нивните права. За да напредуваат и да се остварат како личности. Тоа е предуслов, за да младите останат” – рече Александра Кнежевиќ, програмската директорка на Развојниот центар за млади.

Исто така пред присутните се обрати и Директорот на Националната аганција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓеорѓиевски, кој искажа големо задоволство што една организација од Македонија, директно од централата на Советот на Европа, и ќе придонесе за едукација на младите членови. Тој исто така посочи дека Националната агенција е отворена за Синдикатот на УПОЗ, за било каква помош се со цел успешна имплементација на проектните активности.

Во текот на целото време траење на проектот истовремено ќе се спроведува и сеопфатна кампања со наслов СИНДИКАТИТЕ СЕ ИН – ВКЛУЧИ СЕ, АНГАЖИРАЈ СЕ, ДЕЈСТВУВАЈ, која ќе се одвива преку социјалните мрежи, а ќе биде младите да се запознаат со предностите од членството во синдикатите.