НЕЗАДОВОЛСТВОТО ВО ЗГРАДАТА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ РАСТЕ ОД ДЕН НА ДЕН

Незадоволство од состојбата со платите постои и во Бирото за јавни набавки, кое е орган во состав на Министерството за финансии.

Платите на вработените во Бирото воопшто не се зголемени со години, ниту пак се овозможи исплата на додадоци на плата како што беше предвидено за министерствата минатата година, иако Владата постојано збори дека борбата против корупцијата и е главен приориотет, при што јавните набавки имаат централно место во оваа заложба.

Зошто се дозволува слабеење на оваа важна институција кога знаеме дека низ системот на јавни набавки се трошат преку 1 милијарда евра јавни пари годишно? Законот му дава на Бирото бројни надлежности за контрола. Во што е работата на Бирото помалку сложена или помалку одговорна од другите чинители во управувањето со јавните финансии? 

И оваа институција се соочува со истите ризици на одлив на стручен и искусен кадар сега кога земјата влезе во евроинтеграциските процеси. Да потсетиме дека Бирото прво го отвори билатералниот скрининг на земјава со Европската комисија и е носител на посебно поглавје во кластерот фундаменти, а вработените добија пофалби за ефикасноста и ефективноста со кои ги реализираа овие клучи активности.

Зошто никој не се сетил дека маргинализирањето на Бирото несомнено ќе ги ослабне капацитетите на државата да управува со системот на јавни набавки и ефективно да се бори против корупцијата? А неможноста правично да се вреднува трудот на вработените ќе доведе токму до тоа.