КОНТИНУИРАНА ГРИЖА ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СИНДИКАТОТ НА УПОЗ

Продолжува континуираната грижа за членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ). На седница на Комисијата за распределба на средствата од Солидарниот фонд при Синдикатот на УПОЗ доделени се вкупно 71.000,00 неповрати средства и 90.000,00 денари повратни средства. За периодот помеѓу две одржани седници, согласно Правилникот за солидарен фонд, доделени се 227.990,00 денари. 

Имено, согласно Правилникот за доделување парична помош од Солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ на РМ со кој се уредуваат, начинот на издвојувањето и основите за доделување на средствата, 37 членови на синдикатот побарале да искористат некое од наведените права во Правилникот.

Па така по основ на новороденче 18 членови добиле по 3.000,00 денари или вкупно 54.000,00 денари. По основ на прваче доделени се три по три илјади денари, односно 9.000,00 денари вкупно. 120.000,00 денари, пак, е вкупната сума на парична помош на 11 наши членови кои изгубиле некој свој близок во семејството, односно по основ на парична помош за смрт на член на Фондот и смрт на член на неговото потесно семејство.

И во убавите моменти, како што е пензионирањето, Комисијата за распределба на средствата од Солидарниот фонд при Синдикатот на УПОЗ, на 15 наши членови им овозможи да го искоритат правото на парична помош за заминување во пензија во висина од 3.000,00 денари, или додели вкупно 44.900,00 денари. Нив ќе им посакаме спокојни пензионерски денови.

Инаку, согласно со Правилникот за доделување парична помош од Солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ на РМ членовите на Синдиактот можат да остварат право на: парична помош за подолготрајно боледување; парична помош за лекување; парична помош за лекови и медицински помагала; парична помош во случај на загрозена материјална состојба на членот на Фондот; парична помош за новороденче; парична помош за прваче; парична помош за потешки последици од елементарни непогоди; парична помош за смрт на член на Фондот и смрт на член на неговото потесно семејство; парична помош за заминување во пензија; парична помош во случај на штрајк; парична помош во случај на отказ или претрпени финансиски последици поради синдикални активности; како и право на парична позајмица.

Правото за користење на неповратни средства од Фондот по горе наведените основи може да се оствари само еднаш во годината (еднократно) по било кој основ, освен во случаи кога се работи за барања за парична помош за новороденче, парична помош за прваче, парична помош за заминување во пензија, парична помош за смрт на член на Синдикатот или член на неговото потесно семејство и парична помош за елементарна непогода. Освен позајмицата, паричната помош по сите други основи е неповратна. Корисници на средствата на Фондот се сите членови на Синдикатот на УПОЗ кои уплатуваат средства согласно со Одлуката за финансирање, а правото на користење средства се стекнува после шест месеци членување.