Зголемување на платите на административните службеници, отпочнување на преговори за нов Грански колективен договор и активно учество на Синдикатот како социјален партнер во креирање на подобри законски решенија, беа дел од барањата на Синдикатот на УПОЗ на првата работна средба со Министерот за информатичко општество и администрација г-дин Азир Алиу.
На барање на Синдикатот на УПОЗ, денес 06.03.2023 година, во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација, се одржа работен состанок со Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, Генералниот секретар Бојан Трипуноски и членовите на Извршниот одбор на Синдикатот на УПОЗ Зоран Георгиевски и Фестим Зеќири.
Претседателот Деаноски, на почетокот посочи дека Синдикатот на УПОЗ како единствен репрезентативен синдикат во државната управа, треба да биде активно вклучен во процесите кои престојат а се однесуваат на вработените во државната администрација. Како главно барање кое беше посочено од страна на преставниците на Синдикатот беше итната потреба од зголемување на платите на административните службеници и нов начин за пресметка на платите во администрацијата и правосудството преку поврзување со просечната плата. Активно вклучување во најавената реорганизација во јавниот сектор и поголема транспарентност и учество при креирањето на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.
Претставниците на Синдикатот на УПОЗ побараа од Министерот Алиу, во најбрз рок да се формираат работни групи и да се отпочне со подготовка на нов Грански колективен договор со кој ќе се зголеми износот за исплата на регресот за годишен одмор и ќе се утврдат и други финансиски права за вработените во администрацијата и правосудството.
На крајот двете страни истакнаа дека соработакта на Синдикатот на УПОЗ и МИОА, мора уште повеќе да се унапреди и социјалниот дијалог да се издигне на едно повисоко ниво.