Денес, 25.02.2021 година, Синдкатот на УПОЗ поднесе барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд, во врска со не исплатата на регресот за годишен одмор за 2020 година, согласно член 21 од Гранскиот колективен договор за вработените во органите на државната управа, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација на 06.02.2020 година, го склучија Гранскиот колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државното правобранителство, Општините, Градот Скопје и општините на Градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

Овој колективен договор беше објавен во Службен весник на РСМ под број 51 од 25.02.2020 година, а во членот 49 од колективниот договор е наведено дека: Овој колективен договор влегува на сила со денот на склучување, а ќе се применува од денот на неговото објавување во Службен весник на Република Северна Македонија”.

Во членот 21 од Колективниот договор е предвидено дека секој вработен има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 9.000 денари нето, под услов да работел шест месеци во календарската година кај работодавачот и се исплатува најдоцна до крајот на тековната година.

Иако во членот 21 јасно е предвиден износот за регрес за годишен одмор и рокот за исплатата, до сега ова право е исплатено само во неколку општини, а во ниту еден орган опфатен со овој Колективен договор не е извршена исплатата на ова право.

Од тие причини, Синдикатот на УПОЗ се обрати до Државниот инспекторат за труд, со цел да се изврши вонреден инспекциски надзор со кој ќе се утврди дали на вработените им е исплатено правото на регрес за годишен одмор, а доколу утврди дека не е испатен, со Решение да им се наложи на работодавачите од членот 2 став 1 од Колективниот договор истото да го сторат во најбрз можен рок.

На 19.02.2021 година Синдикатот на УПОЗ ја одржа втората работна средба во Фондот за здравствено осигурување на која се разговараше за неколку отворени прашања во врска со примената на Колективниот договор  како и околу распоредот и ангажирањето на вработените во услови на криза предизвикана од вирусот Ковид 19.

На првата средба одржана на 27.01.2021 година со директорите на Фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски и Фатон Амети се разговараше во врска со проблемите кои настанаа околу остварувањето на правата на вработените од колективниот договор. На состанокот беше речено дека Фондот ќе ги почитува сите одредби од потпишаниот колективен договор и дека јубилејните награди кои им следуваат на вработените согласно стариот колективен договор се веќе реализирани.

На средбата, директорите во својство на работодавач, истакнаа дека за нив е значајна соработката со Синдикатот и дека сите обврски кои произлегуваат од Колективниот договор потпишан во февруари минатата година ќе ги почитуваат и реализираат затоа што нема друга алтернатива. Притоа беше напоменето дека од оправдани причини, исплатата на некои додатоци (патни трошоци, јубилејни награди, регрес за годишен одмор) не се исплатени и побараа рок од десетина дена со цел да се направат одредени пресметки.

Во духот на добра соработка и разбирање на 19.02.2021 година се одржа и втората работна средба. На средбата беше договорена реализацијата на ветеното. Договорено е јубилејните награди во иднина да се исплаќаат годишно на Денот на здравствените работници - 7 април, а на тој ден да бидат наградени и најдобрите работници од ФЗО со подрачните одделенија.

Јубилејните награди за сите кои исполниле право на јубилејна награда пред 07.02.2020 година веќе се исплатени по стариот колективен договор од 2003 година во висина на просечната плата на претходната година како што е предвидено во член 56 од тој колективен договор. Сите кои го исполнуваат правото за јубилејна награда по тој датум ќе им се исплаќа согласно новиот колективен договор. На иницијатива на директорот Фатон Ахмети беше договорено на Денот на здравствените работници 7-ми април секоја година да се исплаќаат јубилејните награди. За патните трошоци за вработените кои патуваат над 20 километри во еден правец до и од работа, во најбрз рок ќе се формира заедничка комисија која треба да ги потврди дистанците на патувањето и да се започне со исплата на средства во висина на износ на јавниот превоз.

Дневниците за патни трошоци ќе се исплаќаат согласно гранскиот колективен договор, и за нив веќе се одобрени средства. На правниците кои го застапуваат ФЗОРСМ во судски постапки, веднаш ќе започне да им се пресметува 20% зголемена плата. Лица кои имаат завршено високо образование, а биле вработени со средно образование, согласно законот за вработени во јавниот сектор и административни службеници, наскоро по добивањето на одобрувањето од Министерството за финансии, ќе добијат нови решенија за работа. Станува збор за 26 лица кои имаат завршено високо образование пред стапување на сила на измена на Законот.

Во врска со сменското работење и ротациите, менаџментот ќе ги разгледа одделенијата, одделите, канцелариите каде што не се запазуваат мерките за заштита од Ковид 19 т.е. каде нема минимална дистанца и следствено на истото најитно ќе донесат план за ротации на работно место а воедно ќе се ревидира и упатството месец април 2020 година за мерките протви Ковид 19.

Во врска со регресот за годишен одмор за 2020 година, беше договорено да се изнајде соодветно решение и ова право да биде реализирано наскоро.

Како репрезентативен Синдикат, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денес 12.02.2021 година по три години преговарање, се потпиша Колективниот договор за вработените во министерството. Со овој колективен договор се унапредени и правата на вработените во шумската полиција, кои низ годините наназад своите права ги остваруваа по судски пат а со тоа се оштетуваше буџетот на министерството.

Синдикатот на УПОЗ и синдикалната организација при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство претставувани од Претседателот Пецо Грујовски и претседателот на синдикалнта организција Александар Диље од една страна и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, денес го потпишаа Колективниот договор за вработените во МЗШВ.

Со овој колективен договор, за прв пат се уредува системот за плати на овластените службени лица односно вработените во шумската полиција, регулирано е извршувањето на работните задачи за добиени овластувања од Министерот со што може да се исплати надоместок во висина на една просечна плата исплатена во државата, исплата на јубилејни награди на секој пет години право кое ќе го уживаат само членовите на Синдикатот, а исто така со овој колективен договор е регулирана и исплатата на регресот како за административните така и за вработентие во шумската полиција.

Потпишувањето на овој колективен договор, е уште еден пример дека доколку постои воља од страна на работодавачот, може да се унапредат правата на вработените, затоа што само задоволен работник е продуктивен работник. Затоа, овој колективен договор е пример на добрата воља и соработка меѓу Синдикатот и работодавачот.

Синдикатот на УПОЗ и натаму ќе продолжи со поптишување на колективни договори на ниво на работодавач и во другите министерства, општините и другите установи и институции на државната администрација.

Денес се одржа online состанок на синдикатите членки на EPSU – Европската федерација на синдикатите од Централна и Југоисточна Европа. На состанокот на кој учествуваа 28 претставници на синдикатите, учествуваше и претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецо Грујовски.

На состанокот се разговараше околу проблемите со пандемијата и мерките кои ги преземаат државите за справување со Ковид 19 и одразот на здравствената криза врз примената на колективните договори и проблемите предизвикани од кризата. Секој од учесниците имаше можност да информира за состојбите во нивните земји.

Од дискусиите можеше да се заклучи дека проблемите и мерките во справувањето со врисуот се идентични, дека во повеќето земји е отпочната вакцинацијата и дека работодавачите од јавниот сектор главно ги почитувале препораките и мерките на здравствените власти за заштита на вработените по принципот на ротација, работа од дома и слично.

Во однос на одразот на здравствената криза врз стандардот на вработените и почитувањата на правата од колективните договори беше искажано задоволството од владите, како најголем работодавач на вработените во јавниот сектор. Во најголем број држави, беше истакнато на состанокот, максимално се почитуваат правата од колективните договори, а во некои биле потпишани и анекси со кои правата биле зголемени (плати, додатоци на плата,исплата на 100% од платата за заболените од Ковид 19 и слично).

Следниот состанок ќе се одржи на 12 март на кој исто така ќе се разговара за овие прашања.