На барање на Синдикатот на УПОЗ, вчера 10.02.2021 година, во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација се одржа работен состанок меѓу претставниците на Синдикатот и Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) Јетон Шаќири, на кои се разговараше за прашања кои се од исклучително значење за административните службеници и Синдикатот. На овој состанок, Синдикатот го преставуваа, Претседателот Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски и членовите на Одборот за административни службеници Зоран Георгиевски и Александар Диље.  

Иако 2020 година е веќе зад нас, некои прашања и натаму остануваат отворени во однос на доследна примена на Гранскиот колективен договор. На оваа средба, од страна на Синдикатот на УПОЗ беше побарано, истиот доследно да се применува од двете страни, затоа што колективниот договор е облигаторен однос меѓу двата социјални партнери и мора да се почитува. Она на што сакаме да укажеме е дека, најголем проблем во овој момент неисплатата на регресот за годишен одмор за 2020 година, а потоа неучеството на претставниците на Синдикатот во креирање на буџетот кај работодавачот, неисплатените дневници за службени патувања за 2020 година итн.

Од страна на Министерот Јетон Шаќири, бевме известени дека регресот за годишен одмор за 2021 година и дневниците за службени патувања ќе се рализираат, а во однос на учеството на претставници на Синдикатот во креирање на буџетот во делот за администрацијата можеме да бидеме само информирани од Министерството за финансии. На ова мислење претставниците на Синдикатот се спротиставија со објаснување дека и во делот на Буџетот, Синдикатот треба да има активна улога. Во спротивно, непотребна би била одредбата во членот 15 точка 3 “Синдикалниот претставник учествува во процесот на подготовка на буџетот на работодавачот.

Со оглед што и на оваа средба толкувањата на МИОА и Синдикатот во поглед на исплатата на регресот за годишен одмор за 2020 година беа спротиставени, Синдикатот побара да се одржи работна средба на која ќе присуствуваат Претседателот на Владата на РСМ, Министерот за финансии, Министерот за информатичко општество и администрација и претставниците на Синдикатот, со цел да се затворат отворените прашања и толкувањето на МИОА - односно Владата на РСМ.

На оваа средба, исто така стана збор и за некоклу други прашања кои се однесуваат за вработените во државната администрација. Имено на последната средба на 26 Ноември 2020 година, бевме информирани дека се подготвува нов Закон за административни службеници но до денес истиот не е доставен до Синдикатот. Од страна на претставниците на МИОА, бевме информирани дека е подготвен текст на сосема нов закон, и дека истиот наредната недела ќе биде објавен на Електронскиот национален регистар на прописите на РСМ (ЕНЕР), а по истиот ќе бидат одржани и неколку јавни расправи.

Во однос на пренесување на правото на додаток за степен на кариера при унапредување, Синдикатот на УПОЗ и МИОА имаа различни ставови. Синдикатот на УПОЗ по ова прашање смета дека вработените ова право го има стекнато односно ова право го стекнува вработениот, а не нивото на кое работел, па од тие причини не гледа зошто ова право се губи при унапредување на работните места. Доколку и натаму се продолжи при унапредувањето да се губи степенот на кариера, за кое Синдикатот смета дека е стекнато право, ова право секој вработен кој ќе биде унапреден и ќе му се одземе степенот на кариера, ќе мора ова да го оствари по судски пат.

На крајот од оваа средба, Претседателот Пецо Грујовски го постави прашањето за зголемувањето на платите во државната админситрација. Имено ова барање, Синдикатот на УПОЗ уште пред една година веќе го има доставено до Владата на РСМ, и тоа беше проследено до МИОА и Министерството за правда за што до денес немаме одговор од овие министерства. Синдикатот на УПОЗ смета дека околу 90% од вработените во државната администарција имаат плата под републичкиот просек, заради што е неопходно нивно зголемување. Затоа предлог на Синдикатот е висината на бодот (кој во овој момент е 81.1 денар) да остане на ова ниво и платите месечно да се усогласуваат со порастот на просечната плата во државата. Од страна на Министерот Јетон Шаќири, беше побарано повторно овој предлог да биде доставен до МИОА, со цел заеднички да изнајдеме решение за зголемување на платите во државната администрација.

Во периодот помеѓу две седници на Комисијата за солидарен фонд, беа одобрени рекордни 320 барања во износ од 1.405.200 денари, парична помош за членовите на Синдикатот на УПОЗ по најразлични основи.

Комисијата за солидарен фонд на Синдикатот на УПОЗ на 29.01.2021 година, ја одржа својата 30-та сединца, на која беа разгелдани поднесените барања на членовите на Синдикатот на УПОЗ по разни основи.  Поднесени и одобрени беа седум барања по основ парична помош за боледување во вкупен износ од 46.700 денари. Едно барање беше одобрено по основ загрозена материјална состојба во износ од 10.000 денари и три барања по основ парична помош за лекување во износ од 61.000 денари а шест барања беа одобрени по основ парична помош позајмица (школување и лекување) во износ од 161.000 денари.

На оваа седница, беа разгледани и неколку спорни предмети, кои не ги исполнуваа условите за добиваање на парична помош од Правилникот за солидарен фонд.

Во периодот меѓу двете седници од 03.12.2020 година до 28.01.2021 година, согласно Правилникот беа одобрени и испалтени вкупно рекордни 320 барања во вкупен износ од 1.405.200 денари и тоа:

  • Парична помош за новороденче – 12 барања во износ од 36.000 денари
  • Парична помош за прваче – 12 барања во износ од 36.000 денари
  • Парична помош за смрт на член на Фондот – седум барања во износ од 140.000 денари
  • Парична помош за смрт на член на потесно семејство – 12 барања во износ од 120.000 денари
  • Парична помош за пензионирање – 12 барања во износ од 35.200 денари
  • Парична помош по член 28 (исклучителен случај) – 263 барања во износ од 948.000 денари (за исплата на парична помош за заболени членови од вирусот Ковид – 19)
  • Парична позајмица за лекување – три барања во износ од 90.000 денари.

Комисијата за солидарен фонд при Синдикатот на УПОЗ и натаму ќе продолжат да ја следи состојбата и да им помага на своите членови за неповратни средства и парични позајмици кои ги исполнуваат условите согласно Правилникот за солидарен фонд.

Согласно член 21 од Гранскиот колективен договор Владата на С. Македонија беше должна регресот за годишен одмор да го исплати до 31.12.2020 година. Со оглед што до овој рок Владата не ја исполни обврската, Синдикатот на УПОЗ се обрати до Европската федерација на синдикатите до јавниот сектор (ЕПСУ), во која е членка повеќе од 25 години. Во писмото кое ЕПСУ деновиве го испрати до Владата децидно ја повикува на почитување на Гранскиот колективен договор и исплата на регресот за годишен одмор.

Намерата на Владата да не го почитува член 21 од Гранскиот колективен договор во кој е предвиден регрес за годишен одмор за 2020 година, беше предочена во понудениот Анекс на Колективниот договор од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), со кој се бараше Синдикатот на УПОЗ да се откаже од правото на регрес за годишен одмор за 2020 година. Овој Анкес беше одбиен од Синдикатот на УПОЗ, а на седницата на Претседателството на Синдикатот едногласно беше заземен став и во иднина да не се прифаќаат вакви неиздржани предлози. Синдикатот на УПОЗ до МИОА и Владата достави како одговор свои предлози за исплата на регресот за годишен одмор - одложено плаќање, исплати на рати или исплата само на членовите на Синдикатот на УПОЗ.

Овие предлози не беа прифатени од страна на Владата. Поради тоа што не беа направени никакви измени на Гранскиот колективен договор и со тоа правото за регрес на годишен одмор за 2020 година, не е изгубено. Ова право застарува за три години, период во кој секој вработен може да го оствари по судски пат. Синдикатот на УПОЗ и натаму ќе прави напори Владата да го почитува Колективнниот договор и да го исплати регресот за годишен одмор, а со тоа и да не се прават дополнителни трошоци на Буџетот на државата преку трошоците од евентуалните судски постапки, а и да не ги изложува вработените на судски постапки и трошоци.

Во прилог Ви ги пренесуваме писмото на Синдикатот на УПОЗ упатено до ЕПСУ и писмото од ПСУ испратено до Владата на С. Македонија (превод и оригинал) заради навремено информирање на нашите членови.

Решавање на проблемите на вработените во казнено-поправните и воспитно-поправните домови и подобрување на условите и средствата за работа, примена на одредбите од Гранскиот колективен договор и Законот за извршување на санкции, активностите околу потпишување на Колективниот договор за КПУ И ВПУ, беа дел од прашањата за кои се разговараше со Директорот на управата за извршување на санкции Маријан Спасовски.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски, заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски, проследија низа барања и го запознаа директорот на Управата за извршување на санкции со проблемите со кои се соочуваат вработените во КПУ и ВПУ.

На оваа средба беше констатирано дека со измените на Законот за извршување на санкции се подобрија одредени права на вработените во КПУ и ВПУ но се уште постојат отворени прашања кои се провлекуваат со години и кои конечно е потребно да се решат.

Директорот на управата за извршување на санкции изрази спремноста за соработка и обновување на социјалниот дијалог со Синдикатот на УПОЗ и истакна дека во Синдикатот на УПОЗ како репрезентативен Синдикат гледа сериозен партнер и коректор на работата ба Управата за извршување на санкции.

Од негова страна беше потенцирано дека веќе се започнати сериозни чекори за набавка на нова опрема за работа и нови униформи и истакна уверување дека за неколку месеци овој долгогодишен проблем ќе биде решен.

Двете страни се согласија дека соработката помеѓу Синдикатот на УПОЗ и Управата за извршување санкции во иднина треба да продолжи со засилен интензитет со цел остварување, заштита и подобрување на правата на вработените во КПУ и ВПУ.