Синдикатот на УПОЗ како потписник на Колективниот договор за вработните во Управата за јавни приходи (УЈП) и страна која ги застапува правата на своите членови, но и на сите вработените во УЈП е загрижен за континуираното, масовно и сериозно кршење на правата од работен однос на даночните службеници и вработените во УЈП.

Управата за јавни приходи долг временски период ги ограничува правата на вработените со носење на поединечни акти на работодавачот, не ги применува законските одредби и одредбите од Колективниот договор особено оние кои се однесуваат на начинот на пресметка на плата, додатоците на плата и други надоместоци од работен однос, се прават незаконски времени и трајни прераспоредувања на вработените, а не се признава ни стекнатиот степен на образование на сопствените вработени.

Бидејќи ваквата состојба опстојува долг временски период бараме од Владата, Министерството за финансии и пред се од работодавачот – Управата за јавни приходи веднаш да пристапи кон: 

  1. Утврдување и исплата додадок на плата од 30% и за вработените во Управата за јавни приходи (почнувајќи од јануари 2023 година) согласно автентичното толкување донесено од Собранието на РСМ дадено кон одредби од Законот за буџети;
  2. Пресметување и исплата на плата, надоместоци и додатоци на плата на вработените во УЈП најитно да се усогласи и да се врши согласно Колективниот договор и начин уреден со закон;
  3. Да се врши усогласување на пресметката и исплатата на платите во УЈП со порастот на индексот на трошоци на живот во случаи кога ќе надмине 10% во споредба со претходниот месец како што е предвидено во Колективниот договор на УЈП;
  4. Признавање на степен на образование со кое се стекнал вработениот во УЈП, и
  5. Да се прекине со злоупотреба на времено распоредување на вработените во УЈП и истото да се користи во случаи, за период и на начин пропишан со закон и Колективниот договор на УЈП

Време беше изворно да се слушне барем дел од вистината и за вработените во УЈП кои долги години на различни начини се обесправени во остварување на своите права од работен однос.

Воедно ги повикуваме сите надлежни органи и колеги – Државен инспекторат за труд, Државен завод за ревизија, Народен правобранител, Комисија за дискриминација, во рамките на своите надлежности да преземат мерки и да спроведат надзор по допрен глас во Управата за јавни приходи како работодавач, а во насока на почитување и прекин на масовното кршење на правата од работен однос на сите вработени во УЈП.

Синдикатот на УПОЗ цврсто ќе застане зад барањата и остварувањата на правата на вработените во УЈП.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjoвски и Генералниот секретар Трпе Деаноски учествуваа на завршната конференција во рамки на проектот ВеБЕР, финансиран од Европската Унија и Кралството Холандија, на која беше презентиран првиот Национален мониторинг извештај за спроведувањето на реформите, а главна тема беа самите реформи на јавната администрација.

Во дискусијата која што се разви претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски осврнувајќи се на последните изјави на министерот Манчевски дека доколку не се добие датум за преговори ќе се ревидира одлуката за покачување за 5 % на платите на административците рече дека Синдикатот не се согласува со селективното покачување на платите, а за лошите состојби рече дека се последица на минатите времиња кога не беа земани во предвид нивните забелешки.

,,Оваа состојба во која се наоѓа администрацијата е резултат на лошите политики кои беа водени претходно кога Синдикатот не учествуваше при носење на клучни закони, а уште помалку, кога формално имаше социјален дијалог беа сослушувани или земени во предвид неговите забелешки. Во моментов имаме ситуација кога социјалниот дијалогот отпочна, забелешките се прифаќаат, но досега според нас е направен само еден чекор, а конкретни резултати допрва се очекуваат во вид на нивно вклучување во измените на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, забелешки кои не беа прифаќани од претходната влада”, рече претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Исто така, тој ја искористи можноста да повика да се прекине со лошите квалификации упатени кон администрацијата. Со вакви плати административците не можат да бидат мотивирани, уште помалку со квалификациите дека се неефикасни и дека ќе бидат понудени на реалниот сектор, но и дека дел од нив ќе ја изгубат и работата. Овие изјави влијаат на севкупната атмосфера и затоа ја користам можноста да повикам да се престане со ваквите квалификации бидејќи лоши работници и неработници има секаде, а не само во администрација. Впрочем одговорно тврдам дека нема лоши работници има лоши раководители и затоа секој да си ги повика раковидители на одговорност”, потенцираше Грујовски.

На конференцијата присутните од страна на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски беа запознаени и со целта за подготовката на новиот Закон за висока раководна служба, а чија суштина е транспарентност при изборот и разрешувањето на раководителите на државните институции и точно дефинирање кои позиции се политички именувања, а кои се професионални.

Токму ова беше дел од дискусијата на Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски пришто тој потенцираше дека овие лица (државни советници, раководители на сектори и раководители на одделенија) треба да произлезат од самата институција, односно да бидат од редот на вработените со што би се задржал континуитетот во работата и би се имало поголема професионалнот. Овие лица, кои согласно новиот закон би биле именувани или поставени на раководни позиции десет години не треба да бидат членови на политички партии,  ниту пак во тој период да извршувале политички финкции, рече во својата дискусија Деаноски кој акцент стави и на привремените вработувања и вработувањата со договор на дело.

,,Привремените вработувања и вработувањата со договор на дело, во изминатите две години се повеќе користат како можност на вработување на лица во администрацијата кои не ги исполнуваат условите согласно со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор со што се оневозможува унапредувањето во кариерата на административните службеници бидејќи овие вработувања најчесто се за раководни функции, рече генералниот секретар Деаноски.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека се прави голем исчекор кон професионализација и департизација на јавната администрација што е едно од клучните барања на граѓаните, но и на ЕУ партнерите.