По најмалку 12.000,00 денари за судиите и членовите за на Судскиот совет, а по 500,00 денари за вработените во Судовите.

Ваква е Одлуката која на вчерашната седница ја донесе Судскиот буџетски совет, и со која реши да се исплатат додатоци на плата за месец ноември 2022 година.

Ваков селективен пристап при исплата на надоместоци на плата и зголемувања на платите во судовите, беше повод за многу протести и штрајкови во минатото, и судскиот буџетски совет продолжува со незаконска и неправична поделба на надоместоци на плата.

Праксата на носење одлуки, зад затворени врати, без присуство на јавноста ниту пак можност Синдикатот на УПОЗ да се стави во одбрана на вработените во судовите, и во минатото и во иднина ќе допринесуваат само да се зголемува револтот и незадоволството на вработените и повторно да се организираат протести и штрајкови.

Во време на најголемата финансиска криза која ја имала нашата држава, Судскиот буџетски совет реши на тие со највисоки примања да им додели по најмалку 12.000,00 денари, а на тие со најниски примања по 500,00 денари. Каде се тука праведноста и правичноста? Дали платите на членовите на судскиот совет се толку ниски за да мораат да добиваат дополнителни надоместоци од најмалку 12.000,00 денари?

Залудна е и оставката на Претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска, која иако не е поднесена за оваа Одлука, истата е многу задоцнета. Во време на нејзиното раководење, Судскиот буџетски совет никогаш не бил по затворен и по нетранспарентен и сето тоа се заврши со носење на ваква, за нас скандалозна одлука.

Јавно ги повикуваме членовите на Судскиот буџетски совет, веднаш да ја повлечат и поништат донесената Одлука и да донесат нова со која ќе има правична и праведна распределба на средства за сите вработени во судовите.

Доколку оваа Одлука не биде повлечена, за последиците од огромното незадоволство кај членовите на Синдикатот на УПОЗ и вработените во судовите ќе го сносат членовите на Судскиот буџетски совет.

Судскиот буџетски совет на денешната седница, донесе одлука со која на Судиите, членовите на Судскиот совет и вработените во Судскиот совет, ќе им додели 20% додатоци на плата за месец ноември, а на судските службеници само 5%. 

Повторно вработените во судовите се на удар, а претседателот на Судскиот буџетски совет, се уште не сака да оствари средба со Синдикатот на УПОЗ. 

Денес во просториите на Синдикатот на УПОЗ, се потпиша Колективниот договор за вработените во Општина Берово. 

Колективниот договор од страна на Синдикатот на УПОЗ го потпишаа Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски и претседателот на Синдикалната организација при Општина Берово Ѓорѓи Пеовски од едната страна и Градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски од другата страна. 

Со овој Колективен договор се унапредуваат правата, обврските, одговорностите и другите прашања во врска со работниот однос на вработените при Општина Берово и тоа усогласување на платите со порастот на минималната плата, зголемен износ на регресот за годишен одмор, исплата на јубилејни награди и можноста за исплата на 13-та плата. 

Синдикатот на УПОЗ испрати писмено барање до Судскиот буџетски совет за правилна исплата на додатоците и надоместоците на плата, но и исплата на разликата на додатоците на плата за последните три години.

Во натамошниот текст, Ви го пренесуваме барањето на Синдикатот на УПОЗ.  

“Согласно одредбите на Законот за судска служба и Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судските службеници (бр.01-285/1 од 13.02.2019 година), судскиот буџетски совет изминатите години неправилно ја исплаќаше разликата во додатоци и надоместоци на плата, на начин што не ја зголемуваше основицата на платата со процентот на работното искуство на судските службеници.

Имено, согласно член 65 став 1 од Законот за судската служба вработениот во судската служба има право на плата и надоместоци од плата, која што одговара на неговото работно место според услови и критериуми утврдени со овој закон и/или колективен договор, додека пак согласно став 2 платите и надоместоците од плата на вработените во судската служба се обезбедуваат од судскиот буџет.

Во член 66 од Законот за судска служба е предвидено дела платата на судскиот службеник се состои од следните компоненти: основна компонента и исклучителна компонента.

Во член 1 од Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судските службеници (бр.01-285/1 од 13.02.2019 година), се уредуваат додатоците на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судските службеници во Врховниот суд, Вишиот управен суд, апелационите и основните судови.

Членот 7 од Правилникот ја регулира висината на платата на судските службеници во процентуален износ од основната плата за судскиот службеник и тоа:

  • Посебни услови за работа во висина од 5%;
  • Постоење на висок ризик во висина од 10%;
  • Доверливост во висина од 10%, и
  • Ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа во висина до 10%.

Во член 8 од правилникот е предвидено дека додатоците на плата од членот 2 меѓусебно не се исклучуваат.

Во член 67 став 4 од Законот за судската служба е предвидено: Работното искуство на судскиот службеник се вреднува во износ од 0.5% во делот на основната плата со која се вреднува образованието и додатокот на плата за звање, за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%.

Согласно на се горе наведеното бараме во рок од 8 дена Судскиот буџетски совет доброволно да ги исплати задоцнетите обврски за секој судски службеник посебно, а притоа да има во предвид дека овие обврски треба да се исплатат ретроактивно за три години.

Доколку решите да не постапите по ова наше барање Ве известуваме дека Синдикатот на УПОЗ ќе преземе законски дејствија и ќе го застапува секој вработен посебно со цел остварување на ова право.”