Почитувани членови на Синдикатот на УПОЗ,
Дозволете најпрвин во нашето прво обраќање до Вас оваа година да Ви ги честитаме празниците и да Ви посакаме успешна и плодна година на секој план!
А почетокот на секоја нова календарска година секогаш е добра можност да се сумира сработеното од претходната. И, кога ќе погледнеме наназад и ќе се потсетиме што побаравме, што добивме и што ни ветија дека ќе се исполни, ние како Синдикат на работниците од управата, правосудството и здруженијата на граѓани на Република Македонија можеме да бидеме задоволни.
Можеби некои нема да се сложат со нашата констатација, но аргументите се на наша страна!
Конечно за прв пат после толку години на хибернација и тапкање во место започнавме конструктивен и реален дијалог со власта. Не очекувавме ниту дека тоа ќе биде лесно ниту дека дијалогот одма и веднаш ќе ги реши сите, со години наназад наталожени проблеми.
Сепак очекуваме годинава чекорите од страна на власта да бидат поцврсти и посигурни за заедно да обезбедиме поцврста и посигурна перспектива на синдикалното движење и синдикалните процеси во државава. Очекуваме вклученост во сите процеси коишто ги тангираат работниците и нивните права.
Изминатата година, се водеа дисциплински постапки во кој Синдикатот беше застапник за своите членови, и издвојува истите да не бидат казнети.
2018 година, повеќе синдикални организации, Општина Крива Паланка, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за транспорт и врски, Дирекција за заштита и спасување, Општина Битола и Агенција за катастар на недвижности почнаа со работа на колективните договори на ниво на работодавач, договори со кои ќе се унапредат правата на членовите на Синдикатот на УПОЗ очекуваме да со работодавачот изнајдеме заеднички јазик и истите да бидат потпишани, а потпишавме колективен договор во изминатата година во Државен инспекторат за земјоделство. Во периодот што следи, очекуваме поголем интерес на синдикалните организации за потпишување на колективни договори на ниво на работодавач.
Исто така во изминатата година, мораме да нампоменеме дека работната група на Синдикатот на УПОЗ, интензивно работеше на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, кој ќе биде исклучително важен за сите административни службеници, во кој Синдикатот на УПОЗ бара поголеми права од веќе постоечките. Очекуваме до крајот на јануари, истиот да биде потпишан.
Минатата година како и таа пред неа ја водевме битката за конечно враќање на неправедно задржаните средства за време на штрајкот во 2016 година. Очекуваме ова да го решиме многу брзо како што ни беше ветено.
И не само тоа! Почетокот на оваа година ќе биде во знакот на исправување на неправдата и израмнување на судските службеници со другите вработени во правосудството во делот на исплата на додатоци на плата. Овие измени на Законот на судска служба со кои и вработените во судовите ќе добијат додатоци на плата во висина од 35% се донесоа на крајот од 2018 година иако можеа да се донесат многу порано. Со тоа и судските службеници станаа дел од она што и правно се: дел без кој судска власт не може да функционира! Не може да има судења и водење судски спорови ако нема судска администрација која се грижи за админситративната страна на тие судски спорови. Ова го знаат сите, но за жал еден добар дел од судкските власти овој факт го игнорираат и со тоа ги рагзневуваат судските службеници. Гневот на сите нас заврши со поднесување на кривична пријава против претседателот на судскиот совет на Република Македонија Зоран Караџовски, како и против членовите на Судскиот буџетски совет на Република Македонија поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија. Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) и Здружението на судска администрација на Република Македонија (ЗСА) очекуваат Основното јавно обвинителство како надлежен орган за прогон да ги преземе сите соодветни дејства за кривично гонење на пријавените лица за сторените кривични дела.
Да заклучиме. Не чека година кога некои процеси ќе ги заокружиме и година кога други битни процеси ќе ги започнеме. И тоа веќе од утре!
Со почит,
Синдикат на УПОЗ