На барање на Синдикатот на УПОЗ во текот на вчерашниот ден Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски и Генералниот секретар Трпе Деаноски остварија работна средба со Претседателот на Владата на С. Македонија, Зоран Заев.
На средбата се разговараше за неколку прашања кои се од интерес за вработените во државната управа и правосудните органи, а тоа се состојбата со платите на вработените, примената на Гранскиот колективен договор и најавената можност за предвремено пензионирање на вработените.
Претставиците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека во изминатите 3 години, Синдикатот покрај Гранскиот колкетивен договор склучи уште 18 колективни договори на ниво на работодавач со кои се подобрени правата од работен однос на вработените.
Иако, тоа покажува дека социјалниот дијалог и партнерство се на високо ниво, сепак постојат одредени проблеми при примената на колективните договори, а најголемиот дел од нив се однесуваат на учеството на синдикалните претставници во подготвувањето на буџетот кај работодавачите и исплата на надоместоците и додатоците на плата.
По однос на прашањето за платите на вработените во државната управа Претседателот на Владата на С. Македонија информираше дека и покрај Ковид кризата платите на вработените во државната управа нема да бидат загрозени и намалени.
Синдикатот на УПОЗ и Владата искажаа различни ставови и несогласувања во врска со планот на Владата регресот за годишен одмор на вработените да се исплати со стекнување на правото за годишен одмор во месец јуни 2021 година.