Од 02 до 04 октомври 2020 година, во Охрид, во хотел Метропол ќе се оджи 31-та синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ на која главна тема се колективните договори и нивната примена.

Оваа година, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) ќе ја одржи својата 31-ва синдикална школа со тема Анализа на гранскиот колективен договор и посебните колективни договори на ниво на работодвач.

Темата е од исклучително значење за Синдикатот на УПОЗ со оглед што во месец февруари 2020 година, по две години преговарање, се потпиша Гранскиот колективен договор за за органи на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија а некои работодавачи отвораат дилеми за одредени прашања и даваат погрешни толкувања.

Затоа целта на оваа синдикална школа низ предавањата на еминентни стручњаци е да се продискутираат сите евентуални забуни, дилеми и недоразбирања со цел и претставниците на Синдикатот и работодавачите да дојдат до полесна и целосна примена на колективниот договор.

Предавачи на оваа синдикална школа ќе бидат проф.д-р Лазар Јовевски – професор на правниот факултет Јустинијан први, Билјана Жагар Николовска – советник за администрација при Министерството за информатичко општество и администрација и Хилда Мешкова – судија во Граѓанскиот суд.

Синдикалната школа е подготвена по сите сите здравствени протоколи.  

По вчерашната реакција на Синдикатот на УПОЗ во врска со времената Одлука за промена на работното време, Владата на Р.С. Македонија ја стопираше истата.

Во продолжение го пренесуваме соопштението на Владата на Р.С. Македонија: Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, после извршените консултации, одлучи да не ја потпише одлуката за времено суспендирање на одлуката за флексибилно работно време на државната администрација од 7-та седница на Владата.

Прашањето ќе биде повторно разгледано на следната седница на Владата, откако ќе бидат направени дополнителни анализи и проценки за целисходноста за промена на работното време на администрацијата.

До нова одлука, како и до сега, останува флексибилно работно време на сите вработени од органите на државната управа од 7.30 и 8.30 до 15.30 и 16.30 часот, со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа.”  

Вчера на седница на Владата на Р.С. Македонија е донесена времена одлука за промена на работното време во администрацијата со која се утврдува ново работно време со почеток од 08.00 часот до 16.00 часот. Со тоа, променета е претходната одлука со која од 1-ви септември 2017 година, беше утврдено флексибилно работно време со почеток од 07.30 до 08.30 и завршеток од 15.30 до 16.30 часот. Синдикатот на УПОЗ е затекнат од ваквата одлука бидејќи не беше информиран и консултиран како социјален партнер, со оглед на тоа што во Гранскиот колективен договор потпишан во почетокот на оваа година, е утврдено дека работното време е флексибилно.

Денес Синдикатот на УПОЗ реагираше и се обрати до Владата на Р.С. Македонија во врска со вчерашната одлука за промена на работното време и бара истата итно да биде повлечена.

Ваквата одлука, за Синдикатот на УПОЗ е нејасна и конфузна и веднаш создаде револт меѓу вработените од причина што Владата со носењето на ваквата одлука сметаме дека не го почитува социјалниот дијалог, постапува спротивно на Конвенциите на Меѓународната организација на трудот и го негира Гранскиот Колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија, кој Владата го потпиша на почетокот на оваа година.

Согласно членот 8 од Гранскиот Колективен договор работното време на вработените е флексибилно, започнува во 07:30 – 08:30 часот, завршува во 15:30 - 16:30 часот. Вака утврденото право не може и не смее да се дерогира со еднострани одлуки донесени од Владата или од било кој друг орган бидејќи се спротивни на сите позитивни законски норми.

Синдикатот на УПОЗ се надева дека Владата на Р.С. Македонија ќе ја преиспита ваквата одлука и истата ќе ја повлече бидејќи флексибилното работно време беше наше барање и таа одлука беше позитивно прифатена од вработените и даде позитивни резултати.

Во врска со Одлуката на Судскиот буџетски совет од 28.09.2020 година, Синдикатот на УПОЗ денеска достави писмена реакција и барање за ист третман на вработените во судовите. 

До Синдикатот на УПОЗ, во текот на вчерашниот ден пристигна информација дека Судскиот буџетски совет со одлука бр. 02-1015/6 од 28.09.2020 година, обезбедил средства за додатоци на плата за месец септември за судиите, членовите на Судскиот совет и за судските службеници.

Во членот 2 од Одлуката е наведено дека судиите и членовите на Судскиот совет ќе добијат до 35% додатоци на плата, а судските службеници до 25%, а повторно во одлуката не се наведени судските полицајци и помошно – техничкиот персонал.

Прашуваме, до кога вие како највисок орган на Судската власт ќе носите дискриминаторски и противзаконски одлуки со кои само се создава незадоволство меѓу вработените? Како е можно членовите на Судскиот совет за кои не се предвидени додатоци на плата во законот да добијат додатоци на плата во висина до 35%, а за судските полицајци и помошно – техничкиот персонал кои имаат најниски плати во судовите да не се предвидат никакви додатоци? Дали судските службеници (стручни соработници, шалтерски работници, курири, итн.) не се доволно вредни да добијат идентичен износ на додатоци со судиите или некој намерно повторно сака да предизвика незадоволство меѓу вработените во судовите за да судската служба својот револт го искаже преку штрајк?

Максималниот износ на додатоци кои ќе го добијат судиите и членовите на Судскиот совет со оваа Одлука на просечна плата од 61.500,00 денари ќе изнесува 21.525,00 денари, а максималниот износ на додатоци за судските службеници на просечна плата од 18.000,00 денари 4.500,00 денари. 

Бидејќи Судскиот буџетски совет постапува спротивно на Одлуката на Уставниот Суд на Р. Македонија У.бр.49/2019 од 12.05.2020 година, и од февруари месец до денес не се исплатени додатоци на плата на судските службеници, бараме Судскиот буџетски совет да се донесе Одлука со која ќе се исплатат и овие заостанати додатоци на плата за судските службеници, судската полиција и помошно – техничкиот персонал.