Денес 7-ми август 2020 година, Директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам Љокман Лимани, Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски и претседателот на синдикалната организација при Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) Димитар Гаќев, го потпишаа Колективниот договор.

Потпишувањето на Колективниот договор во ДИГУ, веруваме ќе биде поттик и за останатите инспекторати да отпочнат преговорите за потпишување на Колективни договори и да се регулираат и унапредат правата на вработените, со оглед на нивната специфика и потреба за нивно поуспешно функционирање.

Колективниот договор за вработените во ДИГУ, беше резултат на неколку неделните преговори, на релација синдикат - работодавач, кој резултираше со негово потпишување од страна на работодавачот и синдикатот.

Во него се регулираат платите, надоместоците на плата и други примања, годишните одмори, надоместоците за трошоци за време на работа, регресот за годишен одмор, дневници за службени патувања и друго.

И во екот на годишните одмори продолжуваат активностите на Синдикатот за потпишување на поединечни колективни договори во повеќе организации и установи. Во понеделник 10-ти август, ќе почнат преговорите за потпишување на Колективниот договор за вработените во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, а после 15-ти август ќе почнат преговорите за потпишување на Колективен договори за вработените во општина Куманово.

Истовремено ќе продолжат и активностите во сите организации и установите во кои веќе беа отпочнати активностите, но поради здравствената криза, изборите и годишните одморите, активностите беа забавени.

Радува фактот што се повеќе работодавачи ја сфаќаат суштината на колективното преговарање и покажуваат интерес за унапредување на правата од работен однос за нивните вработени со потпишување на колективни договори.  

И во овој предизборен циклус, Синдикатот на УПОЗ продолжи со праксата да има разговори со политичките партии кои претендираат да ја освојат власта, со цел да ги презентираат своите ставови за вработените во администрацијата и правосудството.

Синдикатот на УПОЗ на 29.06.2020 година, се обрати до политичките партии и коалициите учесници на престојните парламентарни избори, со барања кои ќе значат подобрување на правата на вработените во државната управа и правосудството.

Овие барања исто така беа и јавно објавени преку медиумите и истите содржеа повик до политичките партии за одржување на работни средби со Синдикатот на кои тие воедно ќе можат да ги презентираат своите програми и планови кои се однесуваат на правата од работен однос на вработените во државната управа и правосудството.

На нашиот повик се одзваа две најголеми политички партии, ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ.

Првата работна средба се одржа со претставникот на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ г-дин Тимчо Муцунски. На оваа средба Синдикатот на УПОЗ ги истакна своите барања, но воедно и постави прашања до г-динот Муцунски кои се однесуваа за реформите во јавната администрација, како тие реформи ќе се одразат на вработените, дали како политичка партија тие предвидуваат зголемување на платите во администрацијата и правосудството и тоа во кој обем и за кој период и дали како политичка партија се подготвени за отворен социјален дијалог со Синдикатот на УПОЗ преку кој би се решавале проблеми на вработените.

Г-динот Муцунски истакна дека ВМРО – ДПМНЕ како политичка партија ќе се залага за зачувување на работните места во администрацијата, за поефикасна администрација, ќе инвестира во создавање квалитетни професионалци, повисоки плати и подобри услови за работа. Исто така г-динот Муцунски истакна дека на нашата држава и е потребна професионална и деполитизирана администрација, која ќе биде клучен фактор во процесот на евроинтегрирањето.

Втората работна средба Синдикатот на УПОЗ ја одржа со г-динот Дамјан Манчевски од СДСМ. Оваа работна средба беше искористена не само за презентација на барањата на Синдикатот, туку и за отворен разговор на актуелни теми и отворени прашања од програмата на СДСМ кои се однесуваат на вработените во администрацијата и правосудството.

Во врска со работните места во администрацијата и најавеното намалување на бројот на вработените за 20%, г-динот Манчевски истакна дека ниедно работно место нема да биде загрозено и дека ниту еден вработен нема да биде принуден да даде отказ или да биде принуден да го напушти работнотот место.

Најавеното намалување е предвидено да се одвива преку природен одлив на вработените (пензионирање), преку пакет отпремнини кои ќе бидат понудени на повозрасните вработени, доброволен пренос на вработените во приватниот сектор каде што би имале повисоки плати но и гаранции дека ќе го задржат новото работно место како и тоа дека во наредниот период нема да се планираат нови вработувања во јавниот сектор.

Г-динот Манчевски истакна дека СДСМ како моментална владеачка партија, за прв пат после 25 години го склучи Гранскиот колективен договор за вработените во државната администрација и правосудството со кој се вратија многу укинати права, а пред се регресот за годишен одмор популарниот К-15 во износ од 9.000,00 денари кој до крајот на тековната година треба да се исплати на 25.000 вработени. 

Исто така тој истакна дека измените кои ги најавија во законите, со кои ќе се олесни унапредувањето на вработените во администрацијата, за жал ги попречија предизборните активности и пандемијата со вирусот Ковид – 19, за уште посуштински измени на овие закони со кои на менаџерите на институциите ќе им се дадеше поголема слобода за унапредување на вработените во рамките на буџетот на институцијата без притоа да се бара согласност од Министерството за финансии.

Во поглед на зголемувањето на платите во администрацијата и правосудството, г-динот Манчевски потенцираше дека согласно програмата на политичката партија СДСМ се планира  просечната плата да порасне до 34.000,00 денари, а минималната плата до 20.000,00 денари. Во поглед на платите тој ја прифати идеата на Синдикатот, платите во државната управа и правосудстовот да растат со порастот на просечната плата.

До денот на објавување на оваа вест ниту една друга политичка партија не побара средба со Синдикатот на УПОЗ за презентација на своите програми.

Ваквата пракса за средби со политичките партии во два циклуси даде очекувани резулати а тоа го потвдува и фактот што на претходните парламентарни избори тогашната опозиција а сега власт, ги исполни скоро повеќе од 80% ветувањата кон Синдикатот. За изборите на 15-ти јули, оставаме нашите членови да го дадат гласот за онаа политичка партија за која тие лично сметаат дека нудат најдобри решенија за државната управа и правосудството.

На работната средба што се одржа денес на 9 јули со Министерот на Министерството за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски беа разгледани повеќе прашања, со посебен осврт на примената на Гранскиот колективен договор и некои дилеми кои непотребно се создадоа.

На барање на Синдикатот на УПОЗ по подолг период се одржа работна средба со Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) Дамјан Манчевски и државниот советник за правни и нормативни прашања при МИОА Билјана Николовска Жагар. На работната средба од страна на Синдикатот на УПОЗ учествуваа Претседателот Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски, и членовите на одборот за администрација Зоран Георгиевски и Александар Диље.

На оваа средба главен акцент беше ставен на прашањата за доследна примена на Гранскиот колективен договор и предлогот на Синдикатот на УПОЗ за измена на начинот на пресметка на платите во државната администрација.

Од страна на Синдикатот беше истакнато дека со новиот начин на пресметка на плати ќе се избегне моменталната ситуација со која одредени категории државни службеници имаат плата со износ под минималната плата на ниво на држава, а воедно со порастот на просечната плата ќе се зголемува и платата на вработените во државната администрација.

Во врска со примената на Гранскиот колективен договор претставниците на Синдикатот на УПОЗ побараа доследно да бидат применувани одредбите од истиот особено на оние одредби кои се однесуваат на исплата на надоместоците и додатоците на плата на вработените кои се опфатени со Гранскиот колективен договор.

Министерот Дамјан Мачевски истакна дека за министерството и Владата прашањето за доследна примена на Гранскиот колективен договор е јасно и нивниот е став е дека сите додатоци и надоместоци како и другите права предвидени со овој колективен договор треба да се исплаќаат и применуваат без никакви ограничувања.

Во врска со предлогот на Синдикатот на УПОЗ за начинот на пресметка на платите во државната администрација, Министерот Манчевски истакна дека овој предлог заслужува внимание да се разгледа во наредниот период.

На последната седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ, по една од точките на дневниот ред се расправаше за функционалната анализа која треба да се спроведе во сите институции до крајот на оваа година. Кратко излагање по оваа точка имаше членот на Синдикатот на УПОЗ Александар Диље кој има големо искуство по ова прашање и ги наведе битните елементи кои треба да ги знаат претставниците на Синдикатот и вработените воопшто при изготвувањето на вертикалната функционална анализа.

Согласно член 5 од Гранскиот колективен договор:  Синдикалните организации на Синдикатот на УПОЗ учествуваат со свој преставник во процесот на спроведување на вертикална функционална анализа, изготвување на правилниците за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и на нивните измени и дополнувања.  

Учеството на синдикалниот претставник во изготвувањето на вертикалната функционална анализа е од голема важност бидејќи согласно Законот за вработените во јавниот сектор (ЗВЈС), институциите имаат обврска да ги подготвуваат актот за внатрешна организација и актот за систематизација на работните места, врз основа на функционалата анализа. Со други зборови, доколку со функционалната анализа се утврди дека одредени работни места, одделенија или сектори не се потребни за извршување на основните функции на институциите, можно е да дојде до кратење на тие работни места, одделенија и сектори и прераспоредување или престанок на работниот однос на вработените.

Поради горе наведеното како претседателите на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, задолжително  да учествуваат активно во работната група која ќе ја изготвува функционалната анализа, навремено да го известуваат Синдикатот на УПОЗ доколку се јават проблеми при изготвувањето на функционалната анализа за да заеднички ги преземеме сите потребни чекори за заштита на работните места на членовите на Синдикатот на УПОЗ.