Синдикатите и секциите на млади од регионот, заеднички учествуваа во истражување, колку младите вработени се запознаени со работата на Синдикатот.

На следниот линк, може да ја погледнете анализата од истражувањето на Синдикатите од јавниот сектор во регионот и активноста на нивните секции на млади (кликни тука)

Од претседателите на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, пристигнуваат се повеќе информации дека голем број од институциите не се придржуваат, односно ги прекршуваат одредбите до Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба (Службен весник бр.95/20).

Имено, во член 2 став 1 од Уредбата е наведено дека: Вработените во јавниот сектор кои се работно ангажирани за времетраење на мерките за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата“.

Оваа одредба иако е прецизна и јасна, во одредени институции од како биле изготвени плановите за користење на годишниот одмор истите се повлечени и спротивно на горе цитираната одредба, вработените кои извршувале работни задачи за целото време на вонредната состојба се известени дека преостанатите денови од годишниот одмор од 2019 година им се сметаат за искористени.

Во други институции пак, работодавачите изготвуваат решенија со кои што, не само што не им дозволуваат на вработените да ги користат преостанатите денови од годишниот одмор за 2019 година, туку работодавачите (без барање од вработените) им ги одземаат и деновите од годишниот одмор кој им следува за 2020 година.

Ваквите дејствија на работодавачите (директорите, министрите и градоначалниците), не само што се спротивни на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба и Законот за работните односи, спротивни се и на членот 32 од Уставот на Р. Македонија.

Затоа ги охрабруваме сите членови на Синдикатот на УПОЗ кои ќе добијат Решенија за годишен одмор а ги извршувале работните задачи, истите да поднесат жалба за донесеното решение.

Исто така, сакаме да Ве информираме дека Синдикатот на УПОЗ се обрати писмено до Владата на Р.С.Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација за дејствијата кои ги преземаат одредени работодавачи.

Подолг период а особено со почетокот на кризата, јавната администрација е мета на бизнис заедницата, поединци и министри кои како да се натпреваруваат кој повеќе ќе ја претстави неосновано и без аргуманти во негативно светло. Вистинската сликата на јавната администрација, за Синдикатот на УПОЗ, е поинаква и пореална. 

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), остро се спротивставува на личните ставови на Министерката за финансии г-ѓа Нина Ангеловска, а кои се однесуваат за кратење на платата на јавната администрација, кои се нејасни и создаваат забуна во јавноста.

Можеби некој требал да ја подучи министерката дека како носител на јавна функција и тоа една од најодговорните во државата, личните ставови да си ги чува за себе. Или пак, тоа не се нејзини лични ставови, туку ставови на одредени лица од бизнис заедницата кои неосновано атакуваат врз администрацијата и упорно ја пласираат идејата дека ако не се скратат платите на администрацијата, на економијата во државата и нема спас.

Ваквите неодмерени изјави на министерката за финансии покажуваат основно непознавање за тоа што е јавна администрација, а што јавен сектор и за тоа колкав е износот на платите во администрацијата.

Чистата нето плата на вработените во администрацијата во групата Г (референти) која е најбројна во администрацијата е следната: 14.518,00 денари за помлад референт, 14.888,00 денари за референт, 15.681,00 денари за Виш референт и 16.474,00 денари за самостоен референт. Затоа прашуваме, од што, од кого и колку ќе крати министерката?

Од 2009 година до сега, на вработените во администрацијата најпрвин со мерките за штедење, а потоа и со фамозниот Закон за извршување, им се скратени сите надоместоци и додатоци на плата и единствен начин на кој некој вработен можеше да ги добие овие со закон загарантирани додатоци, беше со тужба до надлежните судови.

Имајќи го предвид фактот дека од почетокот на кризата предизвикана од вирусот Ковид – 19 голем број на трговци ги зголемија цените на основите средства за живот, а вредноста на синдикалната минимална кошница за месец април 2020 година, изнесува 33.243,00 денари, се прашуваме дали доколку министерката за финансии имаше плата под просечната во државата како 75% од административните службеници ќе беше толку гласна и ќе бараше намалување на платите во администрацијата.  

Исто така прашуваме, дали желбата на министерката за кратење на платите во администрацијата е компензација за неуспешниот обид за кратење на платите на избраните и именуваните функционери па се повторува онаа стара македонска поговорка: „Ако не можеш по магарето удри по самарот.“ 

Повторно сакаме да укажеме дека со кратење на платите ќе бидат погодени најранливите категории од вработените, а особено самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработените кои живат под кирија и оние кои се единствени вработени во нивните семејства.

За Синдикатот на УПОЗ предлогот за кратење на платите е неоснован, неприфатлив и неполезен. Ова ќе биде потег без ефект, а кратењето на платите на администрацијата нема да направи значителна заштеда во Буџетот на државата, туку ќе биде одмазда и задоволување на барањата на дел од бизнис заедницата.

Со евентуалното кратење на платите на вработените ќе се намали и нивната куповна моќ, а еден од основните начини за излез од финансиска криза е да постои зголемена потрошувачка моќ на граѓаните, а не на најмалку платените вработени во државата уште повеќе да им се скратат платите.    

Изминативе денови објавивме јавно барање до Владата да ја смени одредбата со која се овозможуваше отпуштање работници во фирмите кои користат државна поддршка за надминување на економската криза предизвикана од пандемијата. По брзата и солидарна мобилизација на повеќе организации и синдикати, Владата ја смени штетната одредба. Ја поздравуваме одлуката на Владата и се надеваме дека, во интерес на довербата, нема да ретерира од неа, под притисок на бизнис заедницата која егзистира од работниците.

Успехот е заеднички! Сите кои се обединивме и водени од заеднички интереси веднаш го кренавме својот глас против неправдата сме заслужни за ова - работничките и работниците, активистките и активистите, здруженијата, синдикатите, сите граѓанки и граѓани, целата јавност.

Овој успех уште повеќе нѐ мотивира да бидеме активни и да ги браниме правата на работниците, сиромашните и сите обезгласени, обесправени и угнетени по кој било основ - род, етничка припадност, социо-економски статус, вера, сексуална ориентација… Нема да дозволиме товарот од кризава да падне само на плеќите на слабите и цврсто стоиме и зад останатите барања кои ги доставивме претходно до Владата, како и барањата од нашиот Првомајски проглас. Нема да дозволиме судбината на обезгласените да се крои од страна на моќниците и олигарсите. Инсистираме да бидеме партнери при носењето на сите економско-социјални одлуки.

Продолжуваме да дејствуваме здружено, зашто само така можеме да изградиме праведно, солидарно и хумано општество. Само сложни ќе бидеме можни!

  • Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
  • Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
  • Независен академски синдикат (НАкС)
  • Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
  • Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
  • Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
  • Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
  • Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
  • Левичарско движење „Солидарност“
  • ЈАДРО - Асоцијација на независната културна сцена 
  • Субверзивен фронт