На 13.02.2020 година, Синдикатот на УПОЗ и Општина Кисела Вода склучија колективен договор за вработените во општината.

Двете страни веќе извесен период работеа на одредбите од овој договор и истиот вклучува и унапредува сите позитивни законски прописи и воедно ги уредува сите специфики на работењето на вработените во општината. 

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски и Градоначалникот Филип Темелковски го истакнаа своето задоволство од соработката и од крајниот резултат. Двајцата истакнаа дека е битно одредбите од овој Колективен договор да се почитуваат и да се применуваат како од страна на работодавачот така и од вработените. 

Во рамки на проектот „Подигни ја својата свест, пријави корупција, биди одговорен”, поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД, се одржа втората работилница за административците

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), вчера (12 февруари) ја одржа својата втора работилница во Куманово, наменета за членовите на Синдикатот од Североисточниот плански регион.

На работилницата присутни беа околу 50 учесници од повеќе синдикални организации, односно вработени од Основен суд Куманово, Општина Куманово, Агенција за вработување на РСМ, Управа за јавни приходи, Основно јавно обвинителство, Општина Крива Паланка и Државен завод за статистика.

На работилницата на тема „Подигни ја својата свест, пријави корупција, биди одговорен” присутните учесници имаа прилика одблиску да се запознаат со темата за корупција и можните судири на интереси, но и со заштитните законски механизми и начини за препознавање и пријавување на корупцијата.

Всушност, целта на работилницата, но и на целиот проект, е пред сѐ да се информираат членовите на Синдикатот на УПОЗ за корупцијата и судирот на интереси, но и да се зголеми свеста за последиците од корупцијата и да се овозможи зајакнување на заштитните механизми. За таа цел, за потребите на работилниците се ангажирани експерти од оваа област кои ги презентираа достапните институционални механизми и индивидуални одговорности во спречување на корупцијата, истовремено охрабрувајќи ги членовите на Синдикатот за пријавување на секаков вид корупција.

Инаку овој проект е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД, а во рамки на истиот предвидени се вкупно девет работилници во планските региони во земјава од кои и една завршна конференција во Скопје.

Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација конечно ставија потпис на Гранскиот колективен договор на органите на државната управа, стручни служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондовите и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија

Историски ден за вработените во органите на државната управа и за Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ - УПОЗ. Конечно после долги и исцрпувачки преговори ставен е потписот на најважниот документ за административните службеници, Гранскиот колективен договор. После 25 години новиот колективен договор го виде светлото на денот. Ова е прв Грански колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата после 1995 година, а во него се вградени повеќе права кои на државните службеници со години наназад им беа ускратувани.

“Колективниот договор не смее да се гледа само како придобивка преку регрес за годишен одмор. Тој утврдува и други поголеми права за вработените а тоа се учество во изготвувањето на правилниците за внатрешан организација и систематиазција на работните места, учеството на претставникот на Синдикатот на УПОЗ во процесот на спроведување на вертикалната функционална анализа, флексибилното работно време и зголемени права во платените отсуства.  Се договоривме за фиксен износ на к-15 од најмалку 9.000 денари, но износот може да биде поголем, како што веќе се прави во некои општини. Исто така е вратено правото на дневниците за патување во земјава со цел да се надоместат на вработените кои одат на службен пат. Во овој колективен договор вградени се и поголеми права за платените отсуства за склучување на брак - пет работни дена, за раѓање и посвојување деца - три работни дена, полагање на правосуден испит, магистратура или докторат - три работни дена  итн. Гранскиот колективен договор е со важност од две години, но секако, во меѓувреме со анекс може да се извршат какви било интервенции” рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски пред потпишување на Гранскиот колективен договор.

Тој содржи десет глави со кој се уредуваат правата, обврските и одговорностите и други прашања во врска со работниот однос на вработените во органи на државна управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државните правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондови и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија. Не се однесува на вработените во областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето, здравство, образование и наука, култура, труд и заштита на децата, јавно информирање, комунални и други дејности заради кои се основани јавните претпријатија.

Овој колективен договор е задолжителен и ги обврзува работодавачот и вработените за негова непосредна примена. Со него се уредуваат поголеми и поповолни права од правата предвидени со Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за работните односи, Законот за судска служба, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за извршување на санкциите, Законот за пожарникарство, други закони и Општиот колективен договор за јавниот сектор кои не се предвидени со наведените акти, ако тоа не е спротивно со закон. Со самото тоа одредбите во овој колективен договор со кои се утврдени помали или понеповолни права од правата утврдени со законите и актите се ништовни.

Денес беше потпишан колективниот договор во Фондот за здравствено осигурување на РСМ. Првиот и досега единствен колективен договор беше потпишан во далечната 2003 година. По пауза од 17 години во Фондот повторно има Колективен договор и истиот ги вклучува сите позитивни законски прописи и воедно ги уредува сите специфики на работењето на вработените во Фондот за здравствено осигурување.

Поради специфичноста на работите, работните групи текстот на договорот интензивно го усогласуваа во изминативе три месеци и со цел да се унапредат правата на вработените. Конечно вработените во ФЗО добија нов современ договор со кој се валоризира трудот на секој вработен, а воедно го обврзува работодавачот да соработува со Синдикатот како рамноправен социјален партнер во обезбедување квалитетни работни услови.

Директорот на ФЗО Ден Дончев пред свеченото потпишување истакна дека овој колективен договор претставува убава можност за регулирање на правата и обврските на вработените и е во согласност со определбите на Владата за обезбедување максимална заштита, но и финансиска сигурност за вработените во Фондот. Истовремено, како што нагласи тој, соработката со Синдикатот ќе продолжи и по потпишувањето на колективниот договор.

Директорот на ФЗО Орхан Рамадани го изрази своето задоволство од потпишување на договорот, од чии одредби, придобивки имаат сите вработени, особено оние со најниски примања, кај кои сега ќе има покачување на бројот на бодови. Тој истакна дека има простор за понатамошна соработка и во иднина што ќе резултира со квалитетни решенија за вработените, но и за Фондот како работодавач.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски го истакна своето задоволство од соработката со директорите на Фондот, како и од луѓето кои беа вклучени во преговорите. Особено го истакна придонесот на Вулнет Мурсели и Бранко Аџигогов како претставници на синдикалната организација. Фактот дека менаџментот на Фондот,  односно и двајцата директори изразија желба дијалогот меѓу Фондот и Синдикатот на УПОЗ да продолжи и понатаму на взаемно задоволство, радува и укажува на потребата од успешен социјален дијалог.

Претседателот на синдикалната организација на ФЗО Вулнет Мурсели исто така искажа благодарност до двајцата директори на ФЗО за преговорите и што после 17 години имаме квалитетен колективен договор кој ги става во рамноправна положба двајцата партнери, ФЗО и Синдикатот на УПОЗ, односно синдикалната организација при ФЗО.

Колективниот договор потпишан меѓу ФЗО и синдикалната организација при ФЗО членка на Синдикатот на УПОЗ започнува да важи од 7 февруари 2020 година.

Само со меѓусебно и взаемно почитување како рамноправни социјални партнери и во иднина ќе обезбедиме услови за задоволни вработени, кои ќе обезбедуваат квалитетни услуги за сите осигуреници.