„Дали сте запознаени за Вашите работнички права“ беше прашањето на Online прашалникот спроведен во рамки на меѓународниот проект “ПРАВА НА РАБОТА, РАБОТА ЗА ПРАВА” поддржан од Erasmus+ програма на Европската Унија: KA2 - Capacity Building in the Field of Youth/Western Balkan Window, чија што главна цел беше да ја провери информираноста на младите работници за нивните права од работен однос и да го зголеми користењето на овие права. Прашалникот го пополнуваа над 1000 административни службеници до 35 годишна возраст од четири земји учеснички во проектот; Србија, Црна Гора, Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Добиените резултати и нивната содржина е интересна за анализа, а во исто време ги дава и насоките по кои треба да делува во иднина синдикатот кога се во прашање младите работници. Ќе послужи и како поткрепа за едукација и кампања за подигање на свеста за потребите и проблемите на младите во нивното работно опкружување, со цел запознавање и поддршка на младите работници во Македонија и унапредување на работниот стандард на младите.
Во оваа прилика ги издвојуваме најинтересните моменти од Online прашалникот кои од друга страна се и загрижувачки во однос на информираноста на младите за нивните фундаментални работнички права.
Помалку од половина од младите сметаат дека се запознаени со правата од работен однос, но високи 70 проценти имаат ниско или многу ниско ниво на информираност за своите права.
При тоа, само 27 % од испитаниците ги користеле на механизмите за заштита на правата од работен однос, а 37%, сметале дека немале потреба од тоа, односно не биле во ситуација да треба да ги користат механизмите на заштита.
Младите се изјасниле дека го читаат Законот за работните односи и Правилниците во организацијата, а за своите права од работен однос се информирале од Синдикатот, односно 37% од испитаниците го посочиле Синдикатот како извор на информации, додека 32% се информирале самостојно, а 20% тоа го прават преку организацијата во која работат.
И покрај тоа што читаат очигледно дека младите работници не читаат она што најмногу треба!
На пример, не ги читаат Решенијата за распоредување, но затоа, пак лесно ставаат потпис на нив! Не го препознаваат моментот дека е важно да се прочита Решението затоа што потоа при несакани случки токму тоа може да биде клучно.
Тие го препознаваат поимот мобинг кога станува збор за повреда на права од работен однос, и во случај на повреда на права од работен однос 40% од младите се обраќаат на претпоставениот работник, а 37% на синдикатот. Радува податокот дека повеќе од 50% од младите работници сметаат дека синдикатот се грижи за нивните права, но и дека приближно ист број се задоволни за остварените права.
Но, максимално загрижува податокот дека 54% од младите не мислат на староста, односно не се информирани за условите и начините за заминување во пензија иако ова е посебно важно бидејќи за деновите во старост се мисли додека си млад!
Сепак, жените се повеќе информирани и подобро запознаени од своите права отколку мажите, а значајни разлики за степеност на информираност има меѓу лицата со различен степен на образование. Најслабо информирани за своите права се работниците со средно образование за разлика од нивните колеги со високо образование.
Согледувајќи ги анализираните резултати произлегуваат и дел препораки па затоа во нив се сугерира синдикатите да изнајдат начини и форми овие разлики да се намалат и да се работи на поголема едукација и информираност на младите за нивните права бидејќи само задоволен работник, може да биде продуктивен работник.
Целта е јасна, подигање на свеста на младите вработени за да ја подобрат својата положба во работната околина.
Во рамките на овој регионален проект од декември минатата година до декември годинава реализирани се голем број на активности насочени кон информирање и едукација на младите вработени за нивните права од работен однос. Обучени се 36 едукатори кои одржаа 40 работилници на кои учествуваа над 600 млади. Изработени се и 10 видео клипови со најчестите прашања и одговори со кои се соочуваат младите, како и брошура за правата од работен однос.
На 29.11.2019 година, во Београд се одржа завршната конференција на проектот “Права на работа, работат за правата” на кој учество зедоа 10 партнери од шест држави од регионот и Европската унија. Во периодот од декември 2018 година до декември 2019 година членовите на конзорциумот на овој проектот, реализираа голем број на активности насочени кон информирање и едукација на младите вработени за правата од работен однос, како и за појавите со кои се соочуваат но и достапните механизми за заштита.
Во реализација на овој проект, учествуваа претставници на младинскиот, синдикалниот и образовниот сектор и тоа: Развоен центар за млади и Синдикатот на управата на Република Србија од Србија, Синдикат на управата на Р. Српска и Синдикално едукативниот центар од Босна и Херцеговина, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ) и Коалиција СЕГА од Северна Македонија, Синдикатот на управата и правосудството на Црна Гора и Фондација Будва од Црна Гора, Центарот за напредни студии ЈИЕ Универзитет во Риека од Хрватска и Јут воч (Youth Watch) од Словачка.
“Проектот е воден со две пораки, а првата е: Не се работи за тоа што државата може да направи за тебе, туку што ти можеш да направиш за државата, а другaтa е, биди и ти промената која сакаш да ја видиш во светот. Токму тоа е она што го правиме. Нашата цел беше да ја подигнеме свеста на младите вработени со цел да ја подобрат својата положба во работната околина. Тоа е затоа што само задоволен работник, може да биде продуктивен работник” - рече Александра Кнезевиќ, координатор на проектот “Права на работа, работата за правата” која воедно е и програмски директор на Развојниот центар за млади од Београд.
Конкретните резултати од проектот се обработени на детална регионална анализа за тоа колку младите вработени се информирани за правата од работен однос, и затоа 36 едукатори беа обучени како да ги пренесат знаењата и информациите за младите во нивното опкружување. Овие едукатори, одржаа повеќе од 40 работилници на кој учествуваа над 600 млади кои се информираа за темата и работата на проектот.
Од посебно значење за овој проект, беше изработката на 10 видео клипови со најчестите прашања и одговори со кои се соочуваат младите вработени, а за таа цел беше изработена анимација и брошура “Водич низ правата од работен однос, појавите со кои се соочуваат и достапните механизми за заштита”.
Процесот и интензивната комуникација со младите дадоа резултат дека ова прашање е од исклучително значење и влијае директно на животот, што дава дополнителна вредност на овој проект, кој е поддржан од Европската унија, од програмата Ерасмус + КА2: Градење на капацитети во младинското поле за Западен Балкан.
Со оваа конференција се означи крајот на овој проект и неговите активности, кој допринесе за поголема информираност на младите, но значи и почеток на активностите кои треба да продолжат во сите синдикати со цел подобра информираност на младите и запознавање со нивите права од работен однос.
Синдикатот на УПОЗ денес се обрати до претседателот на Судскиот буџетски совет Киро Здравев кое го пренесуваме во целост:
"Синдикатот на УПОЗ, заедно со Здружението на судската администрација (ЗСА), поттикнати од незадоволството на вработените во Судската служба, заради нецелосната и селективна исплата на вработените кои штрајкуваа во судовите во 2016 година а за кои се обезбедени средства, како и од одлуките за додатоци на плата и нееднаков третман на вработените за месеците септември и октомври, на ден 15.11.2019 година, одржаа протест пред судовите во РСМ, во траење од 09.30 – 11.00 часот.
Имајќи го во предвид и ценејќи го Вашето досегашно залагање и ангажираност околу исплатата на вработените кои штрајкуваа во 2016 година, сметаве со целосна исплата тој процес ќе го заокружиме до крајот на оваа година, како и исплата на додатоците на плата и ќе имаме малку порелаксирана атмосфера во судовите која ќе ни овозможи со дијалог и разбирање да дојдеме до ново решение за статусот на Судската служба во која треба да влезат сите вработени.
Меѓутоа немањето волја за решавање на овој проблем, со што ќе се создадеше доверба кај вработените дека проблемите почнаа да се решаваат во судовите, и натаму има огромен револт и незадоволство.
Затоа веруваме дека после ова обраќање до Вас и Судскиот буџетски совет, најитно ќе смогнете сили и ќе изнајдете можности да ги исплатите сите вработени кои учествуваа во штрајкот за кои се обезбедени и префрлени средства во Судскиот буџет.
И покрај договорот што го постигнавме заедно со Вас, Синдикатот на УПОЗ и ЗСА, дека процентот на додатоци на плата ќе биде еднаков и за судиите и за Судската служба, со цел да не се прави незадоволство, а особено ова да се почитува до конечната исплата на парите наменети за учесниците во штрајкот во 2016 година, во последните месеци овој договор беше прекршен.
Затоа од Вас како претседател на Судскиот буџетски совет и од неговите членови бараме најсериозно да ја сфатите пораката од одржаниот протест на 15.11.2019 година, како и на забелешките кои ги посочи Министерот за правда.
И во оваа прилика сакаме да Ве потсетиме Вас и целата судска фела, дека покрај Вас во судовите има и други вработени, Судска служба, одговорна и високо професионална која секогаш ја заборавате а особено кога треба да се оствари некое поголемо право.
Апелираме преку Вас да го испратите нашиот апел до судиите да покажат поголема солидарност со Судската служба во која спаѓа и помошно - техничкиот персонал, кои се дел од тимската работа која ако затаи мошне негативно ќе се одрази на ефикасноста на судовите.
Затоа очекуваме во најбрз можен рок да разговараме за овие отворени прашања и да бидеме поканети на првата наредна седница на Судскиот буџетски совет со цел да ги искажеме нашите барања а Вие да покажете поголема транспарентност во работата на Судскиот буџетски совет.
Сметаме дека само на тој начин и решавање на проблемите, штрајковите, протестите и незадоволството ќе станат минато.
На крајот само да Ве потсетиме дека на протестот од 15.11.2019 година, членовите го поставуваа прашањето, кога ќе биде следниот протест или штрајк?
Се надеваме дека не е во Ваш ни во интерес на судиите проблемите и понатаму се да ескалираат."