Во текот на вчерашниот ден претставници на Синдикатот на УПОЗ одржаа работни средби во Министерството за правда и Судскиот буџетски совет на кои се разговараше за изнаоѓање на решенија за проблемите на судската полиција, помошно – техничкиот персонал во судовите, јавнообвинителските службеници и вработените во КПУ и ВПУ.

На првата средба која се одржа во Министерството за правда се разговараше за иницијативата на Синдикатот на УПОЗ со која судската полиција конечно треба да добие бенифициран стаж. Оваа средба се одржа со претставници од Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Судскиот Буџетски совет, а  од страна на Синдикатот на УПОЗ присуствуваа Генералниот секретар Трпе Деаноски, Претседателот на одборот за КПУ и ВПУ Звонимир Бошњак и членовите на Синдикатот на УПОЗ Горан Тасевски и Ангелче Унев од Основниот суд Велес.

 На средбата се утврди динамиката за следните чекори копи треба да ги преземат Синдикатот и Министерствата за да се утврди бенифицираниот стаж на судската полиција во Законот за пензиското и инвалидското осигурување. 

Истовремено со оваа средба, Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски одржа работна средба со Претседателот на Судскиот буџетски совет Киро Здравев на која се разговараше за Правилникот за додатоци на плата за судската полиција  и исплата на задржаните средства за време на штрајкот за судската полиција и помошно – техничкиот персонал. Од страна на Претседателот на Синдикатот на УПОЗ беше потенцирано дека за Синдикатот на УПОЗ не е прифатлива верзијата на Правилникот за додатоци на плата од страна на Министерството за финансии и побара во најбрз можен рок истата да се измени, а правилникот биде донесен за да и судската полиција може да добие додатоци на плата. Исто така се потенцираше дека ставот на Судскиот буџетски совет дека на судската полиција и помошно – техничкиот персонал не може да им се вратат парите од штрајкот поради немање законска можност е погрешен и дека средствата за тоа ги обезбеди Владата на Р. Македонија и истите се на сметката на судскиот буџетски совет.  

Третиот состанок во текот на вчерашниот ден се одржа со Министерката за правда проф-др Рената Дескоска, на кој присуствуваа Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски, Горан Тасевски и Ангелче Унев од Основниот суд Велес. На овој состанок се разговараше за конечно решение на проблемите за судската полиција и помошно – техничкиот персонал во судовите и јавнообвинителските службеници.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека Судскиот буџетски совет воопшто не сака да ги реши проблемите на судските полицајци и помошно – техничките вработени. И покрај обезбедените средства за време на штрајкот парите од страна на Владата задржаните средства од штрајкот овие категории не вработени ги немаат добиено, а судските полицајци и помошно – техничките вработени иако штрајкуваа мораа да ги извршуваат и редовните работни задачи.

Се истакна дека Министерството за финансии пет години го кочеше носењето на правилникот за додатоци на плата за судската полиција.   а сега кога конечно треба да се донесе истиот, Министерството за финансии неосновано ги намалува процентите за додатоците на плата.

На средбата се истакнаа и проблемите со кои се соочуваат јавнообвинителските службеници во поглед на додатоците на плата, неможноста за вработување на нови вработени и унапредување на јавнообвинителските службеници поради немање правилници за овие постапки, малите плати кои ги имаат јавнообвинителските службеници иако извршуваат повеќе работни задачи и се побара конечно решавање на статусот на вработените на определено работно време.       

Министерката за правда истакна дека ќе се заложи Правилникот за додатоци на плата за судската полиција да биде донесен во најбрз можен рок без намалени проценти за додатоци и истакна дека носењето на овој правилник ќе се искористи и за враќање на задржаните средства за време на штрајкот за судската полиција.

Се договори најкасно до 23.12.2019 година, Синдикатот на УПОЗ да достави предлози за враќање на задржаните средства за време на штрајкот за помошно – техничкиот персонал, но во крајна мера одлуката за поврат на овие средства ја носи Судскиот буџетски совет.

Во поглед на јавнообвинителските службеници Министерката информираше дека правилниците согласно Законот за јавнообвинителските службеници се потпишани и ќе се достават до законодавно правна комисија на одобрување со што во најбрз можен рок ќе се реши проблемот за унапредување и пополнување на упразнетите работни места со нови вработувања.   

Во поглед на додатоците на плата се истакна дека истите ќе продолжат и во следната година но крајната цел е овие додатоци да се пренаменат како покачување на плата во одреден износ со што на вработените ќе им се исплаќаат и придонеси, а воедно ќе имаат и повисока основица при заминување во пензија.

Во врска со вработените на определено време Министерката потенцираше дека за истото не може да коментира бидејќи за тоа прашање е исклучиво надлежен Јавниот обвинител.

Сите останати прашања ќе мора да се решаваат по изборите бидејќи постапката за измена на Законите од правосудството бара повеќе време и нема можности до почетокот на изборите да се најдат на дневен ред во Собрание.

Дали сте запознаени за Вашите работнички права“ беше прашањето на Online прашалникот спроведен во рамки на меѓународниот проект ПРАВА НА РАБОТА, РАБОТА ЗА ПРАВА” поддржан од Erasmusпрограма на Европската УнијаKA2 - Capacity Building in the Field of Youth/Western Balkan Window, чија што главна цел беше да ја провери информираноста на младите работници за нивните права од работен однос и да го зголеми користењето на овие права. Прашалникот го пополнуваа над 1000 административни службеници до 35 годишна возраст од четири земји учеснички во проектот; Србија, Црна Гора,  Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

Добиените резултати и нивната содржина е интересна за анализа, а во исто време ги дава и насоките по кои треба да делува во иднина синдикатот кога се во прашање младите работници. Ќе послужи и како поткрепа за едукација и кампања за подигање на свеста за потребите и проблемите на младите во нивното работно опкружување, со цел запознавање и поддршка на младите работници во Македонија и унапредување на работниот стандард на младите.

Во оваа прилика ги издвојуваме најинтересните моменти од Online прашалникот кои од друга страна се и загрижувачки во однос на информираноста на младите за нивните фундаментални работнички права. 

Помалку од половина од младите сметаат дека се запознаени со правата од работен однос, но високи 70 проценти имаат ниско или многу ниско ниво на информираност за своите права.

При тоа, само 27 % од испитаниците ги користеле на механизмите за заштита на правата од работен однос, а 37%, сметале дека немале потреба од тоа, односно не биле во ситуација да треба да ги користат механизмите на заштита.

Младите се изјасниле дека го читаат Законот за работните односи и Правилниците во организацијата, а за своите права од работен однос се информирале од Синдикатот, односно 37% од испитаниците го посочиле Синдикатот како извор на информации, додека 32% се информирале самостојно, а 20% тоа го прават преку организацијата во која работат.

И покрај тоа што читаат очигледно дека младите работници не читаат она што најмногу треба!

На пример, не ги читаат Решенијата за распоредување, но затоа, пак лесно ставаат потпис на нив! Не го препознаваат моментот дека е важно да се прочита Решението затоа што потоа при несакани случки токму тоа може да биде клучно.

Тие го препознаваат поимот мобинг кога станува збор за повреда на права од работен однос, и во случај на повреда на права од работен однос 40% од младите се обраќаат на претпоставениот работник, а 37% на синдикатот. Радува податокот дека повеќе од 50% од младите работници сметаат дека синдикатот се грижи за нивните права, но и дека приближно ист број се задоволни за остварените права. 

Но, максимално загрижува податокот дека 54% од младите не мислат на староста, односно не се информирани за условите и начините за заминување во пензија иако ова е посебно важно бидејќи за деновите во старост се мисли додека си млад! 

Сепак, жените се повеќе информирани и подобро запознаени од своите права отколку мажите, а значајни разлики за степеност на информираност има меѓу лицата со различен степен на образование. Најслабо информирани за своите права се работниците со средно образование за разлика од нивните колеги со високо образование.

Согледувајќи ги анализираните резултати произлегуваат и дел препораки па затоа во нив се сугерира синдикатите да изнајдат начини и форми овие разлики да се намалат и да се работи на поголема едукација и информираност на младите за нивните права бидејќи само задоволен работник, може да биде продуктивен работник.

Целта е јасна, подигање на свеста на младите вработени за да ја подобрат својата положба во работната околина.

Во рамките на овој регионален проект од декември минатата година до декември годинава реализирани се голем број на активности насочени кон информирање и едукација на младите вработени за нивните права од работен однос. Обучени се 36 едукатори кои одржаа 40 работилници на кои учествуваа над 600 млади. Изработени се и 10 видео клипови со најчестите прашања и одговори со кои се соочуваат младите, како и брошура за правата од работен однос.