Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjовски, генералниот секретар Трпе Деаноски и членот на Одборот на административните службеници Александар Диље земаа учество на јавната расправа за измените на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници во организација на Министерството за информатичко општество и администрација.

На јавната расправа учествуваа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и Билјана Николовска Жагар, државен советник за јавна администрација во МИОА.

Зголемување на ефикасноста на работењето на јавниот сектор и на администрацијата, како и решавање на проблемите во однос на неприменливоста на одредени одредби од постојните закони, е целта на предложените измени на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор.

Министерот Манчевски, пред почетокот на дебатата истакна дека со измените на многу места се поедноставуваат постапките, се координираат особено стратешките планирања во однос на вработувањата, буџетот и што е она што е потребно на институциите согласно со нивните функционални анализи. Сето тоа е во согласност, со како што рече, големата реорганизација и оптимизација на целиот систем на јавниот сектор.

Министерот Манчевски истакна, дека на почетокот на октомври ќе се пушти во употреба електронскиот регистер на население со сите столбови што се дел од стратегијата за реформа на јавната администрација.

Во рамките на дебатата претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујоски укажа на повеќе забелешки во однос на предложените законски измени во делот на унапредувањето на административните службеници, на оценувањето, на дисциплинските постапки, а во делот на барањата за пресметката на платите кои ќе овозможат поголеми покачувања, рече дека имаат поддршка и од премиерот, но немаат одговор од МИОА и од Министерството за финансии.

Во делот на додатоците и надоместоците на плата Синдикатот на УПОЗ предлага тие да се воведат за работен учинок и зголемен обем на работа, потоа регрес за годишен одмор, јубилејни награди, отпремнина за заминување во пензија да бидат регулирани со колективни договори и тоа право да биде вградено во законот. Синдикатот бара и додаток на плата за овластувања, за што сега не се добива соодветен надоместок.

„Има разбирање меѓутоа тоа треба да се преточи во предлог законот. Никако не треба да дозволиме како синдикати измените да влезат во собраниска процедура, оти потоа решение се амандмани, а тоа е веќе завршена работа”, рече Грујовски.

Министерот Манчевски најави и поголема ефикасност на администрацијата која според него ќе може да се овозможи со вториот голем проект кој што го спроведуваат со ЕУ за реорганизација на институциите при  што се споредуваат сите закони на институции што се препоклопуват со ингеренциите, и слично.

Тој рече дека во делот на намалување на бројот на вработени, покрај укинување на вишокот работни места, предвидени се три генерални пакет-мерки подготвени со стопанските комори, синдикатите, граѓанскиот сектор. Со првиот се нуди поголема плата во приватен сектор со субвенции на државата во делот на придонесите, вториот е државата да ја плати преквалификацијата за оние кои ќе преминат во приватниот сектор, а ќе има и други пакет-мерки.

Во неколкуте работни средби со Синдикатот на УПОЗ, Министерот Манчевски а и на вчерашната јавна распава беше дециден дека во делот на државната администрацијата не се предвидува намалување на вработените а во некои институции ќе има и нови вработувања.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) предлага нов начин на пресметка на платите во администрацијата, според кој, вредноста на бодот би се усогласувала со висината на просечната плата во државата секој месец. Доколку Владата не сака да отстапи од сегашниот концепт на плати Синдикатот на УПОЗ бара да се направи правилна пресметка на трошоците за храна и превоз коишто во брутото се пресметуваат со износот од 2009 година.

Синдикатот на УПОЗ на конференција за медиумите ја поздрави одлуката на Владата за зголемување на платите во администрацијата и јавниот сектор за 5 %, но не се согласува со предвиденото покачување на плати и предлага нов начин на пресметка на платите во администрацијата.

 За ваквиот став има и неколку причини кои во име на Синдикатот на УПОЗ ги изнесе генералниот секретар Трпе Деаноски. Имено, тој образложи дека минималната плата во овој момент е 12.600,00 денари, а просечната исплатена нето плата на ниво на држава за месец јуни 25.205,00 денари. Согласно со ова реалниот износ на минималната плата треба да изнесува 60% од просечната плата, односно 15.123,00 денари.

Од друга страна, пак, платите на вработените во администрацијата со вкалкулирано покачување од 5% ќе бидат плата на помлад референт 13.883,00 денари, на референт ќе биде 14.947,00 денари, а на виш референт 15.500,00 денари.

Синдикатот на УПОЗ смета дека дури и овие износи на плати не се реални затоа што во платите на администрацијата од 2009 година со концептот за бруто плата се пресметуваат и храната и превозот. Храната и превозот не смеат да бидат дел од платата, тие се трошок, а не плата. Моменталниот износ на трошокот на храната и превозот кој е вклучен во платата изнесува 3.200,00 денари. Кога овој износ ќе се одземе од платата на помлад референт, реалната плата изнесува 10.683,00 денари. Реалната плата на референт изнесува 11.747,00 денари, а реалната плата на виш референт 12.300,00 денари.

„Согласно овие примери овие групи вработени можат слободно да дадат отказ од своите работни места и да аплицираат за социјална помош, бидејќи социјалната помош за четири члено семејство во овој момент изнесува 12.000,00 денари. На овој начин овие вработени ќе и помогнат на Владата и да ја намали наводната превработеност во администрацијата. Владата треба да биде свесна дека со покачувањето на минималната плата, концептот на плати во администрацијата, судовите, обвинителствата и затворите ќе падне во вода, односно ќе биде апсолутно нефункционален и некористен.”, потенцираше генералниот секретар Трпе Деаноски.

Од овие причини а за да се избегне колапсот и неминовните штрајкови и протести, Синдикатот на УПОЗ предлага нов начин на пресметка на платите во администрацијата.

Имено, досега платите во администрацијата се пресметуваа по методологијата на бодови. Вредноста на бодот за пресметка на платите го носеше Владата. Висината на вредноста на бодот потоа се множеше со бодовите кој вработените ги добиваат за образованието и за нивото на работното место.

УПОЗ предлага вредноста на бодот за пресметка на платите да не ја носи Владата туку вредноста на бодот да биде просечната бруто плата исплатена на ниво на држава секој месец. Според Деаноски пресметката ќе се прави на следниот начин:

„Предлагаме Владата да ја замрзне моменталната вредност на бодот на административните службеници во износ од 81.1 денар. Вредноста на бруто исплатената плата за месец јуни изнесува 37.440,00 денари. Кога вредноста на бруто платата ќе ја поделиме со 81.1 денар, ќе ни го даде коефициентот кој ќе изнесува 462. Ваков систем на пресметка на плати веќе постои во многу земји во Европа и тоа значи дека ако просечната плата расте ќе расте и платата, а ако паѓа ќе се намалува и платата. На тој начин администрацијата ќе ја има и одговорноста која и се бара и за која цело време се зборува во јавноста, а воедно ќе учествува и во растот на БДП и растот на социјалниот стандард во државата”, образложи генералниот секретар.

На овој начин платата на помлад референт од 13.883,00 ќе дојде до 15.503,00 денари. Платата на референт од 14.947,00 денари ќе биде 16.287,00 денари, а платата на виш референт од 15.500,00 ќе дојде до 17.195,00 денари.

Иако со ваквата пресметка на плати зголемувањето во администрацијата ќе биде 12%, а не 5%, просечната плата исплатена во администрацијата повторно ќе биде под државниот просек и Владата сериозно ќе треба да размисли како да ги задржи кавалитетните и образувани кадри да не ја напуштаат администрацијата.

Владата пред неколку денови најави субвенција за работодавачите доколку на вработените им ги зголемат платите за 6.000,00 денари во нето износ. Оваа субвенција ќе биде наменета само за вработените во приватниот сектор, а со покачувањето од 5% вработените кои се со најниски плати во администрацијата и јавниот сектор ќе добијат зголемување од 500 денари.

Доколку Владата не отстапи од својот концепт на исплата на плати бараме да направи правилна пресметка на трошоците за храна и превоз.

Во 2009 година, со реформата на концептот на бруто плата, на вработените во пресметката на плата им се вклучија и трошоците за храна и превоз. Во моментот на вклучување на храната и превозот во бруто платата, износот за превозот бил 900,00денари, а износот на хранарината 2.300,00 денари.

Како вредност за пресметување на висината на превозот била земена цената на месечниот билет во јавниот градски превоз во Скопје. Додека пресметката на висината за хранарината е правена по принцип на дневна потрошувачка кошничка објавена од Државниот завод за статистика поделена на три оброци.

„Согласно последната објавена потрошувачка кошничка од Државниот завод за статистика, доколку месецот има 22 работни дена висината на трошокот за храна треба да изнесува 6.755,00 денари, а не 2.300,00 денари. На овој износ треба да се додадат 1.200, денари за превоз со што трошокот за храна и превоз би бил  вкупно 7.955,00 денари. На ваков начин, односно со правилна пресметка на храната и превозот платите на сите вработени во државата без разлика дали се во јавниот или приватниот сектор ќе се зголемат за 4.755,00 денари”, образложи генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, кој рече дека овие нивни предлози ќе бидат доставени и до Министерството за информатичко општество и администрација и до Владата на РСМ.

Денес Синдикатот на УПОЗ и писмено се обрати до Владата на РСМ, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за финансии за заедничка средба на која би се разговарало и преговарало за овие прашања.

Млади работници, а и Вие кои не сте млади или сте моментално невработени! Спотот за проектот "Права на работа, работата за правата" пристигна. Погледнете што ние подготвивме за вас!!! Следете ја нашата работа, и приклучете се во борбата и информирајте се за своите права од работен однос. Ова е само почеток. Проектот е финансиран од Erasmus+ програмта на Европската унија. #ErasmusPlus

Младите едукатори од проектот „Права на работа, работа за права“на крајот на август одржаа работна средба на Златибор за да ги споделат впечатоците од работилниците што ги спроведоа во јуни - август 2019 година.

За време на работилниците, младите синдикалци од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Словачка и Хрватска на своите врсници им пренесоа знаења и вештини за работничките права и механизмите за заштита на правата, а кои ги стекнаа за време на обуките што се одржаа во Братислава во месец мај 2019 година.

 За време на средбата беа презентирани сите претходни активности од проектот, кој трае од декември 2018 година, а младите едукатори ги презентираа активностите кои ги спроведоа, а истовремено дадоа препораки и предлози за натамошните чекори кои проектниот тим ќе ги интегрира во заедничка брошура.

На средбата беше констатирано и ниското ниво на информираност на младите за нивните работнички права, како да ги користат истите и како да се заштитат и се истакна дека младите се особено заинтересирани да се запознаат со концептот на мобингот, сметајќи го за најголема закана за стабилно работно опкружување во денешно време. Благодарение на овие работилници, многу млади за прв пат научија кога имаат право на слободни денови, а некои од нив за прв пат навистина ја сфатија улогата на синдикатите во заштитата на работничките права.

Исто така, учесниците разговараа со членовите на конзорциумот за развој и имплементација на медиумска кампања планирана за септември, со цел пошироката јавност да се запознае со проектот „Права но работа, работа за права“ поддржан од Европската комисија преку програмата Еразмус + на Европската унија , КА2: градење на капацитетите полето на младите. Направен е избор на најважните пораки што младите едукатори сметаат дека се важни за понатамошно пренесување на нивните врсници, а пораките се поставени во видеа што ќе бидат промовирани на социјалните мрежи на партнерите во проектот, со цел да се понудат одговори на најчестите прашања и заблуди за правата на младите работници и нивното делување и здружување преку синдикатите или самостојно.

Консултантската средба ја водеа Александра Кнежевиќ, координатор на проектот и Никола Соврлиќ, претседател на Центарот за развој на млади.

Претставниците на присутните партнерски организации, исто така, ја искористија можноста да се одржи 4-тиот состанока на конзорциумот, ги договорија деталите за кампањата, како и првите чекори во врска со организацијата на завршната конференција на проектот.