Со цел давање придонес кон афирмацијата на женското лидерство и родовата рамноправност на 10.04.2019 година во Царинската управа на Република Северна Македонија, а во организација на Синдикалната организација на Царинската управа и УПОЗ, се одржа трибина на тема „Женско лидерство во областа на безбедноста“.  

На трибината учествуваше и претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски кој покрај тоа што ги информираше членките за работата на Секцијата на жени на УПОЗ, ја искористи можноста и да потсети дека од пред една година повторно се формираше синдикалната организација на Царинската управа и повика членовите масовно да се враат и зачленат во овој синдикат.

„Ве повикувам масовно да се вратите и зачлените во Синдикалната организација на Царинската управа бидејќи пред нас се активности од големо значење за вас вработените. Имено, ни претстои отпочнување на процес на преговори за потпишување на Колективен договор за вработените во Царинската управа и затоа сите сте потребни во овој процес”, подвлече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

На трибината „Женско лидерство во областа на безбедноста“ говореше и претседателот на Синдикалната организација на Царинската управа Тони Апостоловски кој рече дека преку организација на оваа трибина сакаат јасно и недвосмислено да изразат безрезервна поддршка на процесот на подобрување на родовата еднаквост преку поинтензивно учество на жените во процесот на планирање, организирање, раководење и контрола на работните процеси не само кај нив, туку и генерално на ниво на целокупното македонско општество.

„Статистичките податоци за учеството на жените во процесите на раководење и нивно учество во донесување на одлуки недвосмислено говори дека ни претстои сериозен процес во правец на нивно значително подобрување. За поздравување е идејата во државата за систематизирање на работни места со основна задача грижа за родовата еднаквост и нејзино перманентно унапредување”, потенцираше претседателот на Синдикалната организација на Царинската управа Тони Апостоловски.

Тој ја искористи можноста и за промоција на новоформираниот синдикат при Царинската управа, како дел од УПОЗ при што информираше дека пред повеќе од 8 месеци започна иницијативата за формирање на раководна и организациона структура на Синдикалната организација, а овие денови процесот е речиси готов, и формирани се подружници при царинарница Скопје, Куманово, Битола, Штип, Гевгелија и Управа. Додаде дека прават сериозни и искрени напори за подобрување на работничките права, а ќе се насочат кон детектирање на постоечките слабости на Колективниот договор, како подготвителна фаза пред договарање со менаџментот на Царинската управа којшто очекуваат да резултира со потпишување на нов, значително подобар Колективен договор.

Изабела Илиева, претседателката на Секција на жени при Синдикатот на УПОЗ во своето обраќање на трибината информираше за начинот на кој што работат при што рече дека денес оваа синдикална организација има свои подружници речиси во сите градови и дека само со посветена работа и труд во областа на синдикализмот, може да се стане жена – лидер и да се напредува во синдикалната кариера.

„Би сакала во оваа прилика да Ве охрабрам, особено Вас припадничките на понежниот пол од Царинската управа, што помасовно да се вклучите во Синдикатот на УПОЗ и заеднички да работите за подобри услови на работа, да се наметнете на работодавецот и да бидете респектабилни во секој поглед, да бидете рамноправен партнер кога преговарате за Вашите права. Тимската работа во Синдикалното работење е најважна и таа е патот до успехот”, истакна претседателката на Секција на жени при Синдикатот на УПОЗ Изабела Илиева.

Според неа, во последно време се позабележан и се погласен е женскиот активизам во нашата држава, а Секцијата на жени која што постои две години постепено го добива вистинското значење на групација на жени кои што се собрани да се борат за своите права, да искажат незадоволство, да бараат промени во општеството и една од главните цели е активно да ги промовираат основните постулати на родовата рамноправност.

На трибината зедоа учество и други учесници меѓу кои и Националниот совет за родова рамноправност.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски во гостувањето во емисијата „Отворено студио”, на 1 ТВ говореше за Иницијативата поднесена до Владата и до Министерството за труд и социјална политика за промена на работното време и измена на Законот за празниците, иницијатива која што доаѓа по прифаќањето на барањето за флексибилно работно време што и го охрабри Синдикатот на овој следен чекор.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Грујовски потсети на бенефитите кои би се добиле со измена на Законот за работните односи и со воведувањето на работно време од 7 часа на ден, односно со воведувањето на 35 часовна работна недела.

 „Има повеќе предности, пред сѐ, сметаме дека со ова ќе се намали невработеноста. Со намалување на работното време за 10% од вкупното, ќе се јави потреба од ангажирање на нова работна сила. Можеби ова нема да им се допадне на работодавачите, особено во приватниот сектор, но мислам дека ако се направат анализи, продуктивноста на трудот ќе ги покрие дополнителните вработувања и тие ќе имаат соодветен бенефит. Од економски аспект, во услови на неорганизирана исхрана на работниците, за која порано имаа надоместок или мензи, овој трошок ќе можат да го избегнат, а во зимскиот период, кога денот е покус, ќе се заштеди на греење и на струја”, подвлече во емисијата „Отвореното студио”  претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Со намалување на работното време, од социјален аспект, ќе се зголемат можностите работниците повеќе да се посветат на семејството, на културни и спортски активности, исто така, од биолошки апсект, продуктивноста значително опаѓа по 14 часот, па работодавачот до тогаш го има максималниот ефект од вработените. Тој потсетува дека голем број земји од ЕУ одамна размислуваат, а некои веќе имаат воведено седумчасовно работно време како што се Франција, Данска, Италија, Холандија, Ирска, Белгија.

Во однос на иницијативата за измена на Законот за празници, Грујовски нагласи дека во 2007 година дотогашниот празник 2-ри јануари, како и 2 мај се укинаа како неработни, но по овогодинешната одлука на Владата 2 јануари повторно да се прогласи како неработен и позитивните реакции кај вработените во администрацијата, а и во стопанството бидејќи во овој период од годината, работните процеси се сведени на минимум како во јавниот, така и во приватниот сектор, потекнала и идејата за нивно повторно враќање во Законот за празниците.

На вториот дел од синдикалната школа, Заменикот министерот на Министерството за информатичко општество и администрација Александар Бајдeвски и Советникот за администрација во кабинетот на министерот Билјана Николовска Жагар ги најавија измените на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор

На 30-та синдикална школа на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) која и оваа година се одржува во Охрид свое учество земаа и заменик министерот за информатичко општество и админситрација Александар Бајдовски и советникот за администрација во кабинетот на министерот Билјана Николовска Жагар. Тие пред стотината синдикалци најпрвин ги презентираа измените на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, како и насоките во кои ќе се движат измените бидејќи примената на овие закони утврдила дека има одредби со кои може да се подобри законското решение, а присутните ги запознаа и со новиот предлог Законот за високо раководна служба.

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдовски рече дека измените на овие закони ќе бидат во владина постапка во периодот јуни/јули, а нивното изгласување во собранието очекуваат да биде на дневен ред во септември. Подвлече дека забелешките во врска со овие закони доставени од Синдикатот на УПОЗ ги разгледале, но и дека до влегување на законите во процедура МИОА останува отворена и за нови забелешки се со цел подобрување на законските решенија.

Покрај ова заменикот Бајдовски се осврна и на други теми кои ги засегаат вработените во администрацијата пришто  рече дека на оваа Влада и е многу важна заложбата за зголемување на платите на администрацијата и во таа насока најави зголемување од 5 % на административните плати во септември, но и дека оваа интенција ќе се задржи и во секоја наредна година.

Во врска, пак со започнатите преговори за Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, Бајдовски рече дека тие ќе продолжат до нивно финализирање и потпишување на колектвиниот договор при што вети и дека ќе продолжи добрата соработка со Синдикатот на УПОЗ.

Вторитот ден на синдикалната школа продолжува со разговари и дебати во кои синдикалците ќе можат да ги детектираат слабостите на трите закони, но и да искажат забелешки кои ќе бидат слушнати од првите луѓе на МИОА.

Инаку, да потсетиме, на отворањето на 30-та синдикална школа се обрати претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски кој во своето пригодно обраќање стави акцент на активностите за потпишување на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, но и напорите за потпишување на повеќе Колективни договори на ниво на работодавач со цел унапредување и заштита на правата од работен однос и економско-социјалните права на членовите на Синдикатот. Исто така, рече дека  континуирана активност е, и ќе биде формирање на нови синдикални организации и придобивање на нови членови при што претседателот на Синдикатот на УПОЗ Грујовски потенцираше дека во мината година се зголемиле за нови 800 членови и биле формирани 10 нови синдикални организации.

Најави дека Синдикатот на УПОЗ не отстапува ниту од борбата за подобрување на социјалниот дијалог од кој до овој момент тие не се задоволни со нивното учество и вклучување во него, а ги најави и намерите во делот на правосудството при што рече: „Во делот на правосудството сакаме Синдикатот на УПОЗ да биде вистински партнер и ќе бараме наше вклучување, односно вклучување на наши претставници во Советот за судска служба, како и во Судскиот совет, а ќе работиме и на реализирање на идејата за формирање на посебно тело во судската служба по примерот на Судскиот совет со цел да не бидеме „деца без родители”, како што ни се случува сега кога си ги бараме нашите права од Советот кој најчесто се прогласува за ненадлежен за нас!”, подвлече во своето обраќање претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски отворајќи ја 30-та синдикална школа.

На годинешнава синдикална школа се говореше и на повеќе теми и содржини со цел размена на искуства, но и унапредување на преговарачките процеси во врска со потпишувањето на колективните договори, за што говореа претставници на Синдикатот на правосудството на Србија, Синдикатот на управата на Република Српска и Синдикатот на државните службеници и другите вработени во органите на федерацијата на Босна и Херцеговина. Па така, стотината учесници на синдикалната школа имаа можност да слушнат од претставниците од синдикатите од регионот како во нивните држави течат процесите на преговори, кои пречки се појавуваат во процесот на преговарање, како се надминуваат пречките за да се стигне до фазата на потпишан колективен договор.

Синдикатот на правосудството на Србија, Синдикатот на управата на Република Српска и Синдикатот на државните службеници и другите вработени во органите на Федерацијата на Босна и Херцеговина несебично ги споделија своите искуства. Тие ќе бидат драгоцени со оглед на фактот што Синдикатот на УПОЗ е во фаза на интензивни преговори за потпишување на повеќе колективни договори и секое искуство е добредојдено заради подобрување на вештините на преговори од страна на синдикалните претставници кои ги водат.

Во Охрид, од 5 до 7 април 2019 година, се оджува 30-та синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ за која е предвидена програма со повеќе теми, а на која ќе земат учество стотина синдикалци, како и гости од регионот.

30-та синдикална школа на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) годинава која започна денес е конципирана да има повеќе теми и содржини со цел размена на искуства, но и унапредување на преговарачките процеси во врска со потпишувањето на колективните договори.

На  почетокот на 30-та синдикална школа присутните ги поздрави престедателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски кој во своето пригодно обраќање стави акцент на двете главни активности предвидени за оваа година.

Имено, 2019 година, е година кога се очекува во најскоро време да се потпише Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, но и година кога ќе се направат напори за потпишување на повеќе Колективни договори на ниво на работодавач со цел унапредување и заштита на правата од работен однос и економско-социјалните права на членовите на Синдикатот.

Секако втората главна, но и континуирана активност е, и ќе биде формирање на нови синдикални организации и придобивање на нови членови при што претседателот на Синдикатот на УПОЗ Грујовски потенцираше дека во мината година се зголемиле за нови 800 членови и биле формирани 10 нови синдикални организации.

Остануваме на истиот курс на зголемени активности, како и поголема мобилност за поттикнување за вклучување во редовите на синдикатот и во борбата за нашите права. Не отстапуваме ниту од борбата за подобрување на социјалниот дијалог од кој до овој момент не сме премногу задоволни со нашето учество и вклучување во него и нашето вклучување во подготовката на одредени законски измени кои не засегаат како синдикат и гранка. Во делот на правосудството сакаме Синдикатот на УПОЗ да биде вистински партнер и ќе бараме наше вклучување, односно вклучување на наши претставници во Советот за судска служба, како и во Судскиот совет, а ќе работиме и на реализирање на идејата за формирање на посебно тело во судската служба по примерот на Судскиот совет со цел да не бидеме „деца без родители”, како што ни се случува сега кога си ги бараме нашите права од Советот кој најчесто се прогласува за ненадлежен за нас!”, подвлече во своето обраќање претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски отворајќи ја 30-та синдикална школа.

Програмата продолжи со размена на искуства со синдикалните претставници од Србија, Република Српска и Босна и Херцеговина. За Синдикатот на УПОЗ беше од особено значење да слушне како колегите од поширокото опкружување се справуваат во преговарачките процеси и како нивните искуства да се применат во започнатите преговори на нашите синдикални преставници со нивните работодавачи.

Па така, стотината учесници на синдикалната школа имаат можност да слушнат од претставниците на синдикатите од регионот како во нивните држави течат процесите на преговори, кои пречки се појавуваат во процесот на преговарање, како се надминуваат пречките за да се стигне до фазата на потпишан колективен договор, при што колегите од

Синдикатот на правосудството на Србија, Синдикатот на управата на Република Српска и Синдикатот на државните службеници и другите вработени во органите на Федерацијата на Босна и Херцеговина несебично ги споделија своите искуства. Тие ќе бидат драгоцени со оглед на фактот што Синдикатот на УПОЗ е во фаза на интензивни преговори за потпишување на повеќе колективни договори и секое искуство е добредојдено заради подобрување на вештините на преговори од страна на синдикалните претставници кои ги водат.

30-та синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ продолжува утре, сабота 6-ти април на теми посветени на прашањето што носат измените на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за високо раководна служба.  За овие закони веќе јавно се разговара, отворена е дебата и од големо значење ќе биде и нашиот придонес кон неа со цел подобрување на законските решенија. За овие закони се очекува да говорат високи претставници на Министерството за информатичко општество и администрација.