Од 7 до 11 април 2019 година, во Белград се одржа тренинг курсот за образување на младите синдикалци за човековите права во рамки на проектот „Компас”, кој го реализира Развојниот центар за млади од Белград со поддршка на одделението за мади на Советот на Европа.

На тренингот учествуваа млади активисти и претставници на Синдикатот на Република Српска, Синдикатот на управата и правосудството на Црна Гора, Синдикатот на УПОЗ и Синдикатот на управата на Србија.

Воведниот дел од програмата беше насочен кон практични вежби и воочување на проблемите како што се проблеми со човековите права, односно дискриминацијата на работното место.

Програмата содржеше значајни теми кои придонесуваат за детектирање на проблемите во работењето на младите, но и справување со нив. Се посвети посебно внимание на примената на Европската социјална повелба во земјите од каде што беа присутни учесниците. Во таа насока беше и посетата од страна на Шефот на мисијата на Советот на Европа во Белград, Тобијас Флексемпер кој од прва рака ги запозна младите учесници како да постигнат поголема примена на Европската социјална повелба во нивните земји, а заедничкото време го поминаа квалитетно со размена на искуства.

Други значајни теми за дискусија беа работните права на младите, како да се реагира во ситуација на кршење на работните права на младите, разликата во платите, а беше претставен и Копмас прирачникот за образување на младите за човекови права.

Нашите синдикални партнери од Република Српска, односно Синдикатот на Управата на Република Српска кој е носител на проектот ,,Правата на работа, работа за правата”, а во кој активно учествува и Секцијата на млади на Синдикатот на УПОЗ се состанаа за заеднички да ги разгледаат и анализираат резултатите добиени од прашалникот од националното истражување „Дали сте запознаени со Вашите работнички права”, но и да ги утврдат идните проектни активности. Во работата учествуваа  претставници на повеќе синдикати од регионот, меѓу нив и претседателот на Секцијата на млади Бојан Трипуноски.  

Прашалникот го пополнуваа над 1000 административни службеници до 35 годишна возраст од пет земји учеснички во проектот од Србија, Црна Гора,  Македонија, Република Српска и Словачка. Со добиените резултати присутните ги запозна членот на тимот Кристина Смољановиќ од Центарот за напредни студии од Универзитетот на Југоисточна Европа во Риека, во чија што надлежност беше и подготвоката на анализата на собраниот материјал. Резултатите се објавени на официјалната страница на проектот и нивната содржина е интересна за анализа и во исто време таа ќе ги даде и насоките по кои ќе делува во иднина синдикатот кога се во прашање младите работници.

Програмскиот директор на Развојниот центар за млади, Александра Кнежевиќ изрази задоволство што по два месеци работа и активности се додје до конкретни податоци од терен за степенот на информираност на младите за нивните сопствени права во работното опкружување што е од големо значање за проекција на идните чекори.

Состанокот беше искористен и за размена на идеи во врска со прашањата за промотивната кампања за свртување на вниманието на јавноста кон значењето и промоцијата на правата на младите во работното опкружување со надеж дека во почетокот на мај кампањата ќе биде веќе готова за промовирање.

На следниов линк може да ги погледнете резултатите на Синдикатот на УПОЗ (кликни тука)

Со цел давање придонес кон афирмацијата на женското лидерство и родовата рамноправност на 10.04.2019 година во Царинската управа на Република Северна Македонија, а во организација на Синдикалната организација на Царинската управа и УПОЗ, се одржа трибина на тема „Женско лидерство во областа на безбедноста“.  

На трибината учествуваше и претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски кој покрај тоа што ги информираше членките за работата на Секцијата на жени на УПОЗ, ја искористи можноста и да потсети дека од пред една година повторно се формираше синдикалната организација на Царинската управа и повика членовите масовно да се враат и зачленат во овој синдикат.

„Ве повикувам масовно да се вратите и зачлените во Синдикалната организација на Царинската управа бидејќи пред нас се активности од големо значење за вас вработените. Имено, ни претстои отпочнување на процес на преговори за потпишување на Колективен договор за вработените во Царинската управа и затоа сите сте потребни во овој процес”, подвлече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

На трибината „Женско лидерство во областа на безбедноста“ говореше и претседателот на Синдикалната организација на Царинската управа Тони Апостоловски кој рече дека преку организација на оваа трибина сакаат јасно и недвосмислено да изразат безрезервна поддршка на процесот на подобрување на родовата еднаквост преку поинтензивно учество на жените во процесот на планирање, организирање, раководење и контрола на работните процеси не само кај нив, туку и генерално на ниво на целокупното македонско општество.

„Статистичките податоци за учеството на жените во процесите на раководење и нивно учество во донесување на одлуки недвосмислено говори дека ни претстои сериозен процес во правец на нивно значително подобрување. За поздравување е идејата во државата за систематизирање на работни места со основна задача грижа за родовата еднаквост и нејзино перманентно унапредување”, потенцираше претседателот на Синдикалната организација на Царинската управа Тони Апостоловски.

Тој ја искористи можноста и за промоција на новоформираниот синдикат при Царинската управа, како дел од УПОЗ при што информираше дека пред повеќе од 8 месеци започна иницијативата за формирање на раководна и организациона структура на Синдикалната организација, а овие денови процесот е речиси готов, и формирани се подружници при царинарница Скопје, Куманово, Битола, Штип, Гевгелија и Управа. Додаде дека прават сериозни и искрени напори за подобрување на работничките права, а ќе се насочат кон детектирање на постоечките слабости на Колективниот договор, како подготвителна фаза пред договарање со менаџментот на Царинската управа којшто очекуваат да резултира со потпишување на нов, значително подобар Колективен договор.

Изабела Илиева, претседателката на Секција на жени при Синдикатот на УПОЗ во своето обраќање на трибината информираше за начинот на кој што работат при што рече дека денес оваа синдикална организација има свои подружници речиси во сите градови и дека само со посветена работа и труд во областа на синдикализмот, може да се стане жена – лидер и да се напредува во синдикалната кариера.

„Би сакала во оваа прилика да Ве охрабрам, особено Вас припадничките на понежниот пол од Царинската управа, што помасовно да се вклучите во Синдикатот на УПОЗ и заеднички да работите за подобри услови на работа, да се наметнете на работодавецот и да бидете респектабилни во секој поглед, да бидете рамноправен партнер кога преговарате за Вашите права. Тимската работа во Синдикалното работење е најважна и таа е патот до успехот”, истакна претседателката на Секција на жени при Синдикатот на УПОЗ Изабела Илиева.

Според неа, во последно време се позабележан и се погласен е женскиот активизам во нашата држава, а Секцијата на жени која што постои две години постепено го добива вистинското значење на групација на жени кои што се собрани да се борат за своите права, да искажат незадоволство, да бараат промени во општеството и една од главните цели е активно да ги промовираат основните постулати на родовата рамноправност.

На трибината зедоа учество и други учесници меѓу кои и Националниот совет за родова рамноправност.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски во гостувањето во емисијата „Отворено студио”, на 1 ТВ говореше за Иницијативата поднесена до Владата и до Министерството за труд и социјална политика за промена на работното време и измена на Законот за празниците, иницијатива која што доаѓа по прифаќањето на барањето за флексибилно работно време што и го охрабри Синдикатот на овој следен чекор.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Грујовски потсети на бенефитите кои би се добиле со измена на Законот за работните односи и со воведувањето на работно време од 7 часа на ден, односно со воведувањето на 35 часовна работна недела.

 „Има повеќе предности, пред сѐ, сметаме дека со ова ќе се намали невработеноста. Со намалување на работното време за 10% од вкупното, ќе се јави потреба од ангажирање на нова работна сила. Можеби ова нема да им се допадне на работодавачите, особено во приватниот сектор, но мислам дека ако се направат анализи, продуктивноста на трудот ќе ги покрие дополнителните вработувања и тие ќе имаат соодветен бенефит. Од економски аспект, во услови на неорганизирана исхрана на работниците, за која порано имаа надоместок или мензи, овој трошок ќе можат да го избегнат, а во зимскиот период, кога денот е покус, ќе се заштеди на греење и на струја”, подвлече во емисијата „Отвореното студио”  претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Со намалување на работното време, од социјален аспект, ќе се зголемат можностите работниците повеќе да се посветат на семејството, на културни и спортски активности, исто така, од биолошки апсект, продуктивноста значително опаѓа по 14 часот, па работодавачот до тогаш го има максималниот ефект од вработените. Тој потсетува дека голем број земји од ЕУ одамна размислуваат, а некои веќе имаат воведено седумчасовно работно време како што се Франција, Данска, Италија, Холандија, Ирска, Белгија.

Во однос на иницијативата за измена на Законот за празници, Грујовски нагласи дека во 2007 година дотогашниот празник 2-ри јануари, како и 2 мај се укинаа како неработни, но по овогодинешната одлука на Владата 2 јануари повторно да се прогласи како неработен и позитивните реакции кај вработените во администрацијата, а и во стопанството бидејќи во овој период од годината, работните процеси се сведени на минимум како во јавниот, така и во приватниот сектор, потекнала и идејата за нивно повторно враќање во Законот за празниците.