Од 5 до 7 април 2019 година, во Охрид, ќе се оджи 30-та синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ при што, како и секоја година ќе има богата содржина со повеќе теми, учесници, но и гости од поширокото опкружување.

Програмата на 30-та синдикална школа на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) годинава е посветена на повеќе теми кои ќе дадат придонес во зголемување на искуствата во континуираните заложби за унапредување на состојбите со работниците и работничките права. Па така, најпрвин стотината учесници на синдикалната школа ќе имаат можност да ги слушнат искуствата на синдикатите од регионот во врска со потпишувањето на колективните договори, а потоа од првите луѓе на МИОА автентично ќе слушнат што носат измените на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за високо раководна служба.

Како во нивните држави течат процесите на преговори, кои пречки се појавуваат во процесот на преговарање, како се надминуваат пречките за да се стигне до фазата на потпишан колективен договор, се  искуствата  што ќе бидат разменети со претставниците на Синдикатот на правосудството на Србија, Синдикатот на управата на Република Српска и Синдикатот на државните службеници и другите вработени во органите на федерацијата на Босна и Херцеговина. Ова е дотолку повеќе важо со оглед на фактот што Синдикатот на УПОЗ е во фаза на интензивни преговори за потпишување на повеќе колективни договори и секое искуство е добредојдено заради подобрување на вештините на преговори од страна на синдикалните претставници кои ги водат.

Во однос, пак, на темите посветени на прашањето што носат измените на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за високо раководна служба иако за овие закони веќе јавно се разговара и е отворена дебата од големо значење ќе биде и дебата што ќе се отвори на синдикалната школа бидејќи синдикалците ќе можат да ги детектираат слабостите на законите, но и да искажат забелешки кои ќе бидат слушнати од првите луѓе на МИОА.

На 30-та синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ нема да изостанат ниту разговорите за тековните активности, мобилноста на синдикалното движење, начините за градење на поголема доверба во синдикатот со цел подигање на синдикалниот дух и истрајност во пречките со кои се соочува Синдикатот. Впрочем ова е добра можност во секоја пора на работата и активностите на Синдикатот на УПОЗ да го вградиме нашето неформално мото: „Еднаш синдикалец, секогаш синдикалец”!

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) на 01.04.2019 година одржа работен состанок со синдикалните организации коишто го имаат започнато процесот на преговори со работодавачите за склучување на поединечни колективни договори.

Синдикатот на УПОЗ и синдикалните организации кои се влезени во преговарачкиот процес за потпишување на поединечните Колективни договори, на состанокот  разгледаа до каде се овие процеси, но разговараа и за детектираање на проблемите доколку ги има, се со цел да се изнајдат и решенија.

Во таа насока, претставниците од синдикалните организации кои имаат започнато преговори за склучување на Колективен договор истакнувајќи ги „проблемите“ со кои се соочуваат во преговорите, ги нотираа и забелешките од работодавачите со кои се среќаваат. Па така, беше констатирано дека еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат речиси сите синдикални организации, е тоа дека работодавачите не се доволно запознаени со колективното преговарање ниту пак со колективните договори воопшто. Од таму како голема пречка во започнување на преговорите се јавува и ставот на одредени работодавачи да не се започнуваат преговори за поединечен Колективен договор се додека не се потпише гранскиот Колективен договор, што апсолутно е погрешна теза.

Друг проблем со кој се соочуваат претставниците на синдикалните оганизации се одредбите во Колективните договори кои се однесуваат на платите, надоместоците и додатоците на плата за вработените, односно финансиите. Имено, со оглед на фактот дека платите на речиси сите синдикални организации на Синдикатот на УПОЗ се финансирани од буџетот на државата, потребни се големи напори работодавачите да се убедат дека и на вработените во управата треба да им се исплаќаат надоместоци на плата (регрес за годишен одмор, јубилејни награди, 13-та плата и др.) право кое што го имаат работниците во приватниот сектор.

Состанокот резултираше со заклучок дека активностите и преговорите за склучување на Колективни договори не треба да престанат иако во моментов е започната кампањата за претседателски избори, и веднаш по завршување на изборите да се пристапи кон склучување на Колективни договори во синдикалните организации.

Секогаш кога треба да се вратат некои пари на работниците имаме проблем, а за набавка на возила или за други луксузни или било какви потреби на судовите и судиите или за било која институција во државата никогаш не е проблем.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) на денешната конференција за медиумите информираше за добиените сознанија за набавка на нови авотмобили на дел од судовите во државава.

Имено, генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски рече дека нивните конкретни барања за зголемување на платите на судските службеници, правилна исплата на додатоците на плата за судските полицајци, воведување на јубилејни награди и регрес за годишен одмор, за жал секогаш се или одбиени или игнорирани со образложение дека законот тоа не го предвидува, и дека нема средства во буџетот, било да е тоа судскиот или на државниот буџет.

 Но, очигледно ова правило важи само кога се работниците во прашање затоа што деновиве сме сведоци дека во Судскиот буџет и буџетот на државата секогаш може да се изнајдат средства кога е потребно и тоа за луксузирање.

Претседателот на судскиот совет пред неколку денови објави дека Судскиот совет ќе набави две возила, едно во вредност од 40.000,00 евра, а другото во вредност од 16.000,00 евра. Од оние податоци кои ние можевме да ги најдеме отворени се или веќе се реализирани постапки за набавка на нови возила во Врховниот суд во вредност од 16.000,00 евра, Апелациониот суд Гостивар 28.336,00 евра, Основен суд Тетово 20.000,00 евра, Основен суд Велес 16.000,00 евра, 27.000,00 евра во Основниот суд Скопје 2, Апелационен суд Штип 28.000,00 евра, Основен суд Штип 16.000,00 евра, Основен суд Битола 16.000,00 евра и Апелационен суд Битола 28.000,00 евра. Кога ќе се соберат сумите од сите набавки на возила заедно ќе излезе дека Судскиот совет и судовите ќе потрошат приближно околу 250.000,00 евра, пари од работниците и државата за набавка на возила”, рече на денешната конференција за медиумите генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

Тој уште рече дека доколку имаа барем малку доблест или совест претседателот и членовите на Судскиот буџетски совет ќе се заложеа овие средства да се искористат на друг начин при тоа алудирајќи на незаконски задржаните пари за време на штрајкот од 2016 година. Или, пак, можеше да се предвиди исплата на додатоци на плата за вработените во судовите, да се набават нови униформи и опрема за судската полиција, или да се донесе одлука за зголемување на платите на вработените во судовите, па макар таа била и еднократна.

Синдикатот на УПОЗ реагира и на изјавата на претседателот на Судскиот совет во која меѓу другото и се заблагодарува на Владата.

Претседателот на Судскиот совет изјави дека возило од 40.000,00 евра не е луксузно возило, можеби тоа е точно за него, но воопшто не е точно за вработените во судовите чии плати со пресметан работен стаж од 30 години изнесуваат 15 или 16.000,00 денари. Во својата изјава претседателот на Судскиот совет, исто така и се заблагодари на Владата што овозможила да донесе ваква историска одлука за набавка на возила. Ние во оваа прилика сакаме да ја повикаме Владата да го исполни своето ветување и веднаш по завршување на претседателските избори да ги врати неазконски задржаните средства за време на штрајкот во 2016 година, во спротивно ќе се соочи со над 2000 тужби за поврат на овие средства кои ќе нанесат огромна штета на Буџетот на државата”, реагираше Деаноски и уште еднаш ја повика Владата да размисли дали со набавка на возила се наградуваат челниците на правосудството, иако во секој извештај на Европската унија е потенцирано дека најголемите реформи во нашата држава е потребно да се извршат токму во правосудството и Судскиот совет.

Синдикатот на УПОЗ смета дека доколку државата сака успешни предпристапни преговори со Европската унија за поглавјата 23 и 24 како што тоа неколку пати е потенцирано од страна на Владата, потребни се мотивирани судски и административни службеници, а не награди за кочничарите на сите реформи кои треба да се спроведуваат во Македонија. 

На крај Деаноски упатувајќи апел да се реализираат ветувањата од Владата за кои разговараат со неа од 2017 година за враќање на незаконски задржани средства за време на штрајкот, потсети дека до сега на оваа болна тема одржале неколку состаноци и со премиерот и со министерката за правда и со министерот за финансии каде што биле известени дека тие пари се обезбедени, но дека се бара начинот како да се вратат тие пари констатирајќи: ,,Изгледа начинот е многу лесен кога треба да се најдат пари за други освен за работниците. Секогаш кога треба да се вратат некои пари на работниците имаме проблем, а за набавка на возила или за други луксузни или било какви потреби на судовите или за било која институција во државата никогаш не е проблем”.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ учестуваа на јавната расправа по Предлог законот за инспекциски надзор при што во текот на дискусијата ги изскажаа забелешките на синдикатот во однос на овој закон.

Во Собранието на Република Северна Македонија на 19 март 2019 година се одржа 70-та седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на која беше организирана јавна расправа по Предлог законот за инспекциски надзор.

На Комисијата свое учество зедоа генералниот секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Трпе Деаноски кој ги изнесе забелешките по однос на овој закон и претседателот на одборот за инспекциски надзор Димитар Гаќев.

 Пренесувајќи ги забелешките во името на Синдикатот на УПОЗ во врска со Предлог законот за инспекциски надзор Деаноски рече дека иако законотот е Lex specialis и треба да ги регулира сите права од работен однос на инспекторите, повторно се воочува поврзаноста со Законот за административните службеници, особено во категоризацијата и звањата на инспекторите и се уште опстојуваат проблематичните категории: советник инспектор, самостоен инспектор, помошник инспектор и помлад инспектор.

 Нелогично е, зошто доколку овој Закон треба да биде Lex specialis се дозволува платите на инспекторите да се регулираат со друг закон, односно со Законот за административни службеници. Доколку интенцијата е инспекторите да добијат на значење и да се издвојат од останатите вработени во администрацијата поради специфичноста на нивната работа и ризикот на работењето, би требало со овој Закон да се регулираат и месечните примања со кои би се издвоиле од останатата администрација”, рече во дискусијата генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

Следна забелешка на овој Предлог закон е во делот на изборот на членовите на инспекцискиот совет. Синдикатот на УПОЗ смета дека еден од условите за избор на членови на инспекцискиот совет треба да биде и претходното  работно искуство на членот во инспекторатите што во овој случај тоа не е предвидено и единствено се бара работно искуство од областа на дипломирањето.

И во однос на изборот на директорот на инспектортатот беше побарано ова да не биде политичка функција туку за директор на инспекторат да биде именувано или избрано лице кое ќе произлезе од институцијата и ќе ја познава работата на инспекторатот.

Синдикатот на УПОЗ има забелешка и во однос на месечните планови и извештаи пришто Деаноски сугерираше наместо месечен план и месечен извештај да се предвидат годишни или квартални планови и извештаи, бидејќи според него со изготвувањето на извештаи непотребно ќе се обременува работата на инспекторите. Ако на ова уште се надоврзе и недоволниот број на инспектори тогаш навистина работното време на иснпекторите  наместо на терен ќе поминува во канцеларија пишувајќи извештаи. Токму затоа, покрај ова, Синдикатот на УПОЗ смета дека е потребно вработување на нови инспектори и пополнување на испразнетите работни места, бидејќи скоро сите инспекторати имаат многу помал број вработени од она што е предвидено во правилниците за систематизација.

Според Синдикатот, потребно е да се предвидат и нови звања.

Да се предвидат нови звања за инспекторите од категоријата В, односно инспекторите да не бидат на исто ниво со административните службеници. Не јасно е какви работни задачи би извршувало лицето на ниво Б1 – Генерален инспектор”, се запраша и ги запраша изготвувачите на законот генералниот секретар Трпе Деаноски, кој исто така ги отвори и дилемите во однос на оценувањето сметајќи дека оценувањето се доведува во прашање поради не доволниот број вработени инспектори, кои поради ваквата ситуација повеќе работат на вонредни надзори отколку на редовни кои се зацртани во нивните планови и според кои тие се оценуваат.

Она, пак што го смета за позитивно Синдикатот на УПОЗ и кое е за пофалба е предвидениот додаток на плата за ризик од 30%, наградувањето и осигурувањето од несреќа при работа.

На јавната дебата во Собранието покрај пратениците и претставниците на Синдикатот на УПОЗ учествуваа и невладини организации, институции и други засегнати страни.