Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски учествуваше на одбележување на 20 годишниот јубилеј од основањето на Синдикатот на управата на Република Српска

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски се одзва на поканата и присуствуваше на 20 годишниот јубилеј од основањето на Синдикатот на управата на Република Српска што се одржа на 16 март во Добој. На овој начин тој им изрази поддршка за синдикалното движење и упати честитки по повод јубилејот посакувајќи им уште многубројни јубилеји.

Грујовски подвлече дека ова е јубилеј за почит, бидејќи во исто време означува 20 години истрајна борба за подобри услови за работа и борба за подобри права на работниците вработени во управата.

 „Целта на секој синдикат се правата! Право за подобра положба на оние коишто ги застапуваме, право на достоинствена работа, право на достоинствена плата, право на подобри услови за работа, право на подобра законска регулатива, но и право на инсистирање на примена на законските прописи. Вашите и наши барања се многу слични, донекаде и исти. Вие, Синдикатот на управата на Република Српска барате измена на Законот за плати и покачување на платата, ние Синдикатот на УПОЗ баравме и добивме измени на Законот на судска служба со кои и вработените во судовите добија додатоци на плата. Барате да се воспостави Регистар на вработени во управата, а нашата држава веќе го пополнува тој Регистар со кој конечно ќе се преброиме и ќе знаеме на колку работници  егзистенцијата им зависи од буџетот на државата. Вашата власт најави реформа на јавната управа и вие барате и ќе настапите со преговарачка платформа за реформата, а ние веќе сме сред реформа на јавната администрација, исто така обидувајќи се да бидеме дел од неа со свои забелешки, сугестии и цели кои сметаме дека треба да се инкорпорираат во законските измени. Вие барате да нема отпуштања и сите работници да си ги задржат своите работни места, бараме и ние, нашата Влада да ги направи реформите без да им наштети на работниците, односно без отпуштања и без тие да останат без егзизстенција", истакна во своето пригодно обраќање пред присутните претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски.  

Тој уште додаде дека синдикалните цели и барања се речиси секаде исти и тоа е она што ги прави синдикатите посилни, затоа што во таа борба, која иако се одвива на различни страни од Балканот ги спојуваат заедничките цели.

Учеството во одбележувањето на 20-годишниот јубилеј на Синдикатот на управата на Република Српска беше можност за отворање на нови плодни соработки и договори на двата синдиката како и другите синдикати кои присуствуваа на прославата.

Овој јубилеј на Синдикатот на управата на Република Српска со своето присуство го збогатија и колегите од Синдикатот на Правосудството на Србија, Синдикат на државните службеници и другите вработени во Федерацијата Босна и Херцеговина, како и претседателот на Конфедерацијата на Синдикати на Република Српска и кои ја истакнаа важноста на синдикатот за сигурноста на работниците. 

Осми март одбележан на еден поинаков начин

Синдикалната организација при локалната самоуправа Карпош, пред своето членство и пред претставниците на Синдикатот на УПОЗ и од Општината, во петокот даде отчет на сработеното во текот на 2018 година. Во духот на синдикалната борба и на еден поинаков начин, воедно беше одбележан и Меѓународниот ден на жената - осми март.

Годишниот извештај пред присутните членови на синдикалната организација од локалната самоуправа Карпош, со видео презентација, детално го презентираше претседателката Гордана Максимовска, која патем се заблагодари на отворената соработка и поддршката што ја добива од раководството на општината.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски, нагласи дека синдикалната борба за работнички права е многу блиску со борбата за правата на жените, а градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, честитајќи им го празникот на припадничките на понежниот пол, порача дека борбата за родова еднаквост ќе биде наше секојдневие. Според истражувањето на Реактор, нагласи Богоев, по индексот на родова еднаквост, Општина Карпош е на високото петто место, од 81 општина во државата по вклученост на жените во локалната самоуправа.

На крајот од овој настан на сите присутни припаднички на понежниот пол, Синдикалната организација при Општина Карпош им подели по една роза.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ на јавната расправа по Предлог-законот за извршување на санкциите ги изнесоа своите забелешки по однос на бенефицираниот стаж,  постапката за оценување, додатоците на плата, унапредувањето на вработените во казнено и воспитно поправните установи и други прашања со цел подобрување на законското решение.

На Шеесет и втората седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на Република Македонија која се одржа на 13.02.2019 година, а на која на дневен ред беше јавната расправа по Предлог-законот за извршување на санкциите, учество зеде и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) претставен од генералниот секретар Трпе Деаноски, како и претстедателот на Одборот на Казнено - поправните установи и Воспитно - поправните установи, Звонимир Бошњак. На јавната дебата учествуваа и пратеници, невладини организации, синдикати, институции и други засегнати страни.

Во врска со Предлог - законот за извршување на санкциите, генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Деаноски ги истакна забелешките од страна на Синдикатот при што се задржа на неколку клучни прашања. Тој во своето излагање особен акцент стави на правото на бенефициран стаж, заложувајќи се притоа бенефицираниот стаж да важи за сите вработени во Казнено -  поправните установи и Воспитно - поправните установи.

Не помалку важен е и делот на постапката за оценување. Генералниот секретар рече дека наша забелешка како Синдикат е, и побара да се направат измени, во Предлог - законот да се предвиди и награда за добиена оценка ,,особено се истакнува” за затворските полицајци. Исто така, тој побара да се усогласат и додатоците на плата со Општиот колективен договор во јавниот сектор. Во однос на унапредувањето на вработените беше посочено дека е потребно поголемо користење на праксата на интерните огалси за полесно унапредување на вработените на сметка на ново вработените.

Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски исто така потенцираше дека е потребно да се зголемат и годишните обуки и едукацијата на вработените, но и конечно да се реши прашањето со опремата и условите во кои работат вработените во затворите.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) е свесен дека системот на извршување на санкциите претставува комплексна и чувствителна материја која ги регулира правата на осудените лица и децата, и дека заради тоа е неопходно негово постојано надградување и усовршување, како и усогласување со меѓународните стандарди и најдобрите практики од областа на извршувањето на санкциите, и токму во таа насока беше заложбата и учеството на јавната дебата по Предлог - законот за извршување на санкции.

Синдикатот на УПОЗ со раководството на Агенцијата за катастар на недвижности разговараше за актиуелни теми како што се потпишувањето на колективниот договор, додатокот за степенот на кариера, оценувањето на државните службеници, како и претстојната измена на систематизацијата.

Претстедателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) Пецо Грујовски, заедно со Генералниот Секретар на Синдикатот Трпе Деаноски како и претседателот на синдикалната организација при АКН Љубиша Јовановски и неговиот заменик Слаѓан Јовановски, остварија работен состанок со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев.

На состанокот се разговараше за потпишувањето на колективниот договор, а стана збор и за понатамошните активности во периодот што доаѓа, со што ќе се заокружи процесот на потпишување на колективниот договор со Синдикатот на УПОЗ. 

Една од актуелните теми беше и темата во врска со додатокот за степенот на кариера. Претставниците на синдикатот и раководствто на Агенцијата при тоа постигнаа договор ако се најде законска рамка и можност и доколку од страна на Агенцијата за катастар на недвижности има правна и финансиска можност, да се исплати овој надоместок за степен на кариера, во рамките на законот и пропишаните законски услови.

 На крајот на секоја година актуелна тема во институциите е и оценувањето на државните службеници и бидејќи во Агенцијата не било направено согласно со Законот за административни службеници, по член 64, договорено е да се преземат мерки за надминување на состојбата. Од Агенцијата за катастар на недвижности го информираа Синдикатот на УПОЗ дека во нивниот буџет за оваа година се предвидени финансиски средства за исплата на награди, но се бара решение во согласност со одредбите од Законот за административни службеници, како тие да им бидат исплатени на вработените.

На работниот состанок претставниците на Синдикатот на УПОЗ се интересираа и за претстојната измена на систематизацијата на Агенцијата за катастар на недвижности при што тие побараа имените предвидени во систематизацијата на вработените да бидат согласно со Законот за работните односи, коефициентот на сложеност на работата, образование, работни задачи итн...

Директорот на Агенцијата Тунџев ги информираше претставниците на Синдикатот и за претстојните измени на Законот за катастар на недвижности каде што е предвиден опсег на зголемување на основната плата од 5 до 30%, во зависност од систематизираното работно место. Работниот текст на измените на Законот се доставени до Министерството за правда.

Средбата заврши со договор во периодот што следува Синдикатот на УПОЗ и Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности да организираат средба со вработени во Агенцијата на која ќе бидат запознаени со заклучоците од овој состанок.