На поканата на ТВ 24 да се дебатира за реформите во јавниот сектор и престојниот трансфер на вишокот вработени, предизвикот го прифати единствено Синдикатот на УПОЗ. Иако во делот на државната управа, судството и обвинителствата нема превработеност, Синдикатот на УПОЗ внимателно ги следи сите активности и учествува во нив со свои предлози и забелешки.

Што ќе понуди Владата, а што е прифатливо за бизнисот? Пребројување во редовите на администрацијата - кој и под какви услови државната канцеларија и плата ќе ги замени со работа во приватниот сектор? што ќе понуди Владата, а што е прифатливо за бизнисот од операцијата трансфер на административците. Граѓаните бараат квалитетен државен сервис - Владата ги зголеми платите на буџетарите за нови 5%. Дали е на повидок невозможна мисија - контингент на административци да се збогуваат со државната работа и да преминат во прифатниот сектор.

На иста маса, власта, синдикатот и бизнисот, аргументите ги соочија Дамјан Манчевски - Министер за информатичко општество и администрација, Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујвоски и Неби Хоџа - Претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија. 

Министерот Манчевски во текот на дебатата образложи дека откако ќе ги добијат резултатите од функционалната анализа, како и од анализите што ги прават европските експерти ќе ја подготват финалната структура како треба да изгледа новиот систем во јавниот сектор и при тоа најави три базични пакети за решавање на проблемот со вработените лица кои ќе се детектираат како вишок на работното место.

Првиот пакет предвидува доколку има заеднички интерес на вработениот во јавниот сектор и на приватната фирма за да премине во приватната компанија, новиот работодавач да има обврска да му понуди повисока плата на вработениот, а државата ќе го субвенционира делот за придонесите.

Вториот пакет ќе биде државата да ја плати преквалификацијата на вработените од јавниот сектор кои треба да преминат во приватни фирми согласно потребите на приватниот сектор. Третиот пакет ќе биде  метод со отпремнина преку кој ќе им се понуди одреден финансиски пакет на работниците доколку се заинтересирани до го прекинат својот работен однос во јавниот сектор.

Претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски за време на дебатата уште еднаш ги потенцираше забелешките за двата закони, како и начинот на решавање на проблемот со вишокот на вработени при што потсети дека во неколкуте работни средби со Синдикатот на УПОЗ, како и на последната јавна распава министерот Манчевски бил дециден дека во делот на државната администрацијата не се предвидува намалување на вработените, а во некои институции дека ќе има и нови вработувања. Такви се сознанијата и на УПОЗ бидејќи многу институции имаат помал број вработени од потребните и во многу од нив според систематизациите има непополнети работни места. Според тоа, во овие институции, не само што нема вишок на вработени туку ќе има потреби и од нови вработувања.

Министерот Манчевски рече дека се отворени за дополнителни предлози и механизми кои би биле прифатливи за сите во понатамошен дијалог со синдикатите и со стопанските комори и дека ништо не е дефинитивно и крајно и дека Владата сака преку јавни дебати да успее да најде заедничко прифатливо решение кое ќе биде бенефит за сите. Тој потенцира дека сега е направен само концептот како треба да изгледа системот во иднина.

Синдикалната организација при Агенцијата за катастар на недвижности заедно со Синдикатот на УПОЗ, веќе подолг временски период преговараа со раководството на Агенцијата каде што заеднички се бараше решение и начин за зголемување на платите на вработените во Агенцијата за катастар

Имено, треба да потенцираме дека станува збор за специфична група на вработени кои со години немаа добиено никакво покачување на платите. Да појасниме дека бидејќи станува збор за агенција, оваа државна институција се финансира самостојно од наплата на услугите и делумно од основниот буџет, но за зголемувањето на приходите на вработените одлучува сама. 

Парите за покачувањето на платите на сите 837 вработени службеници  се обезбедени од сопствениот буџет, односно зголемувањата на платите за вработените во сите сектори, одделенија и подружници е од самофинансирачкиот буџет на Агенцијата.  

За таа цел стапува во сила Правилникот за зголемување на основната плата и зголемувањето на додатоците на основната плата во Агенцијата за катастар на недвижности и сите вработени во оваа институција заклучно со септември ќе добијат зголемување на примањата од 15, 20 па и 30 отсто, од кои последната ставка за работниците од ИТ-секторот. Ова е одлука на управата на Катастарот. 

Синдикатот на УПОЗ е задоволен од заедничкиот успех постигнат со Синдикалната организација при Агенцијата за катастар на недвижности и воедно нивниот успех не охрабрува сите нас и ни дава надеж дека секаде каде што е можно и каде што за покачувањето може самостојно да одлучува, потребно е синдикалните претставници да преговараат, и да се договори покачување на платите.   

Истражување во рамки на проектот „Права на работа, работата за правата” покажа дека информираноста на младите за работничките права е на многу ниско ниво.

Со поддршката од Европската унија, преку програмата Ерасмус + во младинскиот сектор, младите од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словачка имаат можност детално да се информираат за своите работнички права, како истите да ги користат во работното опкружување, но и да ги препознаат негативните појави и достапноста на механизмите на заштита.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), пак, е еден од 10-те партнери од синдикатите, младинските организации и образовниот сектор, кој со заеднички сили учествуваат во реализација на проектот “Права на работа, работата за правата”.

Во рамки на проектот беше реализирано истражување што го реализираше Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа – Универзитет од Ријека во Хрватска, според кое нивото на информираност на младите за нивните работнички права е на многу ниско ниво. Истражувањето е спроведено на илјада млади вработени во јавниот сектор, а проектот се имплементира од декември 2018 година и започна со истражување на млади вработени за тоа колку ги користат своите права од работен однос и положбата во нивното работно опкружување.

Следејќи ги потребите на младите, анкетирани обучени едукатори – млади активисти на синдикатите од вклучените земји, во текот на летото разговараа за најразлични теми кои ги засегаат младите, како што се мобингот, правото на породилно отсуство, боледувањето, употреба на слободни денови за дополнително образование и многу други прашања од областа на Законот за работните односи што ги интересираат младите вработени. Повеќе од 200 млади луѓе од државава досега учествуваа на овие работилници и добија информации од прва рака.

„Резултатите од овој проект, заеднички со препораките за продолжување на оваа тема не се важни само за младите луѓе, туку и за сите вработени. Проектот ќе биде претставени на завршната конференција која што ќе се одржи во Белград на 28 и 29 ноември, со претставници на меѓународни институции и државните органи од секоја држава”, изјави Бојан Трипуноски, претседател на Секцијата на млади при Синдикатот на УПОЗ и национален координатор од Северна Македонија.

Идејата е да се подигне свеста и во работното опкружување на младите вработени. Во таа насока, изработен е информативен и едукативен видео материјал, но и брошура направена на јазик разбирлив за младите „Водич низ правата од работен однос на младите, појави кои ги загрозуваат и механизмите на заштита” која содржи бројни примери од пракса. 

Денес до Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), пристигнаа неофицијални информации за пролонгирање на долго најавуваното зголемување на платите на администрацијата од 5%, започнувајќи со септемвриската плата.

Иако на седницата на Владата на РСМ од 08.01.2019 година на која беше донесена Одлука за утврдување на вредноста на бодот за пресметка на плата на државните службеници, во “5 до 12” (денес) известени се сите корисници на буџетот дека најавеното зголемување ќе се пролонгира по донесување на Законот за плати во РСМ.

Иако од Министерот за информатичко општество и администрација по нашата реакција, бевме информирани дека зголемувањето ќе се реализира наскоро по усвојување на ребалансот на Буџетот, сметаме дека ова е неодговорно.

Но без оглед на се, па дури и во наредната недела да се донесе законската измена, со што ќе се реализира најавеното зголемување, сметаме дека ова е некоректен однос на државата кон вработените и за ова бараме некој од надлежните да сноси одговорност.