Денес Синдикатот на УПОЗ писмено се обрати до Владата на РСМ и Министерството за информатичко општество и администрација кое ви го пренесуваме во целост. 

"Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија  (УПОЗ), како репрезентативен Синдикат  свесен за моментот во кој се наоѓа земјата и потребите од единство, солидарност, меѓусебно помагање и одговорност на сите граѓани, денес се обрати со барање до Владата на Р. С. Македонија во врска со предлогот изнесен од претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) г- динот Зоран Заев.

Синдикатот на УПОЗ смета дека предложената мерка во делот на платите е дискриминаторска бидејќи јавната администрација и јавниот сектор се ставаат во понеповолна положба во однос на другите вработени. Предложената мерка за исплаќање на минимална плата за месеците април и мај за јавната администрација сметаме дека не е добро осмислена и таа остава само привид на некаква лажна солидарност. Доколку Владата го прифати овој предлог, значително ќе биде загрозена егзистенцијата на илјадници вработени во јавната администрација чии плати и онака се под просечната плата во државата.

Точно е дека финансискиот товар од кризата треба да го поделиме сите, ама тоа не значи дека целиот цех треба да го платат работниците и сиромашните, а олигарсите, бизнисмените, богаташите и големите компании да останат поштедени.

Доколку Владата смета дека и јавната администрација и јавниот сектор треба да понесат дел од товарот во кризата, сметаме дека има поприфатливи решенија и варијанти со кои ќе се покаже поголема солидарност спрема вработените, но никако минимална плата за сите категории вработени.

Јавната администрација е постојано на удар, а сепак тие се луѓе кои чесно ја заработуваат својата плата, огромен број од нив едвај врзуваат крај со крај и живеат на рати и кредити. Со оглед на тоа што над 75% од јавната администрација имаат плати пониски од државниот просек и во нормални услови едвај преживуваат, Синдикатот на УПОЗ предлага да не се задира во ниту една плата која е под републичкиот просек.

Синдикатот на УПОЗ укажува дека при донесување на одлуката, Владата мора да има во предвид и некои други показатели, дека со исплата на минималната плата особено ќе бидат погодени самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработените кои живат под кирија и оние кои се единствени вработени во нивните семејства.

За Синдикатот на УПОЗ предлогот за исплата на минимална плата е неприфатлив и од аспект што не е земено во предвид работењето на Царинската управа, Управата за јавни приходи, инспекциските служби, пожарникарите, судовите и судската полиција кои и покрај сите препораки за скратувањето на работното време и работа од дома, работат со полно работно време, секојдневно се на терен без заштитна опрема и ги извршуваат своите работни задачи."  

Во глава III од Колективниот договор каде што се регулираат правата на плата, надоместоци на плата и други примања, предвидено е дека вработениот има право на нив согласно закон, општите прописи за работни односи, овој колективен договор и поединечните колективни договори. Но за Синдикатот значајна придобивка е тоа што синдикалниот претставник ќе учествува во процесот на подготвување на буџетот на работодавачот што досега не беше случај. Исто така во овој дел важно е тоа што платата на вработените кои вршат помошно - технички работи со полно работно време и нормален учинок, не може да биде пониска од минималната плата утврдена со закон.

Вработениот има право и на додаток на плата за ноќна работа, работа во смени, работа во празник и прекувремена работа при што има право на плата што му припаѓа во тие денови, а додатоците меѓу себе не се исклучуваат.

Вработениот има право и на надоместување на трошоците поврзани со работа, како и други надоместоци, согласно општите прописи за работните односи и колективен договор, како што се патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата (кои досега не се исплаќаа). Исто така со Гранскиот колективен договор се регулираат и надоместоците за трошоци за одвоен живот од семејството, селидбените трошоци, трошоците за работа на терен, трошоците за погреб во случај на смрт на вработениот или член на неговото семејство (брачен другар и деца родени во брак или надвор од брак, посиноци, посвоени деца и деца земени за издржување), штета при елементарни непогоди, регрес за годишен одмор, трошок при подолго боледување на вработениот.

Синдикатот ќе има свој преставник при донесување на систематизацијата на работните места.

Во врска со потпишувањето на Гранскиот колективен договор, сакаме да ги информираме нашите членови, кои права ги добиваат со овој колективен договор. Во делот на општите одредби е договорено дека Синдикалните организации на Синдикатот на УПОЗ со свој претставник учествуваат во процесот на спроведување на вертикалната функционална анализа, изготвување на правилилници за внатрешна органиација и систематизација на работните места, како и на нивните измени и дополнувања.

Работа во деновите кои се неработни солгасно закон, може да се предвиди само во случај на виша сила и зголемен обем на работа и таа мора да се најави на работникот два дена однапред.

Правото на паузи (30 минути во текот на денот), во случај каде според карактерот и природата на работите и задачите не се дозволува прекин на работата, како и во услови на работа со странки, паузата може да се организира на начин кој обезбедува непречено извршување на работата, а вработените да го оствари своето право.Новина е и тоа што вработениот во текот на месецот може да се јави на работното место со задоцнување, а без притоа да биде санкциониран од работодавачот најмногу 4 часа во текот на еден месец.

Во наредниот период, ќе следат повеќе информации во врска со Гранскиот колективен договор.

На ден 27.02.2020 година во Струмица, 50-тина членови на Синдикатот на УПОЗ од Управата за јавни приходи, Државниот завод за статистика, Основен суд Радовиш, Основен суд Струмица, Општина Гевгелија и Општина Богданци,беа дел работилницата на тема „Подигни ја својата свест, пријави корупција, биди одговорен”.

Ова е третата по ред работилница, која се организира од страна на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), а со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД и беше наменета за работниците во јавниот сектор од Југоисточниот регион.

Вработените во администрацијата секојдневно се соочуваат со предизвиците на корупција и се во клучна позиција да ги идентификуваат, но и да помогнат во спречувањето на овие предизвици. Токму затоа, на работилницата во Струмица, тие се запознаваа со корисни информации на тема корупцијата но и со можните судири на интереси, како и со заштитните законски механизми и начините за препознавање и пријавување на корупцијата, кои се достапни и им стојат на располагање.

„Особено сме среќни и задоволни што феноменот корупција, од вработените во јавниот сектор почна да се препознава како негативна појава која го поткопува развојот на државата. Па така, на овие работилници имаме голем одѕив и присуство на вработени кои доаѓаат од јавни институции како што се судовите, локалните самоуправи, министерствата и агенциите. Веруваме дека само со заеднички напори можеме да ги намалиме негативните ефектите на корупцијата, надевајќи се дека еден ден целосно ќе ја искорениме“, изјави Трпе Деаноски, генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ. 

Покрај работилницата во Струмица, проектот „Подигни ја својата свест, пријави корупција, биди одговорен”, вклучува уште седум други работилници низ државата, наменети за вработените во јавниот сектор и една завршна конференција во Скопје. Проектот се имплементира со цел информирање на членовите на Синдикатот на УПОЗ на теми поврзани со спречувањето на корупцијата, а во исто време, и подигнување на свеста за последиците кои произлегуваат од корупцијата.